Вечерва, на падините над Охрид, започнува 37. издание на еден од најзначајните поетски фестивали во земјава – Велестово. Организаторите најавуваат „единствено поетско доживување“ со шеснаесет домашни и странски автори што ќе ја испишат овогодинешната програма со читања, разговори и визуелни интервенции во просторот.

Фестивалот стартува со портрет на македонскиот поет, Андреј Ал-Асади - едно од водечките имиња на современата македонска поезија, со неколку стихозбирки и забележлива меѓународна видливост. На отворањето ќе биде претставена неговата нова стихозбирка „Рубедо“, а во разговор со Јулијана Величковска публиката ќе добие поширок увид во неговото творештво – поетики што критиката ги вреднува и дома и надвор, со преводи на повеќе јазици и присуство во изборни антологии. Ал-Асади со дел од книгите бил и во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.
По авторскиот портрет на Поетска ноќ во Велестово следи интернационалното поетско читање „Имаго“, на кое ќе настапат гостите-поети од странство.
Според програмата на фестиваалот ќе настапат 16 поети, музичари и уметници од шест држави (Ирска, Азербејџан, Хрватска, Романија, Бугарија и Македонија).
Вечерта ќе ја збогати и изложбата на Стефан Младеновски во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, што ја продолжува препознатливата линија на Велестово – спој на поезија и визуелна уметност во автентична архитектонска средина.
Велестово и годинава настапува како интимен, но репер фестивал: во фокус се содржината и авторите, а не протоколот. Отворањето со Ал-Асади и „Имаго“ поставува тон на дијалог и отвореност, додека изложбата на Младеновски додава слоевитост и визуелен контрапункт на поетските читања. За љубителите на литературата – вечер за сеќавање; за авторите – сцена што го потврдува статусот на Велестово како едно од клучните собиралишта на современата поезија.
Во програмате е предвиден и кус музички концерт на Игор Климовски (соло хармоника), како и организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“.
Имено, бидејќи од повеќе од 200 видови пеперуги во Македонија, дури 166 живеат во Националниот парк „Галичица“, постерот за годинешното издание е посветен на пеперугите на Галичица. Да се потрудиме заедно да ги заштитиме и уште долго да уживаме во нивната убавина. Автор на постерот е Андреј Павлов.
Организаторите најавуваат атмосфера што го става во преден план живиот глас на поезијата – ритамот, дишењето и непосредниот контакт со публиката – а програмската рамка ги вкрстува различните поетски јазици на регионални и европски автори. За посетителите, ова е ретка можност на едно место да се слушнат нови книги, преводи и поетски пракси кои ја прошируваат сцената надвор од уобичаените градски формати.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Охрид и од Комерцијална банка АД Скопје, гостувањето на поетесата од Ирска е помогнато од Литературниот центар Мунстер од Корк и Советот за уметност на Ирска, а гостувањето на поетите од Хрватска е поддржано од Хрватското друштво на писатели и е дел од книжевната размена меѓу Поетска ноќ во Велестово и „Стихот во регионот“ (“Stih u regiji”), Загреб.