Унгарската бизнис Групација 4iG, е заинтересирана за влез во Македонија како трет мобилен оператор, објавија унгарски медиуми откако  вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски пред неколку дена оствари средба со менаџментот на групацијата. Инаку, 4iG Group е вториот по големина унгарски телекомуникациски оператор и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во вселенската и одбранбената индустрија.

Како што соопштија од Министерството за транспорт, на средбата одржана во унгарската престолнина, претседателот на 4iG-групацијата изразил силен интерес за анализа на условите за влез на телекомуникацискиот пазар во земјава со услуги во мобилната и во фиксната телефонија. Како истакната регионална ИТ и телекомуникациска компанија со докажана историја во поттикнувањето на дигиталната трансформација во различни сектори, оваа иницијатива, е усогласена со стратегијата на 4iG-групацијата за проширување на нејзиното присуство во земјите од Западен Балкан.

 – Веруваме дека воспоставеното искуство на 4iG-групацијата во телекомуникациската индустрија, комбиниранo со нејзината стручност во регионални рамки, може ефикасно да се искористи и на македонскиот пазар. Оваа иницијатива ветува значителни придобивки за двете страни, а може да биде поволна, особено за граѓаните на Македонија, бидејќи и Македонија и 4iG- групацијата делат заедничка визија за поврзано и дигитално напредно општество – истакнал министерот Николоски.

Во текот на официјалната средба, двете страни ги истакнале значењето и развојот на дигиталната инфраструктура за економски и социјален напредок.

Усогласувајќи се со плановите за одржлив развој на Македонија до 2030 година, претседателот на 4iG-групацијата изрази интерес за соработка во проекти во комуникациската инфраструктура, истакнувајќи ги потенцијалните инвестиции во најсовремени технологии за подобрување на поврзаноста меѓу урбаните и руралните средини во Македонија, се посочува во соопштението.

4iG-групацијата е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ-систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенската и на одбранбената индустрија. 

Групацијата, која, според медиумите во Унгарија важи за блиска до властите во Будимпешта, влезе на телекомуникацискиот пазар на Западен Балкан во 2022 година, добивајќи силни позиции во Црна Гора и Албанија, а потоа лансираше свој телекомуникациски бренд ОНЕ. ОНЕ Црна Гора сега е лидер на пазарот во мобилните услуги 5G, а ОНЕ Албанија, која беше создадена со спојување на албанските телекомуникациски компании во сопственост на 4iG, стана најголемиот конвергентен телекомуникациски провајдер во земјата, Според официјалните податоци, групацијата 4iG има над 8.000 вработени.

Групацијата 4iG подготвува изградба на подморски кабел за податоци со голем капацитет со Телеком Египет, кој би ги поврзал Египет и Албанија. Инвестицијата може да биде од корист и за Северна Македонија во иднина, бидејќи може да придонесе за забрзување на дигитализацијата и економскиот раст на земјата, се вели во соопштението на 4iG.