Во секторот за вештачка интелигенција (ВИ) моментално доминираат американски корпорации - а кинеските компании го следат примерот. Франција и Европа, од друга страна, значително заостануваат.

 

Американската корпорација Амазон оваа година планира вложување од околу 100 милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција. Побарувачката на ИТ клиентите за ресурси во овој сектор е толку висока што AWS, одделот за облак услуги на Amazon, веќе има проблеми со капацитетот, смета извршниот директор на Amazon, Енди Џеси, само во последниот квартал од 2024, компанијата инвестирала повеќе од 25 милијарди евра во својата инфраструктура.

Пред само неколку недели, кинескиот DeepSeek предизвика бура во светот на вештачката интелигенција. Големиот јазичен модел на компанијата изгледа исто толку моќен како и нејзината американска конкуренција, иако е развиен со значително помалку средства и со помалку технички ресурси.

За разлика од ChatGPT, четбот од американската компанија OpenAI, алгоритмот на DeepSeek не е таен, туку е слободно достапен (отворен код).

„Иако е тешко да се предвиди иднината на DeepSeek како компанија, структурните ефекти се чини дека се доста далекусежни“, рече инвеститорот Санџот Малхи, според Ројтерс.

Едно од клучните прашања што го постави DeepSeek е дали воопшто вреди да се инвестираат милијарди долари во вештачка интелигенција во САД.

DeepSeek објави детали за моделот на вештачка интелигенција истиот ден кога американскиот претседател Доналд Трамп го објави проектот наречен „Stargate“, во кој OpenAI и другите технолошки компании планираат да инвестираат околу 500 милијарди долари за развој на инфраструктурата за вештачка интелигенција.

А Европа?

Франција планира и свој проект за вештачка интелигенција: според официјалните најави, најголемиот кампус за вештачка интелигенција во Европа треба да се создаде во Париз. Срцето на овој проект ќе биде огромен центар со сопствен, моќен енергетски систем.

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека и Европа и Франција ќе ги забрзаат инвестициите во вештачката интелигенција; со тоа што неговата земја ќе инвестира 109 милијарди евра во вештачка интелигенција во наредните години. Ова доаѓа откако Соединетите Американски Држави неодамна најавија инвестиција од 500 милијарди во проектот Stargate.

Планирани се инвестиции од „30 до 50 милијарди евра“, а во финансирањето ќе учествуваат и Обединетите Арапски Емирати, стои во соопштението од Елисејската палата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека ЕУ издвојува 50 милијарди евра - надополнето на 150 милијарди од Иницијативата на шампионите на вештачката интелигенција - за развој на инфраструктура за вештачка интелигенција.

OpenAI го проширува своето присуство во Европа 

Во исто време, американската компанија OpenAI го проширува своето присуство во Европа. По Лондон, Даблин, Париз, Брисел и Цирих, Минхен ќе стане првиот германски град со своја канцеларија.

„Како земја позната по своето техничко знаење и индустриски иновации, не е изненадување што Германија е светски лидер во користењето на вештачката интелигенција“, вели основачот на OpenAI, Сем Алтман за време на посетата на Германија.

Според податоците на дневниот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung, Германија е земја со најмногу претплатници на ChatGPT во Европа и една од трите водечки земји во светот во овој поглед.

Германија е исто така меѓу првите три земји надвор од САД во однос на бројот на деловни корисници кои плаќаат за услуги за вештачка интелигенција. Но, што е најважно, Германија има втор најголем број програмери (по САД) кои го интегрираат ChatGPT во други апликации.

Повеќе или помалку регулатива?

Во САД веќе нема регулација за развој на вештачка интелигенција. Претседателот Трамп ги укина регулативите што ги воведе неговиот претходник.

Меѓутоа, во Европа, барањата за државна регулација стануваат сè погласни. На  самитот во Париз, околу 100 научници од 30 земји предупредија дека новата технологија може да доведе до „губење на контролата“ со драматични последици.

И Европа сака отворен код

Пред самитот за вештачка интелигенција во Париз, истражувачите го претставија првиот меѓународен извештај за безбедноста на вештачката интелигенција, кој вклучуваше и соработка со експерти од ОН, ЕУ и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Германскиот физичар Аксел Науман, кој живее и работи во Швајцарија, исто така се залага за развој на етичка и одржлива вештачка интелигенција - како и за анализа на нејзиното влијание врз иновациите, транспарентноста и довербата.

На Европа и треба сопствена open source инфраструктура, рече Науман за Дојче веле. Целта, како што истакна е, -да им се покаже на европските компании и институции дека има смисла заеднички да се вложува и заедно да се ужива во плодовите од отворениот код“.

Но, тоа бара вложувања, како на пример, „прилагодување на административните процеси, прилагодување на производството, промоција на отворениот код и совети за политиката и индустријата“.

Својата визија за дигитална иднина Европа ја формулира вака: „Визијата мора да биде, така што Европа ќе претставува суверено складиште и ќе може да ги обработува сопствените податоци, а исто така и нашиот софтверски екосистем да ги одражава наше вредности“.

Во иднина не би требало Европа само да се приклучува на другите и потоа да  плаќа  за лиценцирани права. Европа мора, како што вели Науман, „координирано да го пренасочи фокусот на заеднички развој за производство со отворен код“.

Но важно е: „Дека нам за тоа ни е потребна инфраструктура која тек треба да се гради.“

Трката за вештачка интелигенција е далеку од завршена

И Европската унија се надева дека ќе се позиционира како остварлив конкурент во индустријата во која доминираат САД и Кина.

Вештачката интелигенција треба да биде отворена, инклузивна, транспарентна, етичка, безбедна и доверлива, истакнаа присутните на самитот. Исто така, мора да му служи на човештвото и да ја подобри одржливоста на планетата.

Некои шефови на држави и влади, како и претставници на водечки технолошки компании, очекуваат законските норми во оваа област да бидат полиберални за да не го попречат развојот.

Европа нема намера да игра на глобалната трка за вештачка интелигенција, смета Фон дер Лајен.

Додека САД и Кина често се гледаат како фаворити, фон дер Лајен вели дека трката за вештачка интелигенција е далеку од завршена и дека Европа има различни сили за да си направи водечка улога за себе.

Фон дер Лајен дефинираше три столба на таканаречениот „европски бренд на вештачка интелигенција“ што го издвојува: 1) фокусирање на апликации со висока сложеност, специфични за индустријата, 2) преземање кооперативен, колаборативен пристап кон иновациите и 3) прифаќање на принципите на отворен код.