-Македонија е исправена пред структурните предизвици кои се концентрираат околу социјалниот договор за интеграција во Европската Унија, којшто се одвива бавно, исто како и модернизацијата на јавниот сектор, за чија дигитална трансформација се потребни огромни средства. Но, за реализирање на овие структурни предизвици во голема мера е потребна и промена во начинот на размислување во однос на развојот, потенцира меѓународниот економист Питер Мидлбрук на денешната конференција на Обединетите нации насловена „Поглед подалеку“.

Тој оцени дека треба да се ангажираат млади луѓе кои размислуваат брзо и поразлично.
– Живееме во едно конкурентно опкружување, треба да бидеме брзи. Секоја година што ќе ја поминеме во чекање е загубена година. Потоа потребно е фрагментирање на глобалната политика за одржливост. Изминативе две години беа многу комплицирани, значи ја имаме агендата 20/30, го имаме Глобалниот договор, Зелениот договор на ЕУ и ги имаме сите овие договори коишто доаѓаат во време на кризи и за тоа како да изберете што ќе направите и во што ќе инвестирате. Потребни се вештини, истакна Мидлбрук.
Тој, осврнувајќи се на тоа за што треба да се инвестира за да се реализираат трансформативните агенди, нагласи дека недоволно се развиени финансиските пазари и пазарите на капитал.
– Не зборуваме повеќе само за владините приходи и расходи, имаме отворена банкарска револуција каде што техничките фирми наоѓаат клиенти за банките додека зборуваме. Потоа транзицијата на енергијата е нешто во што треба да се инвестира, во нови механизми за финансирање за да им се овозможи на компаниите да имплементираат решенија коишто не се понудени од националната мрежа за снабдување. Потоа во ограничената ориентација на пазарот кон зземјоделството, порача Мидлбрук, потенцирајќи го повторно темпо на „позеленувањето“ на финансискиот систем.
На конференцијата на која се дискутира за мерките преземени од државата и анализите поддржани од агенциите на Обединетите нации, УНДП, ФАО и УНИЦЕФ, за да се помогне Северна Македонија да ги надмине предизвиците во областа на храна и енергија, постојаната координаторка на ОН во Северна Македонија, вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, нагласи дека проблемите коишто се јавија влијаат врз остварувањето на стратешките цели се системски и се провлекуваат со години а дополнително ескалираа со енергетската криза од инвазијата во Украина. Значи се соочуваме со проблеми коишто беше тешко дури и да се замислат пред неколку години.
На панелот на конференцијата „Поглед подалеку“ на кој се зборуваше за кризата низ која минуваме како и оние со кои Владата се справува во последните три години, вицепремиерот, потенцираше дека промената и адресирање на системските проблеми не може да се одвиваат без промена на свеста и забрзано и засилено работење кон дигитализација.
„Системските и структурни проблеми кои излегоа на површина за време на кризите не може да се решат без промена на свеста и размислувањето. Наше е да избереме, дали ќе сакаме да се промениме или ќе оставиме за следните пет години, но за тоа ќе плаќаат идните генерации.
Затоа мислам дека треба да ги прифатиме и признаеме сите системски недостатоци кои излегоа во криза и тие да се почетна точка за промена и искористување на можностите. Една таква можност е забрзана дигитализација на услугите и целокупно економијата. Со што граѓаните и бизнисот ќе добиваат брзи и навремени услуги а со тоа ќе се зголеми и целокупната продуктивност,“ истакна Битиќи.
Според него праведната енергетска транзиција е исто еден голем предизвик, со оглед на фактот што во државата немало значајни инвестиции во унапредување на енергетскиот сектор во изминатите 30 години.
„Првите позначајни поместувања започнуваат некаде од почетокот на оваа декада, и тука нашата Влада е одлучна и максимално посветена на најбезболен начин да го изоди овој процес. Проблемите во енергетика не се решаваат преку ноќ – проблемот е повторно системски. Зелената транзиција требала да почне пред 10 години, не денеска. Но ние веќе активно работиме и имаме значителен напредок.
Само оваа година имаме веќе инсталирани производни капацитети од обновливи извори кои што се приклучени на мрежа со вкупен инсталиран капацитет од 141 мегават, дополнително што имаме одобрени три стратешки инвестиции во секторот енергетика со вкупен инсталиран капацитет од 335,2 MW електрична и 105 MW топлинска енергија.
Дополнително, зелените финансиски инструменти, како што и во оваа студија е нагласено, веќе функционираат во неколку земји во светот. Исто така и ние како држава веќе размислуваме во оваа насока, државата е спремна и секако кога ќе се исполнат сите предуслови најверојатно и ние како држава ќе може да одиме со еден ваков алтернативен начин на финансирање на нашата зелена транзиција.“