Буџетот за 2023 година е реализиран согласно планот и се одликува со 97 отсто реализација во однос на планот, односно со историски највисоката реализација на капитални инвестиции од 707 милиони евра капитални инвестиции. Буџетскиот дефицит од 4,67 отсто од БДП е на пониско ниво од проектираниот (4,8 проценти), додека јавниот долг од 59,3 проценти е на пониско ниво и од планот и од фискалните правила, соопшти на денешната прес конференција министерот за финансии Фатмир Бесими.

На заедничката прес-конференција со директорите на Управата за јавни приходи и Царинската управа, министерот за финансии потенцира дека ова е прва фискална година, после 12 години, во која не е извршен ребаланс на буџетот и тоа во услови на кризни години и непредвидливост во однос на економските текови..

„Вкупните приходи лани биле на ниво од 98,3 проценти, на расходите 98,1 процент. Реализацијата на капиталните расходи или инвестициите изнесува 43,5 милијарди денари или 707 милиони евра во номинален износ, што претставува 52 отсто повеќе од 2022 година. Практично тоа е 97 проценти реализација на капиталните инвестиции во однос на планот, и 4,9 отсто реализирани капитални расходи од БДП,“ истакна министерот Бесими и додаде дека тоа е рекордна реализација на капиталните расходи во однос на планот, во последните дванаесет години.

Она што е важно, како што напомена, е дека капиталните расходи заземаат значително место во структурата на буџетот и дополнително во 2023 година онаа што беше најавено е остварено, а тоа е дека капиталните расходи се реализирани на ниво повисоко од буџетскиот дефицит кој е реализиран на ниво од 41,423 милијарди денари.

„Ова значи дека задолжувањата се направени само за инвестиции, а при тоа се продолжи со определбата за фискална консолидација. Односно, буџетскиот дефицит е на ниво од 4,67 проценти од БДП што е пониско од проектираниот од 4,8 проценти. Ваквиот тренд на намалување следи од 2020 година. Буџетскиот дефицит во 2020 е релизиран со осум отсто од БДП од проектиран 8,4 проценти, 2021 година реализиран 5,4 отсто од проектиран 6,1 проценти. Во 2022 реализиран 4,5 отсто од проектиран 5,4 проценти од БДП. Така што ваквиот тренд на опаѓање се очекува и во 2024 година, со проекција од 3,4 отсто што е согласно фискалните правила, ако се земе предви дека 0,4 отсто од дефицитот е за спроведување антикризни мерки“, појасни министерот.

Информира и дека покрај зголемување на средствата за инвестиции, повеќе средства се одвоени и за поддршка на стопанството и граѓаните, односно 5,2 милијарди денари за компаниите, 8,8 милијарди денари субвенции во земјоделството, 1,97 милијарди денари за субвенции во образование, 874 милиони денари субвенции во културата и 185 милиони денари субвенции во спортот. Повеќе средства се трансферирани и до единиците за локална самоуправа во износ од 27,7 милијарди денари.

Министерот посочи и на поддршката што е реализирана за справување со кризата и поддршка на стопанството и граѓаните во износ од 5,5 милијарди денари.

Според него главниот аспект е постигнат, бидејќи Буџетот е во рамки на планот, остваувањата се балансирани на ниво на приходи и расходи, финансирањето е обезбедено со понизок трошок, капиталите расходи се на пониско ниво од дефицитот. „Ваквата реализација е солидна основа за економски развојво наредниот период,“ заклучи министерот.