Мобилните телефони, лаптопите и автомобилските батерии не можат да функционираат без ретки метали. Тие не се толку ретки, но повеќето од нив на пазарот доаѓаат од Кина. Меѓутоа, ЕУ и САД сега сакаат поголема независност од тој увоз, пишува Дојче Веле.

 

Денес, ретките метали се наоѓаат во речиси секој современ уред. Зад тој термин се кријат 17 метали, која ги вклучува 15 сребренкасто-бели метали познати како лантаниди, како и скандиум и итриум, цериум или европиум. Тие се вградени во производи од модерна технологија како што се мобилни телефони, LED ламби или камери. Од нив може да се произведат таканаречени трајни магнети - магнети кои се мали и лесни, но сепак имаат силни магнетни својства. Откако ќе се произведат, тие ги задржуваат своите својства со децении.

Овие метали имаат широка примена, вклучувајќи потрошувачка електроника, електрични возила, авионски мотори, медицинска опрема, процес на преработка на нафта и воени технологии, како што се проектили и радарски системи. Практично, ретките метали се неопходни за изградба на ветерни турбини или електрични автомобили. Тие се користат и во воената индустрија, на пример во производството на борбени авиони, подморници, ласерско оружје и одбранбена технологија. Нивната стратешка важност за трговијата и одбраната ги прави овие метали исклучително вредни. Два се особено барани: неодиум и празеодимиум - двата најважни елементи за производство на трајни магнети. Во моментов, нивната пазарна цена е околу 55 евра за килограм. Тербиумот е уште еден вреден редок метал, од којшто еден килограм може да чини до 850 евра.

Ретките метали всушност не се толку ретки, но…

Иако е воспоставен терминот „ретки метали“ или „ретки земни метали“, во суштина овие елементи се доста чести во карпите и можат да се најдат низ целиот свет. Проблемот е што нивното вадење најчесто е неисплатливо. Индустриското ископување е исплатливо само таму каде што се јавуваат во доволно големи концентрации. А таквите регии се ретки.

Седумдесет проценти од сите ретки земни метали моментално се ископуваат во Кина, покажува студијата на Геолошкиот завод на САД (USGS), важен институт за мапирање во САД. Голем дел од ретките метали доаѓаат од рудникот Бајан Обо во северна Кина.

Овој рудник има големо геополитичко значење. Тој е многу поголем од вторите најголеми наоѓалишта на ретки метали во Австралија и Гренланд. И во него можете да ги најдете сите елементи што се важни за производство на трајни магнети. 

Кинески монопол

По екстракцијата од земјата, следи сложен процес: ретките метали се одделуваат и се прочистуваат преку високо специјализиран процес со цел да се подготват за понатамошна обработка. Овој процес се одвива главно во Кина. Затоа таа го испорачува не само мнозинство ретки метали, туку и мнозинство трајни магнети во светот.

Монополот на Кина е особено видлив кога ретките метали се поделени на лесни, средни и тешки. Лесните елементи - освен неодиум и празеодиум - обично се помалку вредни, почести и полесно достапни. Бидејќи е полесно да се одделат од минералите во кои се наоѓаат.

Европската унија увезува 80 до 100 проценти лесни ретки метали од Кина. А потешките ретки метали се поретки и бараат уште посложени методи на сепарација, па затоа во моментов тие доаѓаат целосно од Кина.

Како ЕУ и САД сакаат да постигнат поголема независност

Многу западни земји се загрижени за монополот на Кина. Затоа ЕУ и Соединетите американски држави започнаа со сопствена експлоатација на овие вредни суровини во последниве години. Тоа е можно, на пример, преку таканареченото урбано рударење - процес во кој ретките земјени суровини се вадат од отпадот. Старите уреди како мобилни телефони, лаптопи или дури и конзерви се рециклираат за оваа намена.

Во 2024 година, Европската Унија го донесе Законот за критични суровини. Тој треба да ги направи синџирите на снабдување понезависни и да изгради домашен капацитет. Тој поставува необврзувачки цели за количината на суровини што треба да се произведе до 2030 година во рамките на Унијата. Така, стратешките проекти можат да се лоцираат во земјите-членки и земјите-партнери како што е Норвешка. Покрај тоа, ЕУ се надева дека ова ќе го олесни пристапот до средства и побрзо издавање дозволи.

И Вашингтон интензивно инвестира во експлоатација во својата земја. До 2027 година, Американците сакаат да создадат свои синџири на снабдување кои би требало да додадат вредност „од рудник до магнет“ во рамките на Соединетите држави. Дополнителен фокус е ставен и на потенцијалните области на експлоатација како што се Украина и Гренланд.

Двете земји се особено релевантни за американскиот претседател бидејќи теоретски имаат големи наоѓалишта. Но, во моментов се тешко достапни - па затоа останува неизвесно колку е реална експлоатацијата во тие земји.