Житницата Македонија моли за жито!


Македонските граѓани, како што тврдат властите, се лабави во однос на општата безбедност, што се заканува од војната во Украина, иако не може никој да биде сосем сигурен. Но, никој не може да останe ладнокрвeн од порастот на цените на прехрамбените производи, на горивата, на струјата и воопшто на се’.  Стравот од тешкиот живот лебди во воздухот, иако власта вели дека презема се’ да ја ублажи кризата и наглите ценовни шокови. Периодот донесе назадување на економијата. Тој период почна уште во 2008 година и еве, до ден денес, не е сосем саниран, односно светот не дигна глава 14 години. Тој е во постојана криза, постојан раст на цените, продлабочување на сиромаштијата, се разбира ова се однесува на најголемиот број население – богатите стануваат уште побогати.

Светските цени на храната во февруари оваа година беа зголемени за  24,1 отсто во однос на ланската, а се поттикнати од растот на цените на маслата за јадење и млечните производи, соопшти Агенцијата за храна на ОН (ФАО).

Житницата Македонија моли за жито!

Ова континуирано поскапување, речиси деценија и пол, постојано ги обезвреднува примањата преку инфлацијата, стандардот паѓа, а голем борј граѓни „слегуваат“ во пониските социјални слоеви, иако е „нормално“ општиот разиток на науката и општеството да го прави обратнотот процес.

ФАО, тврди дека глобалното производство на житни култури и на брашно оваа година ќе се зголеми на околу 800  милиони тони. Лани пак биле произведени 770 милиони тони. Сепак, и покрај зголемувањето на производстовот на житарки на светско ниво, најголемит страв доаѓа од вестите за зголемување на цената на основната суровина за правење на лебот, пченицата-брашното, поради отежнатиот транспорт и побарувачката за правење резерви поради неизвесната светска безбедносна ситуација.

По рускиот напад врз Украина, цените на пченицата нагло пораснаа на светските берзи. „Бушелот“ пченица се зголеми за повеќе од пет отсто, на 935 американски центи што е највисока цена од 2012 година.

Русија и Украина се едни од најголемите производители на пченица во светот. Двете земји се вкупни извозници на пченка од 29 отсто на светската производство. Но, војната меѓу двата џина, може да ја „изгази“ и светските амбари да остант полупразни.

Наша среќа е што нашиот северен сосед, Србија, е во можност да извезува пченица, па, по наше барање, ќе не снабди со 50 000 тони пченица и со 25 000 тони пченка, се разбира за пари. Српските власти тврдат дека Србија е подготвена да го снабди и цеиот регион -  Македонија, Црна Гора, Албанија и БиХ.

Нашите земјоделски власти се гордеат со увозот, односно со тоа што оваа, 2022 година, по ништо не се разликува од минатите години во увозот на пченица и пченка.

Домашното производство


Домашното производство на пченица изнесува 253 илајди тони, а годишните потреби за пченица се околу 300 илјади тони, што значи дека остатокот на пченица секоја година се обезбедува од увоз. Околу 90 проценти од пченицата, нашите мелничари ја увезуваат од Србија. Според последните податоци, во 2021 година од Србија се увезени 65.000 тони пченица и 54.000 тони пченка. Во моментов, македонските млинови располагаат со доволна залиха од пченица и пченка за покривање на домашните потреби. Домашните мелничари имаат 45.000 тони залихи од пченица. Според нив, ова е сосема доволна количина за снабдување на домашниот пазар за прозиводство на брашно и пекарски производи.

Домашното производството на пченица е субвенционирано. Државата ги кофинансира трошоците за набавка на нафта која со новите законски измени ќе изнесува 100 отсто, зголемена е субвенцијата за пченица за земјоделците кои имаат површини од пет до 50 хектари. Годинава, преку интерветниот фонд е планирана субвенција за ублажување на трошоците за набавка на ѓубриво за житните култури.

Поради ваквиот пристап, имаме зголемување на производството на пченица кое од 195 илјади тони во 2017-та, лани е зголемно на 253 илјади тони.

Но, дали Македонија може и има услови сосем да се „осамостои“, односно целосно да ги покрива своите потреби, па и да стане извозник на пченица и на пченка? Претседателот на Групацијата на мелничко пекарската индустрија, Горан Малишиќ – „Агроглобал трејд, Скопје, за Анторис, вели дека може!

Житницата Македонија моли за жито!

„Македонија и беше самостојна во производството на пченица во времето на Југославија и потоа! Но, во минатите 15-тина години постојано се намалува производството. Тоа е поради незаинтересираноста, поради погрешната политика на валадите во субвенционирањето итн. Така, пченицата е „изгубена“. Македонија произведуваше доволно за своите потреби и дури и за извоз. Македонија беше втората житница во поранешна Југославија, прва беше Војводина. Дури имаше периоди кога Србија купуваше од Македонија квалитетна пленица. Болката е што околу 100 илјади хектари во нашава земја не се обработуваат. Тоа земјиште е или во државна или во приватна сопственост, но факт е дека така „лежи без работа“! Доволно е половината од тоа земјиште да се посее со пченица, ќе имаме доволно за нашите потреби и нема никого да молиме да ни „даде“, односно да бараме од некого да купиме, а со тоа од него и да зависиме. Тогаш би имале најевтина суровина во мелничко-пекарската индустрија, бидејќи ќе биде домашна.“

Во вакви „воени“ периоди се знае дека ако е амбарот полн - ќе се преживее некако. Во актуелнава ситуација претпоставка е дека цената на пченицата на берзите би можеле да надмине 400 евра по тон. Кина, на пример, интензивно трупа залихи на јачмен и пченка.

Кога би имале доволно сопствено производство на основната прехрамбена суровина, тогаш и скокот на цените на дериватите и на струјата би можел да се амортизира со поевтинитте пекарски производи и тоа би било уште една мерка за заштиита на платежната моќ на граѓаните.

Значи, ваквата ситуација, со каква не се соочил светот од времето на Втората светска војна, уште еднаш ја вади на површина лекцијата дека земјата е таа што треба да се цени како суво злато и да се негува за да ни даде плодови од кои моеже да се преживее. Секаква фалба за големи успеси во земјоделството е гол популизам. Само вистинските бројки за произведена количина храна можат да го смират стравот од глад, кој реално на светот му се заканува, не само од воените конфликти, туку и од климатските промени.

 

Бране Стефановски