Со Томислав Османли, еден од најважните македонски актуелни писатели, човекот кој создава последниве неколку децении врвна литература и публицистика, никогаш не е здодевно! Без оглед дали зборуваме за сегашноста, минатото, или иднината. За старите искуства, или новите предизвици. Или, за актуелностите, како што е неговата најнова книга „Средби и разговори“, за која отстапивме најмногу простор.

Имено… На повеќе од 150 страници текст книгата донесува шест разговори реализирани пред повеќе од 30 години со наши истакнати дејци, родоначалници на неколку области на уметничкото творештво: двајца актери, двајца сликари, еден филмски творец и еден истакнат резбар. Овие повеќечасовни разговори на авторот и новинар Томислав Османли, кои поради ограниченоста на новинскиот простор, биле делумно објавувани на цели страници во весникот „Нова Македонија“ под заедничкиот наслов „Средби со доајените“, а еден и во неделникот „Млад борец“, сега за првпат се објавуваат целосно.

Книгата „Средби и разговори“ е своевидна временска капсула, зашто низ изворна реч и сведоштва на шестмина од редот на нашите најзначајни уметници и дејци кои, одамна веќе, заминаа на онаа страна од македонскиот дел на културната вечност, се реконструира сликата на личниот ентузијазам, вриежот на историските времиња, пречките на кои наидувале низ своите животни врвици, анегдотите, ризичните, но и среќните игри на случаи, како и полетот со кој го пробивале патот на своите врвни уметнички кариери…

„Средби и разговори со дојените на нашата уметност“ е пријатно, но и возбудливо четиво какво што може да го напише животот во историски времиња. Таа е сведоштво за тоа како личните креативни постигања се вградувале во општата вредност на македонската национална култура во новоформираната државност и дел од културниот идентитет кој не престанува да трае.

Тоа стои во најавата за книгата. А, што за неа зборува нејзиниот автор?

Штотуку излезе од печат Вашата најнова книга „Средби и разговори“, во која се опсежните разговори кои ги имавте со Прличко, Благој Дрнков, Коџоман…. Кажете ми за што всушност се работи?

– Книгата „Средби и разговори“, има додавка „со доајени на уметноста“, носи шест долги, верувам, значајни, информативни и повеќекратно содржајни интервјуа со наши истакнати дејци, сите основоположници на творечки домени на современата македонска култура и уметност. Кога ги препрочитував, по неколку децении, пријатно ме изненади богатството од приказни, имиња, ликови, сугестивноста, спонтаноста и воопшто задржаната свежина на овие живо искажани, непосредни, лични, но и културни сведоштва. Сакам да верувам дека истото чувство ќе го доживее и читателот на оваа нивна објава по повеќе од три децении откако се создавани.

Како и кога настанувале овие разговори?

– Овие интервјуа се, веднаш да кажам, само електронски зачуваниот дел од многубројните разговорите што како новинар на магазинот „Млад борец“, на македонското издание на неделникот „Комунист“, на магазинот „21“ и на дневниот весник „Нова Македонија“, последните две децении од минатиот век ги водев со истакнатите сликари Вангел Коџоман и сликарот и муралист Борко Лазески; интервјуата со нашите актерски пионери Тодор Николовски и Петре Прличко, со филмскиот доајен, фотографот и предвоен документарист Благој Дрнков и со големиот копаничар Славе Атанасовски-Крстанче, еден од неколкуте обновители на прочуената западномакедонска школа на резбата…

Кога ги водев овие разговори пред полни триесет и нешто години, сите тие исклучителни, сјајни, разговорливи соговорници, личности со дело и со возбудливи биографии… веќе беа на високи возрасти. Тие наши пионери и доајени одамна веќе се заминати на светлата страна од нашата културна историја, при што нивниот автентичен збор и зачуваните искази денес заблеснуваат со посебни вредности, културна тежина и значај. Овие нивни искази низ неколкукратните подготвителни среќавања кои ги имав со нив, потоа и низ долгите новинарски разговори, досега во најголем дел, останаа непознати за нашата културна и воопшто за широката читателска јавност… Оние објавени делови, пак, од тука комплетно предочените интервјуа со нив – како наслови и како изворници, се разбира заедно со други нивни искази и разговори, влегоа во нивните печатени и електронски биографии…

Со какви мисли денес се сеќавате на тие средби? По што го паметите Прличко, Николовски…?

– Неизоставно, со носталгија и со нови навеви на почит. Конкретно Прличко и Николовски ги паметам по нивните настапи на сцената, Прличко го паметам и од поодблизу од неговиот домашен амбиент во кој сум престојувал уште како дете, кога живееше во Еврејско маало, до старото здание на МНТ, потоа и во бараката на Водно; Николовски по неговите сценски настапи, по дружељубивата боемска питомина, по прекрасните записи во неговата книга насловена едноставно „Сеќавања“, а исполнета со едно богатство од факти за театарскиот живот особено на предвоено Скопје, а секако и по тоа што играше во „Скопски сновиденија“, ТВ филм од 1987 работен според мое сценарио. Но, незаборавна ми е дружбата меѓу нив двајца на која, имаа обичај секоја недела да се среќаваат на ручек кај Прличко.

Таа недела јас го бев задржал Николовски за да го завршам интервјуто кое го работев два дена и го однесов до кај Перица. Прличко шеташе по дворот чекајќи си го прилично задоцнетиот редовен неделен гостин. Тодорче го оставив нешто подлакеу и додека ја вртев колата за назад, застанав: видов со каква радост Петре го пречека својот задоцнет колега. Меѓу нив порано владеело извесно актерско ривалство. Сега беа тоа двајца драги озарени старци. Времето ги смекна, инаку нормалните конкурентски импулси, и работите ги сведе на вистинска мерка, на дружбата на најстарите актери на македонското глумиште.

Инаку сите шестмина „актери“ на книгата „Средби и разговори“ беа и високи  национални дејци, сите учесници во НОБ, делумно општественици, но најмногу тие луѓе беа уметници. Не тргуваа со своите општествени придонеси и позиции – а сите беа славни! – туку живееа за творештвото, за уметноста на која целосно ѝ се предавале и тоа во тешки и неблагопријатни, некогаш и мачни и непријателски времиња… И дури на тој начин, по тој пат, беа ангажирани за доразбивање на националната култура во првата трајна македонска државност. Во нивните искази нема скокотливи политички теми, интригирања и проблематизации; тоа се разговори за нивните животни и уметнички патеки, возбуди и растења зашто нив ги наметнуваа во долгите средби и разговори. Така оваа книга содржи искази кои навистина богато доловуваат шест возбудливи животни патеки, шест креативни дијахроники…

Подзаборавени и преоткривани и од моја страна, верувајте уживав кога ги читав тие живи, темпераментни и свежи, питорескни сведоштва за себе и за времињата низ чии драматични мени овие шест претставници на македонската култура морале да поминуваат… Тоа се разговори за нивните животни и уметнички патеки, анегдоти за себе и за другите учесници во нивните биографии, животни возбуди и творечки растења и успеси… И – над сѐ – над сѐ, една сеприсутна и снажна желба на уметниците, сопственото уметничко постигање да го затемелат и како лична, и како општа вредност: придонес како дел од сопствената, за прв пат слободна национална култура, во новоформираната повоена македонска државност во рамките на една голема земја во чиј уметнички натпревар сите тие суверено учествуваа и супериорно нѐ претставуваа како македонска култура во југословенските филмски, ликовни, театарски, применети уметнички и културни домени, соработки, презентации… А тоа не е мала работа особено за една државно млада култура каква што била македонската од пред шеесет, седумдесет и осумдесет години…

Какви симпатии кај вас буди враќање во минатото? Во која мера дазволувате да ве опфатат носталгините чувства

– Носталгијата има не само интимна лирична димензија, туку и една условно речено, објективна и рационална особеност: таа е едновремено и мерка за квалитетот на сегашноста. Принципот е познат: колку поголемо незадоволството од вредностите што ги манифестира сегашноста, толку е посилно обраќањето кон минатото. Има вистина во тврдењето дека носталгијата е и жал за младост, но кога кон неа прибегнуваат и помлади, кога нови генерации се интересираат за минатите времиња и се обидувата да се задлабочуваат во нив, тогаш очигледно нешто не е во ред со сегашноста… Е, според мене многу што не е во ред со современоста. Еве одбележуваме триесет години од македонската независна државност. И додека главно со општа убеденост ѝ се обраќаме на онаа македонска државност од претходниот период, од народоно-ослободителната борба од првата, асномска, слободна македонска државност, од развојот на едно општество во една сѐ полиберлизирана социјалистичка реалност која својот либерален врв го достигнува во седумдесеттите во која ние живо кореспондиравме со слободоумниот свет и според идеите, културните вредности, уметноста што ја произведувавме, литературата, рок-музиката, дури и според модата – кон оваа стварност се осврнуваме со дубиоза и со недоверба… Зошто, јасно е. Незаводолни сме, главно. А, од што да бидеме задоволни?

Во оваа тридецениска историја сведочевме – со исклучок на почетните години на ентузијазам од новиот почеток на нашата државност, од партискиот плурализам итн. – во најголем дел, непријатности: една брза и искривоколчена приватизација која расточи многу крупни капацитети и многу луѓе остави без работа, и која усреќи само ракатка луѓе што и денес владеат со економската структура и кои продолжуваат да продуцираат незадоволство на широката јавност. Цената на нивната среќа беше пропаста на претпријатијата кои требаше да станат мала и лесно досежна економска вредност. Богатството на ракатка газди, бивши социјалистички директори, го плативме со масовно осиромашување и со уништување на средниот слој кој ние го имавме. Тоа затемели, потоа и устрои еден клепто-капитализам од кој боли глава, нас граѓаните најмногу, но на некакво ајде да кажеме принципиелно ниво – и нашите западни партнери кои непрекинато укажуваат на корупцијата и на непостоењето правна држава како главни проблеми на оваа земја…

Од друга страна, политичките успеси постигани со макотрпни отстапки и со болни, понекогаш и претерани компромиси се прогласуваат за општи вредности. Во ред, тие секако, во еден дел, тоа и сѐ: најнапред постигнувањето на втората, самостојна и независна македонска државност, јасната евроатлантска ориентација, евро-асоцијативниот процес кој започна многу продуктивно, северно-атланското членство кое го сметам за крупен гарант на оваа денес растресена и кревка државност; но, за жал, и горчините од толерирањето на новиот бран комшиски негации и жестоки условувања, една тажно нејасна, перманетно заматувана европска перспектива кон која привидно напредуваме… тоа обичниот човек, граѓаниот го доживува како бенефит само за т.н. елити, што е само елегантно именување на транзициските богатници, гази, тајкуни и други слични… И од тоа тој не гледа никакво фајде. Гледа една држава во која најодговорните, чуварите на правото и на економијата, безмилосно и непринципиелно ги трошат сите супстанции и акумулации. И тоа важи подеднакво за главните партиски протагонисти – како што од поодамна ги нарекувам – за левиот Ојле и десниот Дојле.

Тие три децении покажуваат дека немаат капацитет да создаваат општи туку сѐ повеќе – а денес и исклучиво – лични бенефити. Тие жестоко трошат и распродаваат државни и национални ресурси. Нив не ги владее идеја на општиот бенефит, туку личната прагма и профитерство. Не сакаат да учат од драматичните примери, Бугарија во времето на принудната економска управа, Грција во време на европската „тројка“, Хрватска со огромните раскошности, корупции и долгови… Иднината за нив е долг на некој друг, не наш заеднички. На страна што општествените дејности жестоко ги запоставуваат, пред сѐ здравствената и пензиската сигурност на граѓаните.

Натаму, тие не стимулираат книжевност и култура, меѓу другото зашто и не ги познаваат и, што е трагично, немаат елементарна свест за нивната општестсвена моќ и подвижна сила. На културата гледаат како на простор за профитирања, а на духовните димении на уметноста како на еден вид нужно зло.

И Ојле и Дојле! Нив и нивните главно анонимни антуражи, ќе ги видите на забавни настани, по фестивали и по диридајки, на лажни акции од типот кревање на свесност за сепаратни општествени проблеми, на пригодни академии и политички јубилеи со хорови и сериозна музика, кај што обично ќе испорачаат и говори со компромисно осиромашени историски; и со бледи актуелни пораки… Но, нив – и пред, а и по Ковид-кризата – нема да ги сретнете на редовни концерти, на промоции на книги, на изложби и на оперни и театарски премиери… и на најзначајните наши уметници… како што тоа беше случај со добар дел од функционерите од периодите кон кои се навраќаме со носталгија, па и со покритие. Тие се сами дел од една епидемија на анонимноста, некомпетентноста, партократизмот… И на профитерството кое нема ни мерка, ни периз, ни дин ни иман, што би рекле постарите… и кое обичниот човек од руинираниот среден слој го отуѓува од неговото современие. Живееме жална приказна на грабеж над сегашноста.

Периодот на короната, сепак, интелектуалец од Ваш калибар не го мина со скрстени раце. Работевте и објавувавте… Или, сепак, затвореноста и изолацијата остави трага?

– Па, остави, секако, на човечки план. Особено драматичните бројки, натпреварот со времето откако на крајот од мината година сите европски земји почнаа да вакцинираат, тешките форми на болеста кај некои познаници, смртта на мои пријатели. На творечки план, не остави. Мојата Ковид-19 вакцина, зборувам метафорично, беше посветеноста на творештвото. Ја објавив својата триесетта по ред, но едновремено и прва поетска книга, поемата „Бдеења Блажеби“ посветена на столетието на нашиот корифеј на јазикот и на книжевноста, проследена со текстовите на двајца наши истакнати поети, Ристо Лазаров и Глигор Стојковски, потоа и со освртот на професорот Атанас Вангелов и пофалните препораки на повеќе квалификувани читатели, писатели, почитувачи на делото на Конески, како и подршките на вљубениците во поезијата… Пред тоа ја објавив книгата насловена „Парадоксикон“ која ја исполнуваат фарсични и гротескни раскази за отуѓеноста која го доминира современиот човек, која нѐ доминира и нас на еден специфичен начин, но – сведоци сме – и целиот свет, препнат меѓу технолошкиот просперитет и конзервативната инерција, сила што сѐ повеќе ги овладува сите моќни земји, и чија жртва се другите, зависните, послабите… Сега, еве, од печат излегува „Средби и разговори“, а пред тоа и книги на други автори, домашни и регионални, за кои напишав поговори, анализи и препораки…

Неодамна престојувавте во Хрватска. Со какви импресии се вративте од тоа патување? Особено бидејќи доаѓа по еден период на затворени граници, градови, станови…

– Со прекрасни впечатоци. Процедурите за патувања денес се макотрпни, но по големата изолација, се исплати да се поминуваат. Влегов, со куп документи, но без проблем, покажувајќи двојна вакцинална евиденција од Србија каде што навремено ја примив и втората вакцина. Како што потсетувате, во јуни бев на едномесечна книжевна резиденција во Сплит. Овој преубав јадрански центар е и град на музеи, а и самиот е своевиден град-музеј. Жив, далматински темпераментен, венецијански елегантен, полн со столетни палати од онаа империјалната, Диоклецијанова, до китните домицили на знаменитите сплитски трговци, благородници, книжевници, ликовни уметници, интелектуалци, преродбеници… кои ве пресретнуваат низ живописните улички на Стариот град; градот на хрватскиот преродбеник Марко Марулиќ чие најзначјано поетско дело, поемата „Јудита“ испеана на народен јазик и сплитки дијалект, годинава одбележува 500 години; домицилот на вајарот Иван Мештвовиќ и на сликарот Марино Тартаља, на композиторите Иво Тијардовиќ и Јаков Готовац, Сплит на „Слободна Далмација“, на спортската легенда, хрватска и југословенска, фудбалскиот тим „Хајдук“, на култниот автор Миљенско Смоје, на актерите Борис Дворник и Здравка Крстуловиќ и на голем број други уметници… а, за мене и место на средби со писатели и драматурзи како Марина Вујчиќ, Ивица Иванишевиќ, актерот и сценарист Елвис Бошњак, критичарката Патриција Хорват… еден рој од драги познанства и креативни пријателства.

Важите за многу вреден писател. Да ли освен „Средби и разговори“ во 2021 би можеле да очекуваме и нов ракопис?

– Наскоро во „Бегемеот“ треба да излезе мојата книга „Стрип – деветта уметност“, со теоретски разгледи и анализи на медиумот и творештвото на оваа значајна творчка дисциплина, со верувам најцеловитата авторски претставена хроника на македонскиот класичен стрип и стрит-арт графизам. На финализацијата на оваа книга сум и посветен веќе неколку месеци. Тоа е огромен труд на барање нови содржини, стари парадигматични стрип-творби за илустрирање на богатиот материјал, накусо опсежна и минуциозна работа на која не запрев ни во Сплит и проект во кој ја добив несебичната поддршка на Александар Стеванов, највалидното име на нашата истражувачка стрип историја и публицистика; и, секако, на издавачот Филип Димевски кој внимателно го проследува комплексниот текст и графички го бруси изданието на оваа книга; и ме поттикнува на работа со една прекрасна порака: „…уште малку трпение, и ќе имаме издание вредно за паметење со години!“…


Се надевам дека тоа ќе биде така, токму според благородното навестување на Филип во кое се содржи свеста дека со оваа книга даваме темелен придонес кон една сѐ позначајна и кај нас, креативно, сѐ поквалитетно работена творечка дисциплина, вербо-визуелната уметност на стрипот. Во културата и уметноста, ете од стрипот до книжевноста, фаќаме најдобар чекор со светот.

 

Иван Беќковиќ  

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.