Земјоделството оставено на стихијата. Македонија нема стратегија како да го заштити своето земјоделство производство, особено во кризни периоди, како што беше периодот на здравствената криза со Ковид 19. Влезот во Европската унија е многу опасен за домашното земјоделско производство, вели за Анторис Љупче Станковски, претседател на Здружението на земјоделците „Агрофаланга“.

Зејоделството оставено на стихијата

Идиличната слика на разбранувана пченица на ветерот се повеќе е реткост на македонските полиња. Произвосдството и откупот на пченицата имаат големи проблеми, вели Станковски.

  • Како се движи производство на пченица?

-Последниве 20-тина години производството на пченица варира. Падот изнесува околу 20 проценти. Имаше периоди кога тоа беше во нагорна линија, но од субјективни слабости со откупот и со пласманот, со временските прилики, производство опаѓа.

  • Дали имаме капацитет да произведуваме за наши потреби и да не зависиме од увозот за основната прехрамбена суровина, брашното, за да не останеме гладни?

-Да, нашата земја има капацитет да произведува за нашите потреби, но тие капацитети не се искористени доволно. Една од главните причини што опаѓа обемот на домашното производство е конкуренцијата во цената на странските берзи на житните култури. Така увозната пченица од Кина, од Северна Америка всушност е една од последните причини што го уништува нашиот производ.

  • Државата, пак, последниве 15-тина години се фали дека дава огромни пари како субвенции во земјоделството. Сепак производството во многу земјоделски гранки се намалува. Зошто е тоа така?

-Со воведувањето на субвенциите, настана една голема експанзија на земјоделски производи, не само на производството на пченица. Земјоделците се зафатија за работа, многумина со помош на субвенциите ја овновија земјоделската механизација и сето тоа беше добро. Но, потоа настана едно затишје. Нашата конкурентност почна да опаѓа. Површините не се користат доволно. Многу проблеми имаат ситните земјоделци. Временските, односно климатските промени многу негативно влијаат на производството. Особено на пченицата, бидејќи пченицата зависи многу од врнежите. Со оглед на тоа што во последниве години имаше многу промени на времето, на пролет беше многу ладно, потоа сушата, се намали производството на житарките. Ако нема дожд на почетокот на мај, пченицата нема да залеби доволно, па дава многу малку род.

  • Кое подрачје на Македонија е најродно со пченица, односно во кое подрачје климатските услови се најпогодни за одгелдување пченица?

-Пелагониjа, на пример, е со многу подобра родност. Проблемот со врнежите е поизразен во Овчеполието. Така, производството осцилира, но, бидејќи пченицата е стратегиски производ, државата може со закон да го ограничи и извозот и увозот.

  • Дали нашава земја има потреба од заштитни мерки за пеницата?

-Да пожелно е да се заштити и да се насочи на едно нормално производство за наши потреби, особено во случај на криза, како што е оваа со Ковид19. Ако таа криза беше многу поголема, државите ќе се заштитеа себеси, ќе се затвореа. Секој ќе си ја чува сопствената храна како резерва, а тоа може да предизвика страшни последици за државите што се ориентирани на увоз.

Ова не важи само за пченицата туку и за говедското месо. Произведуваме само 5-10 отсто од потребите на говедско месо, производството на пилешко е речиси нула… Со производството на свинско стоиме подобро, но ние немаме стратегија што ќе се базира на нашите македонски интереси.

За разлика од нас, секоја држава своите интереси ги штити доста строго. Поради тоа што немаме основна стратегија, не знаеме што сакаме да направиме во такви кризни случаи. Во услови на големи климатски промени и опасноста што доаѓаат од тоа, ниедна земја нема да извезува ни месо, ни млеко, ни јајца, ни ништо. Значи, ние ако немаме за себе во тој момент – ќе настрадаме!

  • Дали нашата пченица го нема потребниот квалитет, па поради тоа мораме да увезуваме?

-Стручњаците, нашата пченица ја оценуваат како квалитетна, односно посува, што е добро при мелењето, но наместо да се произведува, се увезува пченица со понизок квалитет, однсоно со поголема влага, леплива при мелењето. Како што реков, пченицата мораме да ја заштитиме заради стратегиската важност. Таа е единствената суровина што може да се заштити со закон. Можеме да забраниме увоз и извоз заради опстанокот на нашите граѓани. Мислам дека, ако влеземе во Европската унија, нашето земјоделство ќе биде уништено, бидејќи не сме конкурентни. Тие имаат посовремено и поголемо производство. Што се однесува до пченицата, производството мора да биде субвенционирано за да се дојде до некое количество од 350 илјади тони, колку што е потребно за прехрана и за кондиторското производство што ја користи пченицата како еда од суровините. Порано постоеше наводнување на пченицата, сега тоа го нема и приносот е помал.

Сето ова би можело да биде надминато, ако во земјоделието се средат субјективните слабости. Тие слабости ги прават врската меѓу политиката со бизнисмените, откупувачите, мелничарите … Бројот на мелничарите е страшно намален за разлика од порано. Нивната моќ е концентрирана. Тие ги откупуваат помалите мелничарски капацитети и на тој начин создаваат монополи. Така, со еден телефонски разговор, можат да ја оборат цената на домашниот производител.

  • Како го оценувате квалитетот на годинешниот род?

– Сега е време на почеток на жетвата. При жнеењето значителен трошок претставува складирањето на таа пченица за чекање на подобра цена. Тоа складирање чини еден денар на килограм пченица. Последните неколку години се случува увоз токму во екот на жетвата. На тој начин житарите се доведуваат во незавидна положба. Многумина немаат начин да го складираат житото и се принудени да го продадат својот род по многу ниска цена, на своја сопствена штета.

Можам да упатам порака, нечесните игри во земјоделскиот сектор да престанат, ако сакаме земјоделството да тргне во нагорна линија.

 

 

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.