Градовите особено се загреваат во лето. Бетонот и асфалтот ја апсорбираат и задржуваат сончевата топлина, па ноќите се исклучително топли. Таканаречените тропски ноќи со температури над 20 степени го нарушуваат здравиот сон. Како да ги изладите градовите? Дали се корисни таканаречените коридори со ладен воздух?

Што се коридори со ладен воздух?
Во околината на градовите ноќите се многу посвежи. Дури и во најтоплите денови, ноќе е до 15 степени. Градовите би можеле малку да се изладат доколку тој воздух може да проструи во нив.
Коридорите со студениот воздух се зелени површини, реки, езера, железници и многу широки улици со зеленило. Ладниот воздух тече само неколку сантиметри над земјата, па насипите и зградите го спречуваат тој проток. Затоа, при дизајнирање на градовите треба да се внимава таквите коридори да останат слободни.
Зошто ноќите во околината се поладни?
Едноставно, таму нема бетон и асфалт, туку преовладува земја, песок и ливади. Во нив сончевата топлина не се впива на тој начин за да остане до доцна во ноќта.
Површините под бетон дополнително го загреваат воздухот.
Покрај тоа, свеж воздух се создава со испарување на водата над лисјата, а во приградските области обично има многу зеленило. Затоа воздухот во нив побрзо се лади по зајдисонце.
Посебно е свежо на ливадите и овошните насади, како и над глинена, песочна и тресетска почва.
Како свежиот воздух доаѓа до градот?
Топографијата е исто така многу важна. Ладниот воздух е потежок од топлиот и се собира во близина на тлото на земјата, да речеме во ливадите. Ако ливадата е на падина или на рид, тогаш студениот воздух силно тече надолу. Така се создававетер што разладува.
Градовите кои се распослани во долините, на косините, падините или на ридестите стрмнини можат да профитираат од тој ладен воздух. Коридорот со студениот воздух може да стигне до центарот на градот, поместувајќи го топлиот воздух, кој се крева, а свежиот воздух ги лади улиците и зградите.
На пример, Штутгарт лежи во долина и сака да го задржи локалниот систем за вентилација врз основа на неговите коридори со ладен воздух. Урбанистичките планови и градежништвото се усогласени со таа цел.
Што градовите можат да направат?
Во целиот свет се повеќе се посветува внимание на можноста за разладување на градовите со доток на свеж воздух од околината. Во Германија, пак, бројни градови и региони спроведоа соодветни климатски анализи. Истото го направија и низ светот, во градовите како што се Њу Делхи, Лима, Лагос, Сеул, Мелбурн и Портланд.
Важноста на зелените површини е особено видлива во тропските денови
Метеоролозите најпрво ги мерат температурите и струите на воздухот на различни места во градот и неговата околина, ги внесуваат податоците во посебни компјутерски програми и на тој начин создаваат детални климатски атласи на градовите. Врз основа на овие атласи, градовите можат да одлучат да не ги обновуваат коридорите низ кои тече свеж воздух, да ги подобрат и да го заштитат и зајакнат природното ладење на околината.
Покрај тоа, градовите можат да воведат голем број мерки за значително разладување, намалување на бројот на тропски ноќи и подобрување на квалитетот на животот.
Во овие мерки спаѓаат отстранување на површините запечатени со бетон и асфалт, садење дрвја покрај улиците, помалку мотори со фосилни горива, позеленување на покривите и фасадите, повеќе паркови и водни површини, што посветли фасади и згради и зголемување на површините под сенка.