Минатата година, светската економија беше обележана со бавен глобален економски раст со зголемени политички поделби, извонреден скок на вредноста на златото и биткоинот проследен со пад на цената на нафтата, како и победата на Доналд Трамп на изборите во САД, што може да доведе до враќање на ерата на протекционизам и трговска војна со Кина, сметаат аналитичарите.
Според прогнозата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) глобалниот економски раст забави од 3,3 отсто во 2023 година на 3,2 отсто во 2024 и 2025 година.
За пет години, глобалниот раст треба да биде 3,1 отсто, што според ММФ претставува просечен учинок во споредба со просекот пред пандемијата на корона вирусот.
Економскиот раст на развиените економии ќе се забрза од 1,7 отсто во 2023 година на по 1,8 отсто во 2024 и 2025 година, посочуваат од вашингтонската организација.

Деглобализацијата е се пореална опасност за светот

На глобалната економија сè уште и се заканува фрагментација и континуирана поделба на спротивставени блокови, а директорката на ММФ Кристалина Георгиева и шефот на Светската банка Ајај Банга неколкупати предупредуваа на опасноста од овој тренд.
Војната во Украина влезе во третата година и продолжи да има значително влијание врз текот на светската економија, но по изборот на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави, веројатноста за постигнување договор што ќе доведе до прекинот на конфликтот се зголемува.
Западните санкции против Русија се интензивираа и Москва беше принудена да се бори со падот на државните приходи од нафта и гас што ја разниша рубљата во текот на годината.
Централната банка на Русија (БР) реагираше со зголемување на референтната каматна стапка на 21 отсто, а руската економија досега успеа делумно да се прилагоди на условите на санкциите и покрај релативно високата инфлација.
 

Германија ќе биде подобра дури во 2027 година
Во јуни Европската централна банка започна циклус на намалување на каматните стапки, така што каматната стапка на депозитите постепено се намалуваше од четири проценти за 25 базични поени, а во декември, по четири намалувања, падна на три проценти. Каматната стапка на главните операции за рефинансирање во еврозоната на крајот на 2024 година е 3,15 отсто, а каматната стапка на граничната кредитна линија е 3,4 отсто.
Инфлацијата во еврозоната постепено падна од 2,8 осто во јануари на 1,7 отсто во септември, но потоа повторно почна да расте за да достигне 2,2 проценти во ноември.
Европската централна банка оцени дека економскиот раст на еврозоната во 2024 година од 0,7 отсто ќе  забрза до 1,1 проценти во 2025 година и до 1,4 отсто во 2026 година.
Германија и Франција, двете најголеми економии во еврозоната, не успеаја да ја поттикнат европската економија, пред се поради проблемите во производствениот сектор и политичката нестабилност.
Во декемвриската прогноза Бундесбанк објави дека економскиот раст во Германија годинава повторно ќе биде негативен и ќе изнесува минус 0,2 отсто.
Според сегашните прогнози, германската економија годинава ќе порасне за скромни 0,2 отсто и благо ќе забрза до 0,8 отсто во 2026 година и 0,9 отсто во 2027 година.
Германската економија не се бори само со постојани економски пречки, туку и со структурни проблеми, објави во таа прилика претседателот на Бундесбанк Јоаким Нагел.
Како што е наведено, германската индустрија е извозно ориентирана и под притисок да се прилагоди на промените како што се повисоките цени на енергијата, транзицијата кон јаглеродно неутрална економија или стареењето на населението.
Покрај тоа, германските компании се повеќе се соочуваат со протекционистички тенденции и зголемена конкуренција од земјите во развој на глобалните пазари, а Кина зазеде значителен пазарен удел во секторите како што се автомобилската и хемиската индустрија, како и машинскиот инженеринг, кои се особено важни за Германската индустрија. Франција имаше година исполнета со политичка неизвесност, бидејќи претседателот Емануел Макрон неочекувано свика предвремени парламентарни избори за крајот на јуни и почетокот на јули за да се реши кризата во земјата, но наместо тоа ја продлабочи.
Победничкиот Нов народен фронт (НПФ) не ја доби довербата на Макрон за формирање влада, а новата француска влада, која вети драстични буџетски кратења за намалување на дефицитот, падна по само три месеци.
Во септември, американската централна банка FED ја намали референтната каматна стапка за прв пат по 14 месеци, за значителни 50 базични поени, за да го продолжи циклусот на намалувања во ноември и декември, кога каматните стапки беа намалени за по 25 базични поени и сега се во опсег од 4,25 до 4,5 отсто.
Кина и кога има забавен раст, бележи зголемување од околу  пет проценти
Кина, која долго време беше главниот мотор на светската економија, забележа една од помалку успешните години поради послабиот раст на домашната побарувачка и кризата во секторот на недвижности, но Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) сепак и предвиде раст на  кинеската економија од 4,8 проценти.
Според ММФ, Индија годинава ќе забележи исклучителен економски раст од седум отсто и ќе продолжи со слично темпо и во наредниот период.

Цените на златото се искачија на новото највисоко ниво
Цените на златото се искачија на новото највисоко ниво од 2.790 долари во октомври, бидејќи инвеститорите и централните банки во многу земји бараа безбедно засолниште за капитал во време на економски и политички превирања.
Вредноста на златото падна дури во ноември по победата на Доналд Трамп на изборите во САД и силниот раст на доларот.
Мерките што ги најави Трамп може да ја зголемат инфлацијата, но и да го забават темпото на намалување на каматните стапки, што би го направило златото помалку привлечно за инвестиции.
Економистите генерално веруваат во корелацијата меѓу цените на златото и движењето на каматните стапки, односно цената на златото расте кога каматните стапки се пониски и обратно.

Година на биткоинот
Изминатата година можеме да ја наречеме година на биткоинот. На почетокот на 2024 година, големите инвестициски банки добија право да создаваат фондови со кои се тргува преку размена (ETF) со биткоин како основна валута. Во март, вредноста на биткоинот, поттикната од овие случувања, се искачи на повеќе од 70.000 долари.
Нов силен импулс за раст следеше по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, кој се смета како голем поддржувач на индустријата за криптовалути. Па така ја подигна вредноста на биткоинот прво на 90.000 долари, а подоцна и на нов историски максимум од 108.268 долари.
Аналитичарите генерално очекуваат политиката на новоизбраниот американски претседател да доведе до понатамошен раст на вредноста на биткоинот во 2025 година.
 

Вишок нафта, па цената паѓа
Во изминатата година глобален пад има и на цените на енергенсите и суровините, како и на цените на земјоделските производи.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во својот месечен извештај за декември објави дека понудата на нафта на светскиот пазар ќе ја надмине побарувачката за 1,4 милиони барели дневно (бпд) во 2025 година, доколку нафтениот картел ОПЕК го зголеми производството од април.
Според извештаите, вишокот на пазарот ќе се случи годинава дури и ако земјите од картелот ОПЕК продолжат со доброволни ограничувања на производството на нафта и тој ќе изнесува 950.000 барели дневно, пренесува Ројтерс.
Вишокот на пазарот првенствено ќе биде последица на послабата побарувачка на нафта во Кина и постепеното преминување кон технологии кои се поеколошки во споредба со фосилните горива, што исто така предизвикува стагнација или дури и пад на цените на оваа енергија.
 

Кој ќе плати за зелената транзиција на сиромашните
Климатскиот самит COP29 што се одржа од 11 до 22 ноември во главниот град на Азербејџан, Баку, каде беше усвоен план за финансирање, според кој развиените земји до 2035 година треба да издвојуваат 300 милијарди долари годишно за борба против климатските промени и да помогнат во развојот на земјите кои се најмногу погодени од овие промени.
Земјите во развој рекоа дека таквата цел е недоволна и бараа најмалку 500 милијарди долари годишно, а критичарите предупредија дека конечниот договор не вклучува механизам за задолжителни придонеси од Кина и другите економии во развој.
Во завршниот текст се наведува дека финансирањето за климата ќе дојде и од јавни и од приватни извори и поттикнува доброволни прилози од земјите во развој, вклучително и Кина и земјите од Блискиот Исток.
Мултилатералните развојни банки, вклучително и Светската банка и Европската инвестициска банка, ветија дека ќе го зголемат кредитирањето поврзано со климата на 120 милијарди долари годишно за земјите со низок и среден приход, додека Азиската банка за развој најави 7,2 милијарди долари дополнителни инвестиции и програма за адаптација вредна 3,5 милијарди долари.
Електричните возила го забавија растот
Уделот на електричните возила (ЕВ) на патиштата во светот расте со многу побавно темпо отколку што очекуваа производителите.
Најголемите производители на електрични возила, како што е Tesla, беа принудени неколку пати да ги намалуваат цените на своите производи за да ги заинтересираат клиентите за жестоката конкуренција, но овие стимулации не го дадоа посакуваниот резултат.
Цената на литиумот падна за речиси 20 проценти од почетокот на 2024 година, а сè уште нема индикации дека оваа ситуација наскоро ќе се промени.
Развојот на вештачката интелигенција (ВИ) стана еден од клучните трендови во 2024 година, а некои автори истакнуваат дека новата технологија ја претвора научната фантастика во научен факт.
 

Развој на вештачка интелигенција: паралелна видео реалност
Во февруари, калифорниската компанија OpenAI претстави нова и потенцијално револуционерна алатка Sora, која го претвора текстот во видеа, а во декември им овозможи на корисниците пристап до неа и да создадат свои снимки.
„Сора може да генерира сложени сцени со повеќе ликови, специфични типови на движења и точни детали за темата и заднината. Моделот разбира не само што барал корисникот, туку и како постојат работите во физичкиот свет“, се наведува на веб-страницата OpenAI.
Принципот е прилично едноставен за корисниците, кои само треба да напишат „сценарио “ (т.н. рronpt) и да ја остават Сора да работи, за да може технологијата да замени некои аниматори со послаб квалитет, но и да помогне при снимање филм.
Списокот на неодамнешните достигнувања на вештачката интелигенција е импресивен, како и нивните практични апликации. Вештачката интелигенција се користи за анализа на генетските состојби, подобрување на здравствената заштита, создавање на производни ефикасности и многу повеќе.
Комитетот за Нобеловата награда ја препозна важноста на вештачката интелигенција кога ја додели Нобеловата награда за физика на Џон Хопфилд и Џефри Хинтон „за фундаментални откритија и пронајдоци кои овозможуваат машинско учење користејќи вештачки невронски мрежи“.
Несомнено е дека вештачката интелигенција претставува огромен потенцијал за човештвото и дека развојот на оваа технологија наскоро ќе влијае на животот на се поголем број луѓе на планетата.
Оваа технологија бара големо количество енергија, што дополнително го поттикна интересот на компаниите за нуклеарните централи.
(Танјуг)