Колку некои работи имаат вредност, најдобро покажува кога, по одредено време, ќе се види нивниот значај. Како делото на Зафир Хаџиманов, македонскиот уметник кој кариерата ја градеше во Белград, секогаш враќајќи се во своја Македонија.

Затоа, кога лани на иницијатива на Наталија Цајиќ, од „Југотон – Кроација Рекордс“, на компакт-диск се појави неговиот албум од 80-те – Зафир пее – Македонија пее“, за кој сметаше дека е врв во неговата кариера, и за кој компонираше музика на текстови на македонските поетски великани, дефинитивно ни беше јасно каков уметник беше Зафир.

Човекот кој градеше мостови меѓу Белград и Скопје, зацврстувајќи ја таа врска до максимални граници. Зафир градеше мостови, по кои ние сега одиме.

Мостоградителот замина, но мостовите останаа. За вечност.

Одтаму, Зафир е подеднакво ценет и во Македонија, и во Србија. Затоа и од двете држави доби виски признанија. За својот труд и углед со кој се одликуваа неговите дела.

– Фактот дека двете земји се сетија да го наградат Зафир за заслуги е големa чест. Благодарен сум, убаво е чувството, иако постои тага што тој не го прими. Но, наше е да бидеме горди на неговата работа и достигнувања и сето она што ни го остави како наследство – изјави за белградските медиуми неговиот син, Васил Хаџиманов, по враќањето од Скопје, каде од председателот на Македонија Стево Пендаровски ја прими наградата место неговиот татко.

– Зафир Хаџиманов постхумно се одликува за огромниот придонес во специфичниот полижанровски развој во сферата на уметничкото творештво, за богатиот и специфичен опус во сферата на музиката, компонирањето и вокалната интерпретација, за иновативните модели на промоција на традиционалните хармонии и специфики во македонската музика низ современи и популарни форми – стоеше во образложението на наградата.

Србија на славниот композитор му додели Орден на Караѓорѓевата ѕвезда од прв степен.

Зафир Хаџиманов, кого го паметиме по песните и актерството, почина на 27 март, од последиците на коронавирус на 78 -годишна возраст.

– Во ова време на недостаток на култура и недостаток на ангажман за уметниците, кога се зема предвид само она што се случи минатиот викенд, ова е добар знак дека се препознава неговата големина и важност што ја постигна, особено затоа што беше помалку активен во последните десет години. Многу убав гест и показател дека се размислува и на генерациите што беа покосени од оваа пандемија. Толку многу великани ја напуштија нашата уметничка сцена, па е важно да го сочуваме она што го оставија зад себе – истакнува Васил Хаџиманов.

За својот татко, Васил вели дека беше човек кој постојано ги менуваше брзините…

– Час беше со глума, потоа со концертни настапи, па беше посветен на пишување поезија, потоа ќе се префрли на пишување проза. Тој беше исклучителен пејач, специфичен. Тој има албум кој, за жал, никогаш не беше објавен, го снимаше во осумдесеттите години од минатиот век, и тоа е една од агендите што сакам да ги изведам. Содржи македонски народни песни напишани од дедо ми Васил, етномузиколог, со џез музичари кои свират народна музика, и тоа не е џез, многу е интересно – вели Хаџиманов и додава дека сака да ја воскресне и книгата за деца „Распеани песни“ која еднаш ја доби наградата „Златна табла“ на Саемот на книга.

Тој направи фантастични работи. Има некои што се уште не излегле, или не биле промовирани на вистински начин, па еве, ќе видам дали можам да работам на тоа. Тој сакаше, на пример, да ја објави целата своја поезија. Она што го направи беше со висок квалитет и автентично, специфично за него. Има многу нешта кои треба да се објават постхумно. Сигурно ќе воскреснам некои – откри некои од свпите желби и планови поврзани со споменот на неговиот татко, џез-пијанистот, композитор и професор Васил Хаџиманов.

Лани објавениот компакт-диск „Зафир пее – Македонија пее“, ќе биде официјално промовиран во Скопје на Деновите на Кроација Рекордс во Македонија, на 18-ти август, заедно со најексклузивните изданија на најголемата дискографска куќа во регионот.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.