Легендарната хрватска џез пејачка Зденка Ковачичек во својата 77-ма година од животот е поактуелна, од кога и да е. Нејзината популарност во последно време најмногу се должи на извонредниот албум „Констатација једне мачке“, кој ја лансираше во фокусот на регионалната јавност, заедно со најактуелните ѕвезди на новата генерација. Во што е тајната на успехот?

– Јас сум задоволна. Во нашиот бизнис успехот се смета според продажбата. Сè се мери, со некаква си цена. Луѓето ги мерат сите вредности финансиски, и јас никогаш не ја мерев мојата желба да бидам на сцена…

Какви беа некогаш критериумите за музичка соработка и снимање песни?

– Имаше сè во таа музичка историја. Јас сум личност која е среќна што соработува уште од времето на Бум фестивалите. Соработував на албумот на Тихомир Поп Асановиќ на две песни. Учествував на албумот „Дневник једне љубави“ на Јосипа Лисац како придружен вокал, но имам и прекрасен соло дел за кој не може да се каже дека е придружен вокал. Сепак, не ми се врати на некој убав начин. Во тоа време, веќе имав убава кариера со Дуо Хани. Но, кога Карло Метикош ме покани да учествувам во тој албум, јас веднаш се согласив. Јосипа тогаш беше на својот почеток. Во тоа време, во списанието „Џубокс“ беа избрани најдобрите вокали, јас бев прва, Мери Цетиниќ беше втора, а Јосипа Лисац беше трета. Сепак, никогаш не бркав тие работи, бидејќи живеев музика цел живот. Кој ќе ми се јавеше, секогаш бев подготврна да одиме и бев среќна што соработувам.

Актуелни сте со албумот „Констатација једне мачке“. Што Вам денес ви значи формат на албум?

– Албумот мора да биде една целина. Тој исто така служи да се изразите преку таа целина, што е како да пишуваш книга. Имав неколку такви албуми, кои за жал не дојдоа на вистинското место кога беа направени, но по многу години некои песни сепак го добија своето вистинско место. Очигледно, така ми било пишано… Мислам дека енергијата и идеите за реализација на ваков албум, каков што е „Мачката…“ повторно се насобраа во мене.

Пишувате книга за Вашиот живот и работа. Во која фаза од пишувањето сте сега?

– Тоа нема да биде хронологија на мојот музички живот и на моите успеси, што е спротивно на мојата природа да пишувам само за успеси. Затоа ќе пишувам и за моите неуспеси.

Дали луѓето во музичката индустрија сакаа да ве променат? Да бидее една поинаква Зденка?

– За жал, не се, затоа што ако сакаа, можеби ќе имав стабилно место во таа музичка индустрија. Сакав да работам џез многу сериозно, но се покажа како несериозно. На пример, немам награда „Порин“ за џез, и сите ме нарекуваат прва дама на џезот. Како да го објаснам тоа?

Колку се занимавате со минатото, настаните и луѓето кои некогаш ви биле важни. Во песната „Нова Ја“ пеете: „Не сум наивна повеќе, те прераснав одамна, немам време за тебе“…

– Тоа е доказ дека научив нешто. Добро, тоа е само изразување преку музика. Имаше ликови во мојот живот, да ги наречам така, и сето тоа ќе го обележам и ќе го напишам во мојата книга. Некои можеби се препознаваат, некои можеби не сакаат да бидат препознаени. Но, и таквите постојат…

Што значеше некогаш да се биде провокативен на сцената?

– Да речеме „Фрка“, тоа тогаш беше провокативно. Тогаш немаше слобода на изразување. Славица Марас, која го напиша текстот за „Фрка“, и јас, одлично се забавувавме на фестивалот во Загреб, каде што моравме да го смениме текстот – зборовите „гузица“ во „блузица“. Тоа беше многу смешно за нас, бидејќи не беше важно, немаше никаква врска. Секогаш ми беше драго кога нашите текстови ги охрабруваа луѓето да размислуваат. Каква „блузичка“? Што, па таа има врска со нешто? Музиката ни ја дава таа слобода на изразување, размислување, слобода во секој поглед. И тоа е она што ме привлекува.

Пеете од своите тринаесет години. По сите тие музички години докажување на самата себе, на публиката и критиката оваа година, го добивате „Порин“ за животно дело.

– Мислам дека тоа е врвна награда, најголемата награда што може да се добие од професијата. Многу ми значи, но веќе размислував и малку за тоа дека можеби ме заборавија, иако бев во првиот тим што започна да ја создава нашата загрепска, хрватска поп-сцена. Сепак, не се оптеретував многу со тоа, бидејќи мојот нов албум ми значи многу повеќе, и можноста воопшто да го реализирам, како и прифаќањето на сите мои идеи. Оваа награда пристигна скоро со задоцнување, можеби ако не го направев албумот „Констатација једне мачке “ можеби никогаш немаше да го освојам „Порин“. Мојата работа и моето музичко постоење ми значат многу. Можеби моето искуство и енергијата што ја собирам над шеесет години, сега се покажа во вистинско светло. Можеби порано бев малку срамежлива, недоволно продорна за себе, иако секогаш сакав да правам добри и нови работи, што никој друг не ги правеше. Но, како што велат, сè доаѓа на свое – кога-тогаш. Добро е што наградата дојде додека сè уште сум во добра форма, додека сум здрава и жива…

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.