Невообичаен монопол во светот на чипови: ASML најважна, а непозната фабрика во светот. Светското производство на најнапредните чипови зависи од холандската компанија ASML, која е единствениот производител на опрема за „Екстремна ултравиолентна литографија“ (EUV).Холанѓаните немаат конкуренција во овој сегмент, иако пред неколку години тие беа жртви на индустриска шпионажа од такви размери што им беше досудена најголемата до тогаш отштета од 223 милиони евра.
Невообичаен монопол во светот
Една од темите што доминираат во пост-пандемискиот свет е недостатокот на чипови што го погодува целото стопанство, особено производителите на автомобили, телефони, компјутери и друга електроника.
Светот е изненаден од ситуацијата дека нешто не е доволно, бидејќи со децении се плашеше само од прекумерно производство- хиперпродукција на се и сешто. А, сега и недостасува она што е срцето на секоја модерна електроника и не затоа што има неправедна расределба, како што тоа е на пример со храната, некои ја фрлаат додека други гладуваат, туку затоа што целото производство на чипови не е доволно за светот што сака целосно да се дигитализира.
Производители на чипови нема доволно
Овој проблем не може да се реши брзо или лесно, бидејќи производители на чипови има многу малку. И тоа само три произведуваат најнапредни модели за кои се „тркаат“ Tesla, Apple, Huawei и други гиганти. Станува збор за тајвански TSMC, јужнокорејскиот Samsung и американски Intel, кои продаваат чипови за речиси 190 милијарди долари годишно, што е половина од вредноста на светскиот пазар. Но затоа само еден нивни погон чини од 15 до 20 милијарди долари. Со други зборови, тоа е поскапо од нуклеарна централа или носач на авиони. И не е се во парите, туку во сложените технолошки постапки, поради кои чипот, и покрај минијатурните димензии, е можеби најкомплексниот уред што некогаш е создаден.
Чиповите се изработуваат во услови кои бараат речиси апсолутна чистота и со прецизност што може да оди до скалата на атомот. Производителите на таква опрема се малубројни, а посебно место и припаѓа на холандската компанија ASML Holding NV. Таа е единствениот производител на машини за „Екстремна ултравиолентна литографија“ (EUV), коишто им овозможуваат на компаниите: TSMC, Samsung и Intel да направат помали, побрзи и енергетски ефикасни чипови од конкуренцијата.
Принципот е ист, се друго е нијанса
Во постапката на претворање на прочистениот кварцен песок во чип, литографијата е само еден од стотиците технолошки чекори и функционира на истите принципи што беа користени за правење аналогни фотографии. Суштината е во тоа што со дејството на светлината се предизвикува реакција на фотосензитивниот слој со кој е обложен материјалот од кој е направен чипот.

Принципите се исти, само што ASML машините користат спектар на ултравиолентни зраци кои природно се појавуваат само во вселената, а тука се предизвикани од специјални ласери.
Кога станува збор за прецизност, некој ја искористи споредбата дека е исто како да удриш јаболко на Месечината со стрела испукана од Земјата. Еднаваква направа чини околу 150 милиони долари и потребни се неколку најголеми товарни авиони за да се достават до клиентот.
Во најмодерните фабрики во сопственост на TSMC, Samsung и делумно Intel, практично десетици такви машини работат без престан.
Холандската компанија, сепак, и понатаму најмногу произведува машини за „Длабока литографија“ (DUV), наменети за производство на нешто послаби чипови од претходната генерација, бидејќи покрај трите водечки, тие се користат и од други производители.
ASML не е монопол во овој сегмент, но покрива повеќе од две третини од пазарот, додека остатокот припаѓа главно на опрема произведена од Nikon и Canon.
Фактот дека целиот пазар на специјализирана литографска опрема се состои од само неколку понудувачи и неколку десетици купувачи и дека Холанѓаните се единствениот понудувач за опрема за EUV за само тројца купувачи, објаснува зошто тие не се расфрлаат со големи маркетинг кампањи и зошто пошироката јавност не знае за нив.
Невообичаен монопол во светот на чипови: ASML најважна, а непозната фабрика во светот
АСМЛ стартуваше како партнер со Филипс
ASML е основан во 1984 година, како заедничко компанија на Филипс и малата холандска компанија ASMI (Advanced Semiconductor Materials International). Тие го задржаа седиштето во градот Фелдховен, иако бројот на вработени во меѓувреме се зголеми од првичните неколку десетици на 28.000. А компанијата отвори погони и истражувачки центри во уште 16 земји.
За време на пандемијата во 2020 година, нивниот приход се зголеми за 18 отсто на 14 милијарди евра, додека профитот скокна за 43 проценти на 3,7 милијарди евра. Акциите на ASML се тргуваат на берзите во Амстердам и Њујорк, а пазарната капитализација на компанијата надминува 200 милијарди евра.
Жртви на најголемата позната индустриска шпионажа
Фактот дека за време на финансиската криза во 2008 година, ASML отпушти илјада работници ги поддржува тврдењата дека оваа индустрија е подложена на циклични осцилации и дека тоа е случај и со сегашната трка за чипови. Преовладува мислењето дека овој пат побарувачката долго ќе се загрева поради забрзаната дигитализација, како и воведувањето 5G мрежи и „паметните“ функционалности во се повеќе производи.
ASML проценува дека бројот на „паметни“ уреди ќе се зголеми од денешните 40 на 350 милијарди до крајот на деценијата. Затоа трите водечки производители планираат огромни инвестиции во проширување на капацитетите и лансирање на уште помоќни чипови.
Во следните неколку години, TSMC ќе инвестира 100 милијарди долари, Самсунг 116 милијарди и Интел 20 милијарди долари.
Но, и тие ќе треба да чекаат во редот за ASML да им ги достави своите машини, бидејќи компанијата не може да произведува повеќе од педесет годишно, а нема алтернативен технолошки процес, ниту алтернативен производител на литографија EUV.
За истражување и развој, годишно и над две милијарди евра
За Холанѓаните во овој сегмент нема конкуренција, иако пред неколку години тие беа жртви на индустриска шпионажа. Така што им беше досудена најголемата отштета досега од 223 милиони евра. Во тоа време, нивните поранешни вработени (од кинеско потекло) се обидоа да организираат слично производство во Соединетите држави, но ASML ја доби тужба за правата на патенти. Сепак, и тие спијат на своите ловорики, па најавија уште понапредна литографија и нови машини за 2023 година, чија цена ќе биде околу 250 милиони долари!
Дека иновацијата не доаѓа сама по себе, покажува нивниот буџет за истражување и развој, во кој годишно се слеваат повеќе од две милијарди евра, или 16 проценти од приходите.
Покрај тоа, ASML е активен во однос на аквизициите (преземањата), а оној од 2013 година, кога го презеде американскиот производител на специјални ласери „Cymer“ за две милијарди евра, се смета за клучен за подоцнежното појавување на EUV технологијата.
Фактор Кина
Се очекува приходите од ASML да пораснат до 20 милијарди евра до 2023 година, иако постојат ризици поврзани со кинескиот пазар, кој учествува со 17 отсто во приходите, и покрај фактот што тие не извезуваат најскапа, опрема за EUV.
Имено, Кинезите доцнеа со стартот на производство на чипови и долго време се потпираа на огромен увоз, неопходен за да биде „светска фабрика“ на потрошувачка и друга електроника. Денес, нивните производители на чипови, како и оние од Јапонија и ЕУ, технолошки заостануваат зад трите водечки компании во оваа област.
Покрај огромните инвестиции и недостатокот на врвни експерти, уште поголема причина за оваа ситуација е што овие производи застаруваат за само неколку години. Секој што мисли да влезе во оваа област мора да ја земе предвид опасноста дека производот што има намера да го направи може да се надмине во истиот момент кога гради фабрика и набавува опрема. Покрај тоа, кинеските компании се соочуваат со разни забрани за увоз на најнапредна опрема, со што САД и нивните сојузници им го отежнува натамошниот технолошкиот подем на Кина во стратешките области.
Невообичаен монопол во светот на чипови: ASML најважна, а непозната фабрика во светот
Поради тоа ASML неодамна, откако чекаше повеќе од една година и по промената на американската администрација, доби одобрување од холандската влада да продаде опрема на DUV во вредност од 1,2 милијарди долари на најголемиот кинески производител на чипови SMIC.
Како тоа го прави Филипс
Тековните најголеми индивидуални акционери на ASML се Американската компанија Capital Research Managment Company и Blackrock со учество од 15,28 проценти и 7,69 проценти. Уделот на Филипс е симболичен, иако првично поседуваше околу 50 отсто сопственост на ASML. Филипс продаде акции во холандска компанија во раните 2000 -ти години за да ги инвестира парите во својата основна дејност во тоа време, потрошувачка електроника. Сепак, тоа не ја спаси оваа компанија од капитулација пред азиската конкуренција. Таа денес е фокусирана на производство на медицинска опрема. Иронично или не, сопственоста што Филипс некогаш ја имаше во ASML, денес вреди двојно повеќе од неговата вкупна пазарна капитализација.
(BIZNIS & FINANSIJE 187/188,В.Ж.)