
Владан Кречковиќ е градител на мостови! Годинава, овој млад и исклучителен поет од Србија е добитник на престижната меѓународна награда за млади поети „Мостови на Струга“. Таа се доделува за најдобра дебитантска книга со поезија, во рамките на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“...
Кречковиќ, кој има 33 години и живее во Белград, ја освои наградата за збирката „Париз, Тексас“, и како трагач по авантури, постојано е во нови предизвици. Во ексклузвното интервју за „Анторис“, за прв пат зборува за еден македонски медиум, откако ја доби престижната награда...
Колку ве изненади наградата „Мостови на Струга“ и колку таа Ви значи, со оглед на тоа дека сте на поетските почетоци?
- Еден од условите за наградата беше тоа да биде дебитантска книга, бидејќи наградата се доделува за нечија прва колекција на песни. Сепак, навистина бев изненаден, бидејќи знам дека ова е фестивал со голема традиција и репутација, високо ценета награда. Бидејќи штотуку влегов во поетската сцена, не очекував веднаш признание. Сметам дека еден млад автор не треба да се оптеретува со тие работи. Работата е многу поважна, барање на сопствен глас, усовршување на сопствената поетика. Во врска со наградата, најсреќен сум што мојата збирка ќе биде преведена на македонски и на англиски јазик.
„Париз, Тексас“ беше најдобриот можен наслов за збирката
Кои беа Вашите омилени поети, кои ве натераа да земете молив во рацете?
- Многу работи тука се испреплетени. Меѓу класиците се: Роберт Фрост, Ен Секстон, Рејмонд Карвер, Френк О'Хара, Момчило Настасијевиќ ... Сигурно имаше првично влијание од моите ментори, Огњенка Лакиќевиќ и Звонко Карановиќ, потоа други, одлични и веќе етаблирани автори од регионот како на пр. Марко Погачар, Ален Брлек, Моника Херцег, Марија Дејановиќ, Јана Радичевиќ. Треба да ги споменеме авторите со кои бев на работилницата, кои подоцна беа објавени и во издавачката куќа „Енклава“: Кристина Милосављевиќ, Маша Живковиќ, Дејан Каназир и Мирко Кекиќ.
Од проза, особено би ги издвоил творештвото на Кристиана Новак, Срѓан Срдиќ, Немања Јовановиќ ... Беше потребно да се помине низ сето тоа, да се издржат ударите на ваквите ремек-дела, за да можам да најдам индикации за мојот сопствен израз, кој сè уште го барам.
Кога ќе го спомнеме насловот „Париз, Тексас“, лично најпрво помислувам на генијалниот филм на Вим Вендерс и на божествената музика на Рај Кудер. Зошто ја насловивте вашата колекција песни со овој наслов, и со тоа ја лишивте од извеснаа оригиналност?
- Уредникот Звонко Карановиќ ми се јави кога колекцијата веќе беше главно подготвена и рече дека има наслов за мојата колекција. Кога ми кажа „Парис, Тексас“, мојата прва помисла беше - дали имаме право да го сториме тоа? Сепак, во тој период, најдов фотографии од татко ми, кога тој беше во Сакраменто, во 1978 година, кои неверојатно естетски потсетуваат на пејзажите од филмот на Вендерс.
Татко ми е сам на нив, се уште не ја запознал мајка ми, и сето тоа многу ме потсети на приказната за Тревис и Џејн, главните протагонисти во филмот „Париз, Тексас“. Како одминуваше времето, сè повеќе сфаќав дека „Париз, Тексас“ е, ако не единствениот, тогаш најдобриот можен наслов за збирката.
Разделбите ги окарактеризираа претходните неколку години од мојот живот
Кога ја прочитав последната страница од книгата, добив впечаток дека сте напишале некои песни под силно влијание на личното искуство. Патувања, хотелски соби и „спомени, како куршуми без барут“. Таткото и мајката...
- Тоа е точно. Разделбите ги окарактеризираа претходните неколку години од мојот живот. Додека ја пишував збирката, се чувствував како да се пресметувам со самиот себеси, не само како автор, туку и како личност. Се обидов да ги задржам чувствата зад сликите. Да бидат автентични. Но, не задолжително, со цел да избегнам читателот да се чувствува како да е во туѓ дневнички запис. Сепак, некои од работите што ги доживеав беа толку сликовити и поетски што едноставно не можев да ги игнорирам. Ми се чини дека тој дел од мене сте го почувствувале многу добро.
Завршивте новинарство, напишавте роман, освоивте престижна награда, работите во туризмот и постојано сте некаде. Имате 33 години и постојано се соочувате со нови предизвици. Дали е адреналин кој дава сила, шири крилја ...?
- Станува збор за адреналин, но се плашам дека е нездрав, реактивен адреналин што произлегува од потребата за преживување. Изминатите неколку години се обидував да се справам со личните и семејните егзистенцијални проблеми на поинаков начин, бидејќи комбинација на околности нè доведе до економска и психофизичка исцрпеност, затоа барав различни начини за да бидам самиот собран, во сегашниот момент. Книжевноста се покажа како пат, бидејќи не дозволуваше кратенки, но ме бараше во поупорна, да речеме, позрела форма.
...Чувствувам дека времето стои во локалните координати
Во последната година, кога пандемијата ги спушти рампите, што правевте во изолацијата и што научивте за животот воопшто?
- Почнав да работам на нов роман, многу читав, возев велосипед и се гледав со луѓето, колку што тоа беше можно. Размислувајќи во изолација, станав многу посвесен за времето, поточно за минливоста. Времето во изолација сигурно поминува побрзо и мислам дека тоа е механизам за несвесна одбрана. На едно ниво, од животна перспектива, времето се забрзува, на друго, чувствувам дека времето стои во локалните координати. Тоа е парадокс што често ме исполнува со чувство на непријатност.Фактот дека ние како граѓани сме постојано осудени да чекаме на подобар животен стандард, повеќе можности за изразување на сопствените потенцијали, нешто што никогаш не доаѓа. Времето ќе имаме сè помалку, а минливоста ќе стане побрза и побрза. Од почетокот на пандемијата, повеќе го почитувам своето слободно време и повнимателно ги планирам деновите.
Париз, Тексас ќе добие наследник или сте препуштени на нови предизвици?
- Во моментов пишувам поетски роман. Би сакал тоа да биде приказна за љубовта и упорноста, за врски што во нас и меѓу нас ги надминуваат логичките закони на простор-времето. Љубовни приказни за преминот од аналогното во дигиталното време.
Често сте во Македонија. Што најмногу Ве фасцинира тука?
- Луѓето. Топлината и гостопримството што постојано ги почувствувам кога сум во Македонија. Исто како и во Србија, луѓето траат под тешки животни околности, без да губат достоинство и надеж. Се надевам дека еден ден ќе разбереме дека политичарите зависат од нас, а не обратно. Другото е природата и културата. Работам на проектот за развој на културна рута, така што имав можност да видам археолошки локалитети во Стоби, Битола и Охрид.Природата е истовремено дива и питома во исто време и крие разновидно културно и историско наследство, што треба повторно да се посети. Ми треба повеќе време за целосно да го почувствувам идентитетот на луѓето, но топлината е нешто што прво ми паѓа на ум кога ќе помислам на Македонија и на луѓето што живеат тука. Можеби има врска со сонцето на знамето. Затоа се радувам на доаѓањето во Струга.
Иван Беќковиќ
Фото: John Smith
Од проза, особено би ги издвоил творештвото на Кристиана Новак, Срѓан Срдиќ, Немања Јовановиќ ... Беше потребно да се помине низ сето тоа, да се издржат ударите на ваквите ремек-дела, за да можам да најдам индикации за мојот сопствен израз, кој сè уште го барам.
