Во рамките на јубилејот „100 години од раѓањето на Блаже Конески“, на 5 мај во 12 часот во паркот пред Културно-информативниот центар ќе се одржи трибина на тема: „Блаже Конески денес“. Од КИЦ најавуваат дека на трибината, ликот и делото на Конески ќе се осветлат и во потесна смисла и во поширока смисла.

„Во потесна смисла: она што претставува неговото творештво денес во македонската општествена, културнопросветна и научна стварност, како стимул и корпус. Во поширока смисла: како влог во една воспоставена лингвопоетичка традиција во македонистиката, од којашто произлегува препознатлива лингвистичка школа, која со право го носи неговото име: Школа на Блаже Конески“, е наведено во најавата за трибината.

На настанот ќе учествуваат: Димитар Пандев, Бобан Карапејовски и Бојан Петревски. Настанот ќе биде пренесуван во живо на фејсбук-страницата на КИЦ – Скопје.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.