Web-списанието за книжевност насловено Eckermann со седиште во Нови Пазар, под уредништво на Енес Халиловиќ во својот најнов број 33, за јули и август тековната година во својата содржина го вметна и расказот „Човек кој носеше среќа“, на младиот македонски автор Иво Митев.

Ова е прв превод на талентираниот македонски писател, не само на српски јазик, туку воопшто, што несомнено му дава ветер в грб да продолжи и понатаму да создава свое дело.

Инаку, расказот „Човек кој носеше среќа“, е дел од неговата збирка раскази од 2019-та година – „Небесна фотографија и други раскази“. Со која дебитираше во светот на книжевноста.

Иво за себе вели: Роден сум во 1977 година во Скопје. Студирав на Унивезитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде дипломирав на Философскиот факултет при Институтот за класични јазици, а сега сум вработен во Археографскиот центар при НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.


Пишувам од студентски денови. Ме интересира кратката прозна форма. Покрај раскази пишувам и драми. Магистрирав во 2019 година на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Скопје на одделот Драматургија. Дебитирав на книжевната сцена во Македонија во 2014 год. години во списанието за литература, уметност и општествени прашања „Современост“.

Имам објавувано и во списанието за литературни, културни и општествени прашања: орган на клубот на младите писатели од Прилеп „Стремеж“. Оттогаш редовно објавувам во овие списанија.

Во 2015-та година бев добитник на трета награда на конкурсот за краток расказ што го распишува весникот „Нова Македонија“ за расказот „Небесна фотографија“.

Во 2019 година во издание на издавачката куќа „Дата Песнопој“ од Битола ја издадов мојата дебитанска книга „Небесна фотографија и други раскази“. Истата книга е добитник на II награда на „Дата Песнопој“ – Битола Книжевни Меридијани.

Во 2020 година излезе од печат мојата нова книга, драмата за Григор Прличев „Луѓе меѓу луѓето“ во издание на издавачката куќа „Аламанах“ од Скопје. Застапен сум во антологиите „Света песна. 2“ и Поетски бранувања 2020: „Маџирмаалски поетски средби“, а член сум и на Македонско-Турско писателско друштво на пријателството.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.