Македонија сè уште важи за земјоделско сточарска земја, иако последниве декади производството на земјоделски култури е драстично намалено, а сточарството едвај опстојува. Причините се бројни, но секако негрижата за македонското село, па до немање пласман за одредени производи и ниските откупни цени придонесоа за запуштање на земјоделските површини и уште повеќе осипување на сточниот фонд. Пласманот на волната како производ по пролетното шишање на овците со години се таложи. Нема интерес за откуп, а и тоа што се продава е по смешна цена, од друга страна нејзиното складирање бара соодветен простор.

Семејството Пешови (МАКЛЕР ДМП дооел) од Виница произведуваат пелет од овча волна за прихрана на почвата посадена со разни видови растенија.
Идејата за производство на пелети од волна е всушност продолжување на стекнатото искуство и проблемите со кои се соочувале Валентина и Петре Пешови додека имале фармата со овци, а која 30 години била извор за дополнителна егзистенција на семејството. Практично тие низ годините имале целосен увид на се што се случува во текот на одгледувањето на овците и производството, а еден сегмент била и волната како производ што останува по пролетното шишање на овците.
Како што објаснуваат сопружниците Пешови, во Македонија повеќе нема откуп на волната и нема нејзина преработка поради што таа останува како проблем на сточарите, а цената по која се продава е смешна од три до пет динари за килограм, колку да не стои. Секако, проблем претставува и начинот на чување, складирање на волната, за што е потребен соодветен простор. Токму оттука произлегло и прашањето што понатаму со волната.
Семејството Пешови како долгогодишни одгледувачи на овци се членки на Задругата овчеполка праемнка (каде членуваат 10 одгледувачи на овци со 4000 до 5000 грла). Па како сточари имале можност да присуствуваат на различни собири за унапредување на сточарството и се што е поврзано со тоа не само во земјата туку и пошироко. Во една таква прилика помладиот син на покана од поранешната словенечка министерка со македонско потекло и креаторка на паметни села, присуствувал во Брисел на конференција за земјоделството и сточарството. Потоа учествувал и на годишно собрание на млади земјоделци од Европа во Чешка (Даниел). Од таму, како што раскажува Петре, информациите дека волната може да се користи како суровина за производство на пелет како ѓубриво, односно како здрава прихрана на почвата.
-И секако пелетот од овча волна се користи како ѓубриво во повеќе земји, но кај нас, според нашата регулатива не може да се регистрира како органско ѓубриво (имаме строги регулативи според кои може да се увезува, но не може овде да се регистрира какао производство), објаснува Петре. Поради тоа, тие пелетот од волна во АХВ го завеле како подобрувач на својствата на почвата, додека во Хрватска се користи како органско палетирано ѓубриво, објануваат нашите соговорници.
Пешови раскажуваат дека низ целата таа приказна партнер им е Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје. Тие со пелетите од волна спроведува опити на земјоделски култури пред сè во нивните пластеници, односно на нивните опитни површини. Пешов вели дека има насад со круши каде веќе трета година се применуваат пелетите од волна заедно со проект за наводнување. Според асистентот и професорот кои ги спроведуваат опитите, токму волнените пелети покажуваат најдобри резултати во однос на примена на други органски ѓубрива. Според нив влажноста во почвата со пелетите од волна се продолжува до 40 отсто и се зголемува приносот за 30 проценти.
Инаку, елементите кои се присутни во овчата волна, како азот, фосфор се испитани од Институтот во Штип и од лабораторијата на УГД Штип, а во тек се и дополнителни испитувања, објаснува Петре.
Според нашите соговорници за да се направи една професионална линија за целиот процес за производството на пелети од волна е доста скапо. Тие велат дека започнале со полуавтоматизирана линија, која чини од 100 000 евра па нагоре. Со капацитетот со кој располага ова семејство можат да преработат до 200 килограми волна дневно. Засега произведуваат пелети од волна по потреба без да прават резерви. Затоа што сè уште немаат сигурен пласман.
Во време на Југославија на Шар Планина имало 48 000 овци, сега има 2600, дополнува Валентина. Сите одгледувачи на овци имаат проблем со волната. Нејзиното физичко разградување е 95 година, а ако ја ставиш како пелет се разградува за шест месеци.
Европската унија во Хрватска вложила 2,5 милиони евра за реализација на овој проект. Но, за жал нашето Министерство за земјоделство по презентацијата на проектот не пројави интерес да се изнајде начин за финансиска помош за технолошко осовременување, со цел да се зголеми капацитетот, вели Петре и додава дека пелетот како производ е интересен и моментално на Балканот го има само уште во Хрватска.
Според него најголем проблем во нашата земја е папирологијата. - Имаме нормативи што ги нема во Европа. Прво соочување со проблем се сретнавме кога според анализите од УГД, професорката ни кажа дека со високите проценти на азот, калиум, фосфор во волната не може да добиеме одобрение за подобрувач на почва. За жал висината на параметрите е одредена од Закон од пред 18 години кога како подобрувачи на почвата биле користени тресетот, хумусот, кога немало толкаво присуство на овие елементи, објаснува Пешов.
Тој уверува дека поголемиот процент на овие елементи во пелетот од волна е позитивно, бидејќи наместо килограм ќе корист 100 грама и што е важно тие елементи се присутни во почвата шест месеци во континуитет. Друг бенефит, вели Петре, е што ги штити едногодишните растенија од инсекти. Полжавите на пример, бегаат од просторот каде има пелет од волна, која ја апсорбира влагата, а бегаат и многу други микроорганизми поради присуството на ланолин.
Пешов тврди дека Законите не се адаптирани на нашите услови. Овцата, односно пелетот од волна во цела Европа се користи како ѓубриво, само кај нас не може.