Надлежните органи треба да преземат итни и дополнителни мерки за справување со климатските промени, бидејќи во државата недостасува јасно дефинирана структура, координација и комуникација меѓу инволвираните страни, а сè уште не е донесен ниту Национален план за адаптација.

 

Ова е еден од главните наоди на Државниот завод за ревизија, кој се приклучи на глобалниот проект „Климатски скенер“ (Climate Scanner), иницијатива на Врховните ревизорски институции (INTOSAI). Во рамките на овој проект, кој обединува 141 институција од целиот свет, беше направена проценка на подготвеноста на националните влади за климатска акција. Резултатите беа презентирани на Светската климатска конференција COP29 во Баку, Азербејџан, каде учествуваа шефови на држави и влади од над 200 земји, меѓу кои и Македонија.

Според извештајот, иако во земјава постојат одредени предуслови и е постигнат делумен напредок во креирањето на политики, потребни се дополнителни мерки и активности за воспоставување на функционални механизми и системи за справување со климатските промени.

Ревизијата се фокусирала на три области: управување со климатските промени, јавни политики за климатски промени и финансирање на климатските промени.

Нема системско управување со климатските промени

Во однос на управувањето, законодавството делумно ја регулира оваа област, но не обезбедува цврста основа за системско управување со климатските промени. Одложувањето на постапката за донесување на Закон за климатска акција, кое трае повеќе од пет години, довело до институционален вакуум, слабa координација и недоволна комуникација помеѓу засегнатите страни. И покрај вклученоста на голем број на институции, правни лица и засегнати страни во предлог верзијата на Законот за климатска акција изостанува вклученоста на локалната власт која е носител на политиките на локално ниво и истовремено ги имплементира политиките од централно ниво.

„Во делот на јавните политики, Македонија како потписничка на Договорот од Париз уште во 2015 година ги утврдила своите придонеси (NDC), а во 2021 година поставила поамбициозни цели. Сепак, државата сè уште нема Национален план за адаптација на климатските промени, што значи дека нема јасна стратегија за ублажување и адаптација на ризиците. Дополнително, поради недостиг на механизми за мониторинг, невозможно е да се процени ефективноста на преземените мерки – се вели во извештајот.

Долгорочната стратегија за климатска акција бара финансии

Во делот на финансирањето, долгорочната стратегија за климатска акција предвидува потреба од 35 милијарди евра капитални инвестиции и 121 милијарда евра трошоци во енергетскиот сектор до 2050 година, како и намалување од 72 проценти на емисиите, но не и постигнување на „нулта емисии“, што е обврска според Европскиот зелен договор.. Но, бидејќи сè уште нема законска основа, во државниот буџет не постои систем за климатско означување на проектите, па нема ни точни податоци за тоа колку финансиски средства реално се издвојуваат за климатски промени.

Особено проблематично, од ДЗР забележуваат дека е тоа што последниот Национален инвентар на стакленички гасови е изработен во 2019 година, со поддршка на меѓународни проекти. Тоа значи дека државата нема ажурирани податоци за емисиите во последните пет години, што сериозно го попречува креирањето на ефективни политики.

Ревизорите заклучуваат дека Македонија презела одредени чекори и има јасни цели – како намалување на нето емисиите на стакленички гасови за 82 отсто до 2030 година според Ревидираниот NDC. Но, без донесување на Законот за климатска акција и без воспоставување системи за мониторинг, проценка и финансирање, државата ризикува да ги пропушти роковите и да не ги исполни своите меѓународни обврски, вклучувајќи го и Европскиот зелен договор.

Заводот препорачува надлежните институции итно да преземат мерки за подобрување на институционалната поставеност, координацијата и транспарентноста, со што ќе се создадат услови Македонија да стане поуспешна и поотпорна во справувањето со климатските предизвици.