Златото има долгогодишна репутација како заштита од инфлација, а ентузијастите за скапоцениот метал често ја нагласуваат неговата способност да ја зачува вредноста со тек на времето.

Меѓутоа, златото стана толку скапо што побарувачката од секторот за накит се намали. Глобалната потрошувачка од страна на производителите на накит се намали од 435 тони во првиот квартал на 356 тони во вториот, соопшти WGC оваа недела.
Цената на златото се искачи на нешто над 3.300 долари за тројанска унца (31,1 грам), што е речиси двојно повеќе од нивото од 2022 година. Голдман Сакс предвидува дека би можела да достигне 4.000 долари до средината на 2026 година.
Светскиот совет за злато (WGC) прогноза дека цените на овој благороден метал ќе продолжат да растат, иако со поумерено темпо.
Па имајќи ги предвид овие движења се наметнува прашањето дали само репутација е една од причините за ваквото зголемување на цената на златото. Дополнителни фактори се и масовните купувања од страна на централните банки кои сакаат да ги диверзифицираат резервите понастрана од американскиот долар, како и инвеститорите кои бараат безбедно засолниште во време на геополитичка и економска нестабилност.
Сепак, се поставува клучно прашање - дали златото е навистина најдобрата заштита од инфлација? Историските податоци создаваат мешана слика. Додека златото навистина испорачало солидни приноси во одредени периоди на инфлација, стоките покажале поконзистентни перформанси.
Низ призма на историјата
Стоките, кои вклучуваат енергија (нафта, гас), земјоделски производи (пченка, пченица, соја) и металите (злато, сребро, бакар, платина), генерално подобро ги следеле инфлациските скокови. Во текот на сите пет анализирани инфлациски периоди, суровините ја надминале инфлацијата. Златото успеа во три случаи, но не успеа во другите два.
Златото покажа најдобри резултати за време на инфлаторните шокови од 1970-тите, како и во периодот од септември 2007 до јули 2008 година, кога растечките цени на нафтата и храната, заедно со побарувачката од пазарите во развој, ја зголемија инфлацијата над пет отсто.
Наспроти ова, златото покажа послаби резултати кон крајот на 1980-тите, кога инфлацијата во САД се зголеми за околу 20 отсто. Во најновиот инфлаторен период (од средината на 2021 до март 2023 година), иако цената на златото се зголеми, неговиот кумулативен принос беше за 13 процентни поени понизок од индексот на стоки.
Зошто суровините се посигурни?
Одговорот е едноставен - многу суровини се директно вклучени во индексите на потрошувачки цени. Кога инфлацијата расте, цените на енергијата, храната и основните суровини растат заедно со неа. Покрај тоа, суровините се тесно поврзани со економскиот раст - периодите на силен раст честопати поттикнуваат поголема побарувачка и повисоки цени.
Златото, од друга страна, повеќе зависи од фактори како што се каматните стапки, геополитичката неизвесност и однесувањето на централните банки. На пример, кон крајот на 1980-тите, зголемувањето на приносите од обврзниците го направи инвестирањето во злато помалку привлечно бидејќи не обезбедува приход.
Но, последниов период, како што посочуваат аналитичарите, континуираните купувања од страна на централните банки - особено кинеските - се клучен двигател на овој раст, додека земјите се стремат да ја намалат својата зависност од американскиот долар. Според нив „додека централните банки продолжуваат да акумулираат резерви на злато, цените ќе продолжат да растат“.
„Во последните години, централните банки купуваат околу 1.000 тони злато годишно“.
Други фактори
Ако веќе инвестирате во фондови што следат широки индекси на стоки (како што е индексот на стоки, Bloomberg Commodity Index), веројатно веќе имате одредена изложеност на злато -затоа што овој индекс содржи околу 14 проценти злато.
Меѓутоа, и златото и стоките значително заостануваат во однос на акциите на долг рок. Двете класи на средства поминале низ повеќегодишни циклуси на слаби и силни перформанси, со често висока волатилност и ризик од загуба.
Еден од техничките предизвици за ETF-фондовите што инвестираат во фјучерси е „contango“ - ситуација во која цените на идните договори се повисоки од тековните цени, што негативно влијае на приносите.
Златото и понатаму има место во инвестициските портфолија - но не како водечка заштита од инфлација. Суровините, благодарение на нивната директна врска со потрошувачката кошничка и економската активност, обезбедуваат посигурна заштита. Долгорочните инвеститори треба да го ограничат уделот и на златото и на суровините во портфолиото, но ако целта е специфична заштита од инфлација - суровините се попаметен избор.