Низ историскиот развој, се среќаваме со различни податоци и настани каде застапеноста на жената во науката била недоволна. Во светски рамки, има и жени добитници на Нобелови награди, но процентуално, се многу помалку од мажите. Жените научнички го воделе својот пат тешко. Сепак, трендовите во денешно време се поинакви и инклузивноста на жените во науката е се поголема. Но, според Устијана Речковска – Шикоска, декан е на Факултетот за Комјутерски Науки и Инжинерство при Универзитетот за Информатички Науки и Технологии “Св. Апостол Павле”-Охрид, се’ уште треба да расте научната мисла на жените во истражувачкиот свет.
„Македонската наука може да се мери со науката во регионот и Европа. Научната мисла на домашно тло е навистина во развој, имаме солидни научници жени. Мислам дека треба да се одвојат повеќе пари во самиот буџет. Сепак, 0,02 насто е сосема малку за развој на науката и научно истражувачката работа. Тоа се недоволно пари, мал е процентот на одделување на пари за науката, имате испитувања, публикации... Тоа многу чини. Треба да се активираме кон искористување на светски фондови кои нудат можности, поврзаност со индустријата поголема, сигурна сум дека и овде ќе расте трендот и во моментов имаме напредни компании и луѓе кои сакаат да го споделат знаењето, да инвестираат и со такви умови да ги извлечеме парите од фондовите, со цел да помогнеме на државата. Но, мислам дека се трудиме, има желба и во понатака ќе биде тој процент зголемен. Преку научно - истражувачките фондови од ЕУ со учеството на државата, компаниите и образовните институции. Оптимист сум дека ќе постигнеме подобри резултати во иднина, а нашите трудови и апликации, навистина се реномирани низ целиот свет и имаме плејада на научници кои се амбасадори на земјава“, смета професорката Речковска – Шикоска.
Интерес на младите жени за технички науки
Оваа тема беше во фокусот и на неодамнешната дебата која ја организираше факултетот во Охрид, во рамки на Интернационалниот ден на жените во науката, воспоставен од УНЕСКО. Овој настан, факултетот го организира 4 година по ред. Според професорката, мотивот да се студира информатички науки од страна на жените е голем. А подоцна и придобивките се големи. Имаат простор да студираат и да најдат работа согласно нивните вештини.
„Ние навистина немаме невработен дипломец. Сите наши дипломци се вработени. Некои дури успеваат да се вработат и пред дипломирање. Имаме тесна соработка со ИТ компаниите и нашата струка со специјализираните предмети во подоцнежните години, а и со студиската програма нуди можност да работат и за странски држави од дома. Имаме и размена на студенти, а некои пак доедуцирањето како наши студенти го завршуваат надвор од државата, на пример во Италија, Финска, Швајцарија, Јапонија и САД. Се трудиме да ги советуваме младите да останат тука. Со нашата струка можат да бидат присутни во светот, а сепак да бидат дома и да придонесуваат за нашата држава“, потенцира Речковска – Шикоска.
Присутноста на жените во Универзитетот во Охрид
Како што вели деканката на факултетот, жените се способни да се докажат и во науката и во истражувањата и наставниот процес. Статистичките податоци со кои располага факултетот покажуваат дека има голем процент на запишани студентки - 48 насто, присутни се и во раководните студентски организации, а 37 насто и на застапеност во структурите на Универзитетот, на одлучувачки позиции. Жените се присутни со висок процент и во научно наставениот и администравиниот кадар.
Најавите на факултетот за следната академска година одат во насока на отворање на 15 нови студиски програми, каде ќе се обидат да ги привлечат жените програмери кои имаат ентузијазам да студираат на овие смерови. А со тоа да се одржи, дури и зголеми родовата еднаквост.