Во екот на Денот на македонскиот јазик, 5-ти мај, решив да го посетам актуелниот Саем на книга. 34-ти, меѓународен.
Порано ретко, или никогаш, не ја пропуштав оваа манифестација. Последниве години заради пандемијата, кризата, Саемот на книгата не беше дел од агендата...
Да бидам искрен, годинава носталгично испровоциран од некои наслови, тргнав кон Борис Трајковски. Ние одамна немаме Сајмиште, а големата сала за спорт, музика и што уште не, станува средиште и на оние кои го сакаат пишаниот збор.
Колку с(м)е? Толку с(м)е. Токму се!
На крајот на краиштата, во времето кога се губат врските со некои стари традиции, местото на одржување е само обична формалност, и не би требало да ја наруши суштината.
Ако имаме добра причина да се собереме, можеме и на ливада.
Да се разбереме – Саем на книга мора да постои. Се додека пишуваме на кирилица – постоиме. Сега, дали и во колкава мера ги оправда очекувањата, најпрвин мора да видиме што се очекувањата!?
Се собравме, купивме по некој наслов, се видовме со некои луѓе...
Македонската книжевна продукција последниве години е прилично разбудена. Многумина пишуваат. Некој ќе забележи – и тие кои некогаш читаа, почнаа да пишуваат. Нека... Се додека имаат што да кажат. Или, ако воопшто имаат што да кажат.
Некои имаат, и тоа како. Некои се слепи патници. Како во секоја сфера од животот. Талогот лесно се одвојува од водата.
Некаде околу пладне, или набрзо по тоа, Саемот на книгата не беше многу посетен. Главните настани, промоции, презентации, дискусии..., се случуваат по попладневните часови. И, тогаш е она вистинското.
Сепак, имам впечаток дека годинава на Саемот како да му недостасуваше голем наслов. Нешто што сите го чекаме. Хит во најава. Нешто што на збор би го купиле. Оти му веруваме на авторот...
Не дека немало наслови кои ќе станат хитови, кои ќе бидат читани... Но, тоа се повеќе некои таканаречени некнижевни дела – размислувањата на еден мотиватор, авантурите и патувањата на млад спортист, и слично. Насловите како: Киа коцкар, Пинк Пантерка во акција, и сл..., не би сакал да ги коментирам. Исто важи и за странска, или регионална литература. Ова е пред се Саем на домашна продукција, каде главните ѕвезди се домашните писатели. Се друго е во друг план.
На Саемот на книгата можете да поминете прилично евтино, а да купите нешто добро. И за 50 денари се наоѓа квалитетна книга. Има и безобразно скапи. Глупоста обично знае да се преценува, но за тоа во некоја друга прилика.
Домашните издавачи и без Саем, редовно во текот на годината имаат попусти, акции, промоции. Патот до добра книга лесно се наоѓа. До него не ви требаат ниту камчињата, ниту трошки леб. Само да знаете тоа што сакате. Да следите што се пишува, објавува. Во океанот на зборови сигурно некаде постои остров за Вас.
Цената никогаш не била мерило дали е нешто добро или не. Цените се ОК. Подолу од ова е книгите да бидат џабе. Но, тоа нема смисол. Тие, сепак, не се градски автобуски превоз, па да бидат за беспари.
Не сакајќи никого да фаворизирам, апострофирам, промовирам, ниту од издавачите, ниту од авторите, или делата, само ќе кажам дека мојот личен победник годинава е реизданието на култната „Бушава азбука“ на генијалниот Горан Стефановски, со илустрации на белградскиот карикатурист Душан Петричиќ. Убав и потребен потег на прекрасната Билјана Црвенковска и нејзината издавачка куќа „Чудна шума“. 
Барем на децата, овие изгубени генерации во времето и просторот, да им оставиме нешто важно. Нешто на кирилица, на македонски. 
Оти, се додека пишувам и читам на македонски – постојам. 
А, она што јас го купив е само мал придонес кон домашната продукција
Што се однесува, пак, до самиот настан, кога ќе имаме подобро општество, и кога ние ќе бидеме подобри како луѓе, и Саемот на книгата ќе биде како што доликува.

Иван Беќковиќ
фото: Фејсбук