Автомобилската индустрија и во 2022 година во неизвесност. Поради короната, голема е неизвесноста во автомобилската индустрија, производните процеси се прекинати, фабриките затворени, а има недостиг на чипови.
Автомобилската индустрија и во 2022 година во неизвесност
По повеќе од три децении во кои производството на автомобилската индустрија ја надмина побарувачката, за време на пандемијата на коронарниот вирус, ситуацијата целосно се промени.
На производителите им недостигаат чипови, имаат проблеми во синџирите на снабдување, а цените на суровините се во континуиран пораст. Производството е заглавено, купувачите на возила веќе не можат да сметаат на големи попусти, а нарачаните автомобили ги чекаат многу подолго од претходно.
Имајќиги предвид овие случувања експертот за автомобилска индустрија Фердинанд Дуденхефер од Германскиот центар за автомобилско истражување (CAR) во една неодамнешна студија рече: „Сеопфатното закрепнување веројатно нема да се случи до 2023 година“.
Во 2019 година, пред корона кризата, во Германија беа продадени 3,6 милиони автомобили, а веќе во 2020 година таа бројка падна на 2,9 милиони. Според прогнозите на CAR, оваа година може да се очекува продажба од 2,69 милиони автомобили. Иако Дуденхефер очекува дека германските производители ќе продолжат да се борат со последиците од недостигот на чипови во првата половина на следната година, продажбата сепак треба да се зголеми на околу 3,01 милиони автомобили.
Дуденхефер предвидува враќање на нивото од пред панемијата, односно целосно закрепнување на пазарот на автомобили во Германија дури во втората половина на 2023 година. Дури тогаш, вели, може да се очекува стабилизирање на понудата на пазарот.

Според овој експерт, на крајот на 2023 година просечната старост на возилата регистрирани во Германија ќе биде над десет години, а тоа може да доведе до „подмладување“ на возниот парк, односно до зголемена набавка на нови автомобили. Овој процес на обновување првенствено го поттикнуваат електричните автомобили, кои се повеќе се бараат на германскиот пазар.
Дуденхефер го привлекува вниманието на друга појава. По 2020 година, во која доминираше короната, проблемите и нарушувањата на производството во автомобилската индустрија, која е клучна за германскиот БДП, исто така го забавија растот во првите два квартали од 2021 година. На важните пазари како што се САД, Русија и Бразил, во истиот период е забележан пораст на прометот.
Меѓутоа тој забележува: „Последицата од кризата се одразија на прераспределба на автомобилскиот пазар на глобално ниво. Во 2021 година во Индија првпат се продаваат повеќе автомобили отколку во Германија“, а во 2022 година, според прогнозите, Индија ќе биде пред Германија.
Анализата на податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) покажува дека Индија може да очекува високи стапки на раст на продажбата на автомобилскиот пазар. Меѓу земјите на БРИК (Бразил, Русија, Индија, Кина), благодарение на зголемената индустријализација, Индија може да се позиционира веднаш зад Кина. Ниту Бразил, ниту Русија не можат да сметаат на значителен економски раст следната година.
Во претпандемиската 2019 година на светскиот пазар се продадени околу 80 милиони нови возила. Во 2020 година, продажбата падна за повеќе од 14 проценти, на 68,6 милиони автомобили. Според прогнозите на германскиот CAR, во 2021 година може да се очекува благ пораст на продажбата до 70,5 милиони, а во 2022 година дури и мал скок до 75,2 милиони продадени автомобили.
Дури и во 2023 година, каде што се предвидува продажба од 78,8 милиони автомобили, нема да се достигне нивото пред пандемијата, а дури во 2025 година може да се очекува враќање на бројките забележани од автомобилската индустрија пред кризата.
„Закрепнувањето од пандемијата бара време“, заклучува Дуденхефер претпазливо, врз основа на предвидувањата од неговиот Центар за автомобилско истражување. Според него мора да се реорганизира процесот на создавање додадена вредност, а да се создадат дополнителни капацитети кога е во прашање производството на чипови, вели германскиот експерт.
И покрај кризата, не беше се така црно за автомобилската индустрија во минатото. Според резултатите од истражувањето на британската консултантска компанија „Ернст и Јанг“, 16-те најголеми производители на автомобили во светот во третиот квартал од 2021 година заедно оствариле оперативен профит од околу 23 милијарди евра. Тоа е раст од 11 проценти и во исто време - нов рекорд.

Сепак, продажбата на патнички автомобили паднала за 16 отсто (според аналитичарите, поради недостаток на чипови, околу единаесет милиони возила воопшто не можеле да се произведат) а 13 производители продале помалку возила отколку во истиот период пред една година, но сите 16 компании заедно оствариле промет од 371 милијарда евра, што всушност е пад од 1,6 отсто.
Профитот значително се зголеми бидејќи чиповите што беа достапни беа вградени во скапи модели на возила, каде што производителите имаат поголема маржа. Овие модели беа првенствено достапни за купувачите, а освен тоа, речиси и да немаше попуст при купување нови автомобили, бидејќи побарувачката беше поголема од понудата.
Исто така, повеќето компании успеаја да ја зголемат својата берзанска вредност во текот на годината, а пред се американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“.
Но, аналитичарите во Ernst & Young истакнуваат дека се можни нови тесни грла во автомобилската индустрија. „Значајното зголемување на бројот на нови инфекции со корона во некои земји и мерките за штедење воведени како резултат може повторно да доведат до нови проблеми и прекини во синџирите на производство и снабдување“, велат тие.
Ваквите турбуленции најмногу ја погодија Кина. На најголемиот светски пазар на автомобили, во третиот квартал од 2021 година, продажбата паднала за цели 26 отсто, покажува анализата на ДВ.