
Книгата за деца „Јас сум Акико“ од српскиот автор Стефан Тиќми, објавена и во Македонија, од страна на издавачката куќа „Арс Ламина“, деновиве беше во фокусот на интересот на нашата читачка публика.
Македонското издание на овој роман е објавено од „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а корицата ја изработи нашиот илустратор и автор Ване Костуранов.
„Јас сум Акико“ говори за едно девојче со пеги кое не ги сака границите, а Филмскиот центар на Србија минатата година го поддржа проектот да се адаптира делото во сценарио за долгометражен цртан филм.

– Пред да ја пишувам Акико, работев на роман што би рекол дека беше натопен со тежина. Тежок за создавање и навистина ме измори. Кога почнав да ја пишувам Акико ги немав на ум ниту Коларов ниту Егзипери, туку само некоја потреба за опуштеност. Во текот на тие денови имав некој поетски зен. Интересно е дека романот се вика „Јас сум Акико“, а во суштината презирам реченици што почнуваат со „Јас сум...“. Но, кога почнав да го повторувам тоа, ми звучеше како некаков рефрен. Добро е да видиме колку пати во романот се повторува „јас сум“, што на мене ми изгледаше многу певливо и убаво – објасни Тиќми и додаде дека романот, во суштината, е едно негово враќање кон времето кога бил дете и кон тоа што сè би сменил доколку сè уште е во училишната клупа – вели авторот.
„Јас сум Акико“ досега има добиено голем број награди меѓу кои и за најдобра книга за деца од „Политикин забавник“, а исто признание го освои и на Саемот на книга во Херцег Нови.
Младиот писател од Лесковац е познат и по тоа што во населбата Анчики блиску до неговиот роден град, во напуштена куќа направил мала бесплатна библиотека со 5000 книги. Воедно, пошироката јавност го знае и како преведувач на поезија на знаковен јазик.

Главен лик во романот е Акико, која го сака својот татко, кожата ѝ мириса на стара хартија и често е осамена. На другите им изгледа необично, но животот ќе ѝ се смени благодарение на Баобаб и Марсело.
Во „Јас сум Акико“ нема илустрации, но затоа писателот ја користи типографијата како наративно средство со тоа што во книгата има пречкртани, зголемени или побледо испечатени зборови, како и фусноти каде што се вметнати коментари, информации или смешни упатства што го прават читањето интересно и возбудливо. Тиќми посочува дека не сака рамки и единствената што ја почитува е таа на ворд-документот каде што се наоѓа неговото игралиште. Вели дека во неговиот случај пишувањето се базира на чувство, а не на факултетски лекции и дипломи.
– Да сакав, најверојатно ќе се запишев на некој факултет врзан со книжевноста. Но, книжевноста ја имам ставено во еден голем меур за да ја заштитам од сите влијанија што би може да имаат негативно влијание врз неа. Мислам дека би било негативно да отидам на факултет, каде што би ми рекле што да читам или како да пишувам. За пишување треба да се има и потполна слобода. А, во книжевноста сè е спротивно во однос на реалноста. Замките се секаде околу нас штом ги отвориме очите наутро без разлика дали ние сакаме или не. Додека во книжевноста намерно влегуваме во таа замка, која е и предизвик за авторот. Прашањето е како да бидам полуд од децата и луѓето кои ќе го читаат. Тоа ме води – посочува Тиќми.
Тој досега ја има издадено и збирката поезија „Ме фатија кукли“, а веќе од печат е излезено и неговото ново дело „Капут од мов“.
Ова е мудра книга и многу ставови што ги истакнува Акико за родителската љубов, за внатрешниот свет, за извртената стварност, за пријателството и за многу други сфери, е добро да допре и до возрасните.
Српските медиуми ја опишуваат оваа книга како инспиративна и поетска, а Тиќми е истакнат како нов глас во домашната книжевност за деца и млади.
Неговото пишување е опојно како стиховите на Мика Антиќ, бајковито мудро како во „Малиот принц“ на Антоан де Сент Егзипери, духовито и топло како текстовите на Игор Коларов.
Книжевните критичари велат дека ова е книга што брзо се чита, но останува во сеќавањата и воедно е соодветна и за повозрасните читателите.
„Јас сум Акико“ веќе може да се најде во сите книжарници на „Литература.мк“