Децата знаат најдобро – „Sвездено дете“, „Девојче и мече“, „Девојчето и градот“..., се само некои од сликовниците кои ги има илустрирано Ване Костуранов, еден од најангажираните македонски сликари и илустратори. Ване живее во Струмица, има 42 години, а со сликарството се занимава повеќе од две децении. Зад него се 12 самостојни изложби, а за своја работа повеќе пати беше наградуван. На она што го работи Ване подеднакво се воодушевуваат и во Белград и во Загреб, за што зборуваат постојаните ангажмани кои ги има во регионот.

Деновиве е ангажиран на нов проект, кој веќе на стартот се здоби со статусот Безвременски…

Колку ти значи работата на сликовницата во која ги илустрираш песните на Видое Подгорец?

– Среќен сум што имав можност да работам на книга која има било каква врска со Видое Подгорец, а особено што имав можност да работам на илустрации токму за оваа книга, која е избор од 14 песни за деца, по избор на Никола Гелевски, во издание на Темплум. Кога ги читате неговите песни, не можете да кажете дали се напишани денес или пред 50 години, затоа што се безвременски, а тоа е главниот квалитет на добрата уметност. Иако по возраст потекнуваме од две многу различни генерации, сметам дека нашите уметнички сензибилитети се блиски и работата на илустрациите ми беше големо задоволство, но и огромна одговорност. Прекрасна е идејата на Гелевски да издаваат класични и значајни дела од македонски автори за деца, илустрирани од современи македонски автори.

Постојано си ангажиран во нови проекти – Македонија, Србија, Хрватска… Како ја коментираш констатацијата дека сите сакаат илустрации од Ване?

– Не би рекол дека сите сакаат илустрации од мене, но навистина сум среќен што еден мал број драги луѓе изразија желба да ги илустрирам нивните текстови и што создадовме сликовници од кои сум многу задоволен. Во Хрватска илустраторската сцена е многу поразвиена и има подолг континуитет, за разлика од Македонија и изобилува со одлични илустратори. Да се биде дел од таа сцена за мене е голема чест.

Колку тие ангажмани ти попречуваат да создаваш некој свој нов циклус илустрации?

– Оваа година повеќето време го поминувам работејќи илустрации за туѓи текстови од најразлични автори затоа што ми беше предизвик да се пробам и во таква улога. Сигурно дека тоа не ми остава доволно време за да се посветам на моја авторска сликовница, но во исто време, соработките со писатели од Македонија и од регионот ми е многу важна затоа што сите се автори кои ги почитувам и сметам дека можам да научам многу од тие соработки.

Дали е на повидок нова изложба на Ване Костуранов?

– Се надевам дека ситуацијата со пандемијата ќе се смири и дека ќе имаме една мирна есен, посакувам да е така и да можам да ги изложам делата на кои работам последниве неколку години.

Од каде Ване ја црпе мотивацијата и инспирацијата за нови моменти во својата кариера?

– Животот е постојана инсирација – сите наши секојдевни победи и порази, средбите и разделбите, убавината на музиката, филмот, книгата, сѐ свесно и несвесно. Сѐ може да биде инспиративно ако човек е отворен да биде инспириран. А кога ги има и погодните услови, тогаш испирацијата која се создавала внатре, едноставно протекува и се манифестира во форма на слика/илустрација/книга.

Имаш ли своја најомилена слика/ илустрација, на која не можеш да престанеш да и се восхитуваш?

– Има премногу слики, автори и илустрации на кои им се восхитувам, сликите на Жан Мишел Баскијат, Петар Мазев, сликовниците на Свјетлан Јунаковиќ, Оливер Џеферс…

Иван Беќковиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.