Во дискографијата на овие простори важи една теза дека Горан Бреговиќ и неговото „Бијело дугме“, иако беа доминантни во 15-ина години колку што беа активни на сцената, никогаш не успеале да реализираат добар концертен албум, достоен на големината на името на бендот кој важи за најдобар, најзначаен, нај, нај…, на овие простори.

Наводно, тоа не се случи ниту со „Концерт код Хајдучке чесме“ од 1977-ма, кога место снимка од легендарната Хајдучка чешма во Белград, каде се одржа култниот настан, нешто како југословенски Вудсток, на винилот беше отисната снимка од нивниот концерт, од салата „Ѓуро Салај“ во Сараево, неколку месеци подоцна.

Незадоволни од техничките перформанси од хепенингот во Белград, Бреговиќ, Бебек и компанија одржаа инкогнито свирка во Сараево, колку да ја снимат технички, на која елегантно ги „залепија“ врисоците и еуфоријата забележана кај Хајдучка чешма. Но, тоа едноставно не помина како што се очекуваше.

Не верувајќи дека и следниот концерт од 5. април 1981 во Кулушиќ во Загреб ќе помине како референтен концертен албум, кога Дугме го промовираа „Доживјети стоту“, итриот Бреговиќ се досетил – тиражот однапред беше лимитиран на 20.000 копии. Па, кога не може да биде релевантен, барем нека биде ексклузивен.

Така се мислеше тогаш…

„5. април '81“ - foto: Siniša Bosanac

„5. април ’81“ – фото: Siniša Bosanac

Наводно, и третиот обид, двојниот live албум на Бијело дугме – „Мрамор, камен и жељезо“ не ги оправда очекувањата. Напротив! Снимките од турнејата 1987-ма никогаш не беа сфатени сериозно. Тоа беше турнејата, на која (за прв пат со Ален Исламовиќ како вокалист), го промовираа албумот „Пљуни и запјевај моја Југославијо“, уште тогаш вистински бестселер, достоен на тиражот од над 500.000 примероци, кои беа доволни да биде прогласен за најпродаван ју-рок албум на сите времиња.

Денес, кога Croatia Records повторно на винил го дава на увид „5. Април ‘81“, како да е време некои мислења да бидат ревидирани.

Но, најнапред да се разбереме – што се смета за добар, репрезентативен албум снимен во живо? Оној кој успеа да ја забележи автентичната енергија која музичарите ја испорачуваат од бината, која експресно им ја возвраќа публиката. И така во круг… Нешто како акција и реакција…

Ако останеме во вилаетот на регионот, легендата вели дека тие кружни енергии најдобро се забележани на албумите „Равно до дна“ на „Азра“, „У име народа“ на „Рибља чорба“, „Акустична траума“ на „Леб и сол“, „Браќо и сестре“ на „Електрични оргазам“, „19LIVE86“ na „Екатарина Велика“, „Ако сте слободни вечерас“ на „Булдожер“, „Slišiš, Školjka Poje Ti“ на „Лачни Франц“, „У твојим молитвама“ на Балашевиќ…

Но, тоа е некоја друга приказна…

Главната ѕвезда на овој новинарски запис треба да биде актуелната ре-објава на „Дугме“ – „5. Април ‘81“, во издание на Croatia Records.

Тоа е оној албум кој на насловната ги има оние три девојчиња… Или беа две?!

Оригинално, беше едно девојче, во три различни пози, од кои едната, од денешната гледна точка се смета за екстремно експлицитна, па, на некој начин Бреговиќ повторно доби цензура на обвивката, како и 1979-та, кога за албумот „Битанга и принцеза“ не помина феноменалниот предлог на Драган С. Стефановиќ, на кој женска штикла се упатува кај машкото меѓуножје. Останато е легенда.

Иако, овој пат, искрено, како и секој претходно, цензурата е исклучиво во полза на самиот Бреговиќ. Особено ако се знае со какво воодушевување во регионот е пречекана веста за повторното излегување на винил на вториот „жив албум“ на Бијело дугме.

„5. април ‘81“ е одличен албум, важно реиздание снимено во загребскиот Кулушиќ, и автентична  приказна за тоа како беше на лице место во тоа време.

А, кога сме кај цензурирањето, уште една легенда вели дека и пред 15 години фабриката во Бугарија одбила да ја испечати оригиналната корица за овој албум на CD!!! Значи, ова не е прв пат!

Од тие причини денес се буни и момчето од „Nevermind“-от на „Нирвана“, кое голо, како од мајка родено, плива во базенот по банкнота од еден долар.

Во текстот на ре-изданието на „5. Април ‘81“ стои: Горан Бреговиќ и Бијело дугме прецизно се позиционираа меѓу новата, млада публика, која растеше на панкот и на новиот бран.

Албумот „Доживјети стоту“ беше промовиран на голема југословенска турнеја, во чии рамки настапија на 2. март 1981 година на голем концерт во загрепскиот „Дом спортова“. Сосема неочекувано решија да направат уште еден загрепски настап, со кој ја завршија турнејата, во познатиот клуб Кулушиќ. Резиденцијалното место не само на Загреб, туку и на југословенскиот нов бран, така беше домаќин на Бијело дугме на претстава што не беше рекламирана. Сепак, усната традиција Кулушиќ ја исполни до последно место, на тој 5. април 1981 година.

Токму овој концерт го претстави Бијело дугме во поинакво светло, енергично и посупериорно од другите изданија на бендот снимени во живо, а односот помеѓу бендот и публиката беше како оној на легендарните Queen, на Live Aid, само за многу помала публика.


Бебек покажа дека е најдобриот фронтмен во историјата на рокот на нашите простори, а бендот докажа дека има многу да каже во екот на новиот бран. „5. април ’81“ ги открива сите оние состојки кои го направиле Бијело дугме големо, силно и неизбежно, а 40 години подоцна неговата важност не се намалува…

Една урбана легенда открива дека Бреговиќ не беше задоволна од звукот на break-от на тапаните на една песна, а, бидејќи сите веќе отпатуваа со инструментите, требаше да се импровизира.

– Зедов обичен, дрвен стол, обичен динамичен микрофон, а Брега зеде стап и го „отсвири“ делот на столчето. Обидете се да го најдете тоа место на албумот – нема да успеете! Звуците на тапаните не се разликуваат од звуците на тоа столче. Па сега кажете дека тоа не беа прекрасни времиња – вели Хрвоје Хегедушиќ, тон-мајсторот на концертот.

Во 1981 година, албумот со себе донесе контроверзии околу обвивката, а во разговор со авторот на фотосесијата и концептот, сараевскиот фотограф и дизајнер Драган С. Стефановиќ, се откри дека оригиналниот концепт на корица не вклучувал такво нешто…

Така, со негова дозвола, но и со дозвола на таткото на починатото девојче, босанскиот актер, ТВ водител и забавувач Младен Јеличиќ Трока, направена е нова насловна, која е најверна презентација на оригиналниот концепт на каверот.

Уметничкиот дизајн на реиздавањето го направи врвниот дизајнер Дарко Кујунџиќ. За разлика од оригиналниот празен заден дел од пакувањето, во реизданието е цитирана најавата за концерт на култниот хрватски музички критичар и новинар Дражен Врдољак:

“Dobra večer i dobro došli u Kulušić. Na posljednjem koncertu u okviru jugoslovenske turneje ‘Doživjeti stotu’ pred vama su Điđi, Vlado, Zoran, Željko i Goran. U dv’je riječi – Bijelo dugme!”– Dražen Vrdoljak, Kulušić – Zagreb…

Можеби најдобрата критика за албумот, ваков, како што изгледа и звучи денес, ја напишал угледниот хрватски новинар Хрвоје Хорват:

– „Доживјети стоту“ останува последниот важен албум на Бијело дугме, по кој сè тргна надолу. Жељко Бебек остана и на солидната „Успаванка за Радмилу М.“ 1983 година, по што налетот на новокомпонирани народни песни ја избришаа секоја мисла за Дугме како урбана рок машина од Кулушиќ во 1981 година.

Затоа, „5 април ‘81“. останува важен историски доказ за можностите на Бреговиќ и тимот пред да влезе во естрадната фаза од неговата кариера со темата „како је пропао рокенрол“ со Ален Исламовиќ во главна улога…

Или, уште една, како би кажал Брега – „ординарна прича“…


Иван Беќковиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.