Проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и ресурсните центри во Северна Македонија“ се спроведува во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) за Западен Балкан и преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Студиската тура и медиумската работилница, во организација на KfW заедно со Министерството за образование и наука, како партнер во спроведувањето на проектот, и Делегацијата на Европската Унија во Скопје, ги собраа клучните чинители и партнери на проектот, како и национални и локални новинари и уредници од македонските медиуми.
Проектот опфаќа темелна обнова на девет државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со попреченост и еден ученички дом за средношколци во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Велес. Повеќето од овие згради се изградени во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, а студентскиот дом во Битола потекнува уште од 18 век, тие станаа застарени и со децении чекаат темелна обнова. Во срцето на проектот е длабоката енергетска рехабилитација: обнова на објектите според современите енергетски стандарди, од конструктивната стабилност до системите што трошат енергија.
Принципот на реконструкцијата е холистички и не се сведува само на воведување енергетска ефикасност. Другите мерки, како обнова на санитарните инсталации и електричната опрема, мерките за безбедност или подобрувањето на заедничките простории за учење — ќе донесат нова, современа средина за живот и учење за повеќе од 5.000 студенти и ученици. Дополнително, таму каде што е соодветно ќе се применат и решенија за обновлива енергија. Еден од клучните елементи ќе биде и поттикнувањето промени во однесувањето на студентите, учениците и вработените кон поголема енергетска свесност.
„Најевтината и најчистата енергија е онаа, која никогаш не ја трошиме. Со повеќе од 21 милион евра грантови од Европската Унија преку REEP и WBIF, оваа инвестиција ги намалува емисиите и истовремено ја менува секојдневната реалност на илјадници студенти и ученици. Ова е Зелената агенда во својата најопиплива форма и дел од патот на Северна Македонија кон Европската Унија.“, посочи Стефано Елеро, шеф на Сектор за соработка, Делегација на Европската Унија во Северна Македонија.
Оливер Јунгер, портфолио менаџер во Развојната банка KfW од Франкфурт, објаснува дека проектот е резултат на комбинирано финансирање од повеќе извори.
„Станува збор за заем од 20 милиони евра во првата фаза и уште 40 милиони евра во вториот заем, потпишан во март оваа година. Вкупно, тоа се 60 милиони евра заеми, плус дополнителни средства во форма на грантови“, рече Јунгер.
Европската Унија обезбедува околу 22 милиони евра грантови преку програмата и Инвестициската рамка за Западен Балкан, додека Министерството за образование и наука учествува со речиси четири милиони евра од сопствениот буџет.
„Кога ќе се соберат сите средства, вкупната финансиска рамка изнесува околу 85,56 милиони евра“, посочи Јунгер.
Проектот се спроведува во три фази
Реконструкцијата ги опфаќа домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, „Никола Карев“ во Охрид, „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп, „Кочо Рацин“ во Битола, „Пелагонија“ и „Гоце Делчев“ во Скопје.
Првата фаза опфаќа два дома: „Стив Наумов“ во Скопје, каде што наскоро се очекува завршување и предавање на објектот во употреба; „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, кој треба да биде завршен најдоцна до крајот на годината.
Втората фаза ги опфаќа преостанатите седум домови, со тендери во завршна фаза, а наскоро се очекува да започнат реконструктивните активности и во „Никола Карев“ во Охрид.
Третата фаза ги опфаќа ресурсните центри и ученичкиот дом, а проектирањето започна во април оваа година. Проектот се очекува да биде завршен во 2031 година.
Четирите домови, — во Охрид, Прилеп, Штип и домот „Томе Стефановски Сениќ“ во Скопје, како што беше презентирано, ќе бидат обновени според уште повисоки стандарди, близу до нивото на згради со речиси нулта потрошувачка на енергија (NZEB), со стручна проектантска поддршка од германскиот Фраунхофер институт.
Според презентираните податоци, во моментов се обезбедени 85,56 милиони евра, додека досега се исплатени околу 12,3 милиони евра. Очекуваната крајна инвестиција е над 100 милиони евра.
Во финансиската конструкција се вклучени 40 милиони евра од вториот KfW заем, 20 милиони евра од првиот заем, 10,17 милиони евра грант преку WBI RGF, 6,75 милиони евра преку WBIF REEP Plus II, 4,785 милиони евра преку WBIF REEP Plus I и дополнителни национални и други средства.
По обновата, според јавната презентација на проектот, вкупната потреба за енергија по дом се намалува за просечно 56 проценти, а емисиите на CO₂ за 49 проценти. На ниво на целиот проект тоа значи заштеди од 7.700 MWh годишно и 3.400 тони CO₂ годишно, при што обновливите извори учествуваат со околу 12 проценти во потрошувачката на енергија.
„За KfW ова е долгорочна обврска — до 2031 година, низ три фази, финансирана преку комбинација на заеми, грантови и поддршка од Европската Унија. Токму грантот овозможува сериозна и темелна, а не козметичка обнова: без неа, работите би биле поплитки, а заштедите далеку помали. Она што се добива е инфраструктура што ќе троши помалку енергија многу години што доаѓаат“, тврди Јунгер.
Вкупниот расположлив буџет изнесува 85,56 милиони евра: заеми од KfW во износ од 60 милиони евра; грантови од Европската Унија во износ од 21 милион евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF); и 3,85 милиони евра од Министерството за образование и наука.
Реализација на проектот ќе трае до декември 2031 година. Се очекуваат и дополнителни финансиски средства, со што проектот во перспектива би надминал 100 милиони евра.