Како симбол на обидот да се извојува слободата на 2 Август, Илинден, 1903 година, се раскажува за „Црешовото топче“. Тогаш никому не му паѓало на ум дека нацијата ќе има и своја комерцијална авијација, се разбира многу подоцна во една многу посредена и понапредна држава во која живеевме заедно со другите јужнословенски народи, но и наша, сопствена, автентична, оригинална, македонска едрилица „Илинденка“, која во воздухополовството веројатно е најголем симбол на слободата, лета сама, без мотор, носена од воздушни столбови што се креваат од топлата земја нагоре и така, како орел кога ќе ги рашири крилјата, го набљудува светот од безбедна и пријатна  височина.  

Таа „Илинденка“, не дозоволува да исчезне од колективната национална меморија само еден човек – Ѓорѓи Чачкиров, пилот, инструктор, аеро-моделар, хроничар, истражувач и најголем познавач на македонското  цивилно воздухопловство. Чачкиров  е човекот кој при распаѓањето на Југославија ја спаси цивилната флота во сопственост на македонските аероклубови, со тоа што, со негова организација и храброст, во една ноќ беа демонтирани сите клупски авиони и скриени од лакомоста на воената сила против која ние немавме шанса и така останаа да служат во следните години за продолжување на континуитетот за обука на македонските пилоти и за разни дгруги хумани потреби. Сега од таа флота нема останато ништо. Останати се само трагите на работата на Чачкиров.

За да не згасне споменот на „Илинденка“, Горѓи Чачкиров неодамна пред мало друштво колеги – воздухопловци, ја промовира уникатната историска книга за славната македонска воздухопловна едрилица „Илинденка“. Неговата скромност се гледа во неговата изјава дека промоцијата била скромна, поради скромниот тираж во кој е печатена, што го има финансирано сам! Тоа никого не го зачудува, затоа што буџетските пари одат на други безначајни проекти, кои најчесто не се довршуваат, нема отчет за нивното завршување, а нема ни казнивост за фрлените пари во ветер. За вакви проекти, како што е книгат на Чачкиров за „Илинденка“, никој немаше слух, ни знаење, ни осет за нејзиното значење. Ѓорѓи Чачкиров за „Анторис“ на прашањето: Зошто толку значајно сведоштво и аргументација за „Илиндака“ е издаено приватно и во толку мал тираж?, вели:

-      Причината е во тоа што самиот го имам финансирано истражувањето, подготовката и печатењето на публикацијата од својот пензионерски буџет.

·        Ретко кој би се решил во такви услови да се зафати да подготви ваква книга насловена како „Сага за македонската „Илинденка“ и воздухопловното претпријатие „20 Мај“ – Скопје“. Вложивте голем труд и време?

·        Да, предизвикот беше, како што имаме лоша навика и обичај и наша стара македонска болка, да не ги бележиме и да не ги чуваме значајните историски дострели и збиднувања. Со таков предизвик пристапив кон истражување на македонската цивилна воздухопловна историја во која припаѓа и единственото македонско воздухопловно претпријатие „20 Мај“ – Скопје, формирано во 1950 г., производител на „вискоспособната“ воздухопловна едрилица, именувана како „Илинденка“. Таа била тестирана во Скопје, на стариот аеродром, пред „Сојузната воздухопловна комисија“, а пробен пилот бил бардот на македонското воздухопловство, Славко Димитровски. 

И токму оваа едрилица била учесничка на Светското едриличарско првенство, одржано во Полска во 1958 г. Учеството било во рамките на тогашната југословенска едриличарска репрезентација. Подоцна, под раководство на основачот и директор, Љубомир Тевчев, воздухопловното претпријатие „20 Мај“ прераснало во познатата фабрика за алуминиумски производи „Алумина“ – Скопје. Сето ова е дел од веќе заборавената историја, која со многу напор се обидов да ја составам и „воскреснам“, во интерес на општата и воздухопловна македонска и скопска историја.

Како што вели Чачкиров, по објавување на многу негови написи за „Илинденка“, не се појавил никаков интерес од државата и градот Скопје, за создавање  ваква историска публикација, па затоа тоа го направил самиот тој.

Наместо предговор, еве дел од книата: „Сага за „Илинденка“ и „20 Мај“

       „Кога ќе се спомене ваков наслов, најчесто се помислува на убава мома Македонка, чие име потекнува од славното Илинденско востание. Но мене, а и многу други воздухопловци, тоа име секогаш не потсетува на реномираната и светски познатата воздухопловна едрилица „Илинденка“. Била произведена во првото и единствено воздухопловно претпријатие во Скопје, во тогашна Народна, а подоцна Социјалистичка Република Македонија, во состав на тогашната држава именувана како Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ), а од 1963 г. Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).

       Некогаш, како многу млад, кога  гледав како повозрасните колеги  летаат со оваа убава  едрилица мислев дека зад неа и зад нејзините идејни творци ќе остане богата историја. Така размислував затоа што сите едриличари се воодушевуваа од незиниот гламурозен, брз и шумолив лет, што оставаше впечатливи слики на македонското небо и во меморијата на тие што летаа со неа. И жалев што бев млад и сè уште не му припаѓав на аероклупското летачко „јато“, тогаш бев само воздухопловен моделар и редовен ученик. Почнав да летам, само 2 години откако „Илинденка“ беше „пензионирана“.

За жал, сите тие што беа нејзини творци или што летаа со неа не оставија поголем фонд документи, повеќе фотографии и пишувани траги за нивните сведоштва и искуства со неа. Особено менувањето на севкупните општествени и државни услови во кои се трансформираа претпријатијата, придонесе  да се изгуби трагата на евентуални значајни документи и проекти од производнот процес на едрилицата.

Подоцна, кога посакав, на некој начин, да станам истражувач и хроничар на цивилното воздухопловство на македонскиот простор, се уверив дека многу малку останало од документацијата за ова единствено македонско воздухопловно претпријатие и за посебноста на славната воздухопловна едрилица „Илинденка“.

Мал број од повозрасните и од тие што веќе ги нема, не се сетиле да остават поголем број документи и фотографии како белег на овој историски македонски воздухопловен период. Исклучок од ова се малкутемина едриличари и некои семејства што зачувале сосема мал број документи, фотографии или сведоштва за споменатиот период. На тоа се дополнува фактот што никој досега не се заинтересирал за собирање на преостанатите скудни артефакти и за издавање  публикација која ќе сведочи за тоа, но ќе остави и простор за нејзино надополнување. Па еве, јас собрав сили и се обидов да го направам токму тоа. Да пронајдам, колку што е можно повеќе документи, фотографии и сведоштва за дел од историјата поврзана со единственото воздухопловно претпријатие „20 Мај“ од Скопје и некогаш светски познатата и славна воздухопловна едрилица