Од кога знам за себе низ главата ми се мота фразата: ѕвездите кои не темнеат. Таа се однезува на трајни вредности. На тие со вечен сјај. На нешто што со текот на времето станало класика.

Се едно дали се работи за музика, литература, филм… Во време на лажни вредности, трајни вредности добиваат вистинско значење. Тоа е како кога одвојуваме жито од кукол.

Во она време на луди млади години за одредени убавини како да немавме време. Или не знаевме да ја препознаеме нивната врдност. Денес, нема сомнение дека тие оставиле длабок траг во времето. А, тука нема калкулации. Или си вреден, или не си.

Пред некоја година во Охрид ја запознав големата музичка дива Нада Обриќ. Бев дете кога во моето опкружување се слушаа нејзините песни. Деновиве таа прослави пола век музичка активност. Каков јубилеј! Каква важност!

За Нада Обриќ познатиот белградски новинар Душко Антониќ, ко-автор на култната книга „Најдобрите 100 ЈУ албуми“, и автор на „Најдобрите српски албуми“ од распадот на СФРЈ, која допрва треба да стане култна, на фејсбук напиша: „Никогаш не слушав таа музика и не ја знам ниту една нејзина песна, но ги почитувам тие стари пејачи на народна музика, бидејќи, во однос на тоа што го имаме сега, тие се ‘мила мајка’“ – поздравувајќи ја иницијативата на Наталија Цајиќ, од белградската канцеларија на Југотон – Кроација Рекордс за чување од заборав на општо културно добро.

Наталија Цајиќ и ја предава специјалната награда на Нада Обриќ – фото: Жељка Димиќ

А, за што всушност станува збор? Уникатната Нада Обриќ прослави 50 години од својата кариера и 50 години од потпишувањето договор со дискографската куќа Југотон. Јубилејот се случи во друштво на бројни претставници на медиумите, пријатели и почитувачи на нејзините песни. Со емотивно сеќавање на почетоците на соработката со Југотон.

По тој повод, на сопственичката на бројни хитови и беше врачено признанието Multi -platinum Award по повод 50 години дискографија.

Нада и нејзините гости преку видео порака ги поздрави директорот на Југотон – Кроација рекордс, Желимир Бабогредац, кој и го честиташе јубилејот и рече дека нејзиниот професионален пат е поврзан со Југотон од самиот почеток, но дека Нада е особено блиска во нашите животи.

Присутните се потсетија и на тројното CD „50 авторски песни“, кое излезе во 2018 година, а кое ги содржи 50-те најуспешни песни на оваа пејачка, која со својот изглед ја одбележа музичката сцена на овие простори.

Нада беше и остана една од најпопуларните пејачки на народната музика, во својата долгогодишна кариера сними антологиски хитови кои денес често се пеат меѓу сите генерации, а оваа компилација е своевиден пресек на нејзината успешна кариера.

Таа не отпеа ниту една песна, ако тоа вистински не го почувствува и доживее. Нејзината песна се слушаше од Зворник каде што е родена, преку Сараево и Загреб, до Белград и до сите најмали места и сали. Информациите кои се незаменлив дел од биографската приказна велат дека во преполниот белградски Дом на синдикати луѓето доаѓале седум дена по ред да ја слушаат.

Музичката индустрија во светот и во регионот функционира како часовник. А, кај нас?

Тој волшебен механизам на музичката индустрија, тие челични тркала, како што пред 33 години објаснија Ролингстонси допира и до Македонија.

Сузе Национале – доследна на професионализмот

Сузана Спасовска, нашата „Сузе Национале“, по урнек на најактуелните светски ѕвезди, својот нов албум „Приказна“ го објави на неколку формата. Компакт-диск, УСБ и аудио-касета, која повторно се враќа во мода, а ја има и на дигиталните платформи.

Промислено и професионално, првиот, златниот глас на „Танец“ размислува и за старите генерации, и за новите, го спојува традиционалното и модерното. Без вложување нема просперитет.

  • Една наша пејачка се изначуди кога виде дека мојот нов албум е објавен и на касета. Таа не ги следи трендовите. А, и медиумите, воопшто, повеќе ги интересира мојот приватен живот, од она што го работам, што го оставам зад себе. А, проектот во кој вложив сопствени средства, на мене и на мојот тим ни одзема неколку години – вели Спасовска за Анторис.Е, тоа се тие трајни вредности од почетокот на текстот. Така функционира музичката индустрија, секаде во светот. Па, ако сакаме да сме дел од него, мораме да ги следиме трендовите. И да ги почитуваме вредностите.
  • Иван Беќковиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.