„Се што знам за животот“ е новата книга на Тихомир Јанчовски – поет, професор, преведувач и колумнист. Таа е дневник, прозно дело, кое низ субјективна перспектива на авторот ги задржува и јазички презентира доживувањата и појавите во свеста.

Покрај специфичноста на пристапот, книгата обработува значајни онтолошки, епистемолошки, етички и естетички прашања и претставува вистински придонес во македонската филозофска мисла.

Во улога на Промотор на книгата во недела во „Буква“ се јавува Проф. д-р Ристо Солунчев.

Тихомир Јанчовски, кој до сега објавил осум книги поезија и еден роман, во своето ново дело се прашува:

- Што знам за животот?

Можам да думам крајно зихерашки и лицемерно, и шаблонски да изложам и излажам дека за животот знам многу малку, и дека е невозможно за него да се знае многу, и дека сето мое знаење е само зрнце песок во непрегледната пустина нац’цкана со огромни и непостојани песочни дини... или дека е „капка вода во океанот“. Боже, колку лита и исцедена фраза! Како не? Знаењето можеби е кревко и небитно, но постои – го има.

Зар треба да се испие или преплива сета вода на светов за човек да го познава нејзиниот вкус и мирис, нејзината боја, или тоа што се претвора во лед и пареа? Животот е неверојатно прост и непосреден, а маката во неговото разбирање ја создаваат бескрајните празни мудрувања и комплицираната поделена и ситно насечкана свест што се проицира себеси во него и сака да го гледа налик на себе: сакат, искинат, испокршен, фрагментиран, неспоив, налудничав, нелогичен, бесловесен, минлив, непотребен, тегобен, мачен...

Нема врска, животот е еден, животот е едноставен, животот е убав.

Во пресрет на промоцијата, Јанчовски за „Анторис“ вели:

- Kнигата е вид дневник. Пишувана е во јули 2019, кога во мирот на летните вечери ги запишував дневните мисли. Никогаш не пишувам со план што да напишам, туку како што ми доаѓа однатре... По вдахновение... A тоа не доаѓа кога јас сакам и планирам, туку кога самото сака. Истото е со сите мои книги. Значи, како што велите вие во прашањето, делото само ме најде. Сепак, не дојде толку одеднаш и ненајавено. Имав некоја идеја за дело со таков наслов, сосема општа идеја, уште од пред некоја година, па кога почнав да го пишувам во јули, формата на дневник се покажа како најсоодветна за поврзување на сите тие различни теми кои инаку ќе беше тешко да се стават заедно и на едно место. И го почнав... и не можев да го оставам додека зборовите не престанаа да доаѓаат.


Во својата кариера повеќе бевте поет, отколку писател. Зад Вас е богато животно искуство, многу патувања, меѓу кои и на Света Гора, три пати. Некој ќе каже дека сета мудрост на светот е собрана таму. Какви се вашите искуства?
- Мудроста не е во местото. Во ниедно конкретно место. Ниту во патувањата. Таа е внатре во човекот и полека се освестува и зрее според неговата желба и решеност да ја стекнува и одржува. И таа е талент, дар, нешто што е дадено. Не заработено. Ако човек има љубов за мудроста, таа самата му се открива. И тоа не еднаш, и не преку ноќ, туку во текот на целиот живот, дел по дел, чекор по чекор. Зборот филозофија значи токму тоа: љубов кон мудроста. На тој долг пат може да има и многу застранувања, главно предизвикани од маките на суетата и желбата да се биде над другите. Како и да е, јас не се сметам себеси за мудар, да бев таков, ќе бев посмирен и животот ќе ми беше многу поубав. Не е мудрост само да знаеш некои работи, знаењето има смисла само ако е применето. А неговата примена често е спречена од силата на веќе оформениот карактер.

Инаку, Света Гора е многу убаво место...