Цената на златото го продолжи својот тренд на раст во текот на цела оваа година, достигнувајќи вчера (10 септември) нов рекорден максимум од 3.652 долари на светските берзи. Експертите истакнуваат дека очекуваното олабавување на монетарната политика во САД е една од клучните причини за овој раст. Каков вртоглав скок забележа овој благороден метал, докажува фактот дека пред две децении неговата вредност беше шест пати помала – само 500-600 долари за унца!

 

Tavex gold&silver го објаснува најновиот скок на цената според пазарните очекувања во врска со можното олабавување на монетарната политика во САД, по објавувањето на серија економски податоци и изјави од претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел.

„Аналитичарите веруваат дека постои 80 отсто шанса да видиме намалување на референтната каматна стапка за најмалку 25 базични поени уште во текот на овој месец, септември. Полабавата монетарна политика е корисна за цената на златото, кое е широко признато како заштита од инфлација“, објаснува Георги Христов од Tavex.

Инаку, глобалната побарувачка за злато од 2014 година постојано се зголемува, особено од почетокот на руската офанзива во Украина. До крајот на 2025 година се очекува побарувачката за злато да надмине 5.000 тони, а главни двигатели се централните банки, особено во Кина, која сè повеќе инвестира во злато како стратешка резерва.

Македонија меѓу 100-те по количеството на злато

Практично златото е значајно за централните банки поради неговите карактеристики на безбедност, ликвидност и поврат. Според извештајот на Светскиот совет за злато (World goldcouncil)  (https://www.gold.org/goldhub/data/gold-reserves-by-country), златото во јули сочинува околу 21,7 проценти од глобалните официјални резерви. Но, во Еврозоната процентот е 66,5 проценти. Најголема количина на злато има САД – 8.133 тони, а најмала на листата од 100 земји, Исланд, со само два тони.

На листата меѓу овие 100 земји, Македонија го зазема 81-то место по количината на монетрано злато што го поседува, односно има 6,9 тони монетрано злато, што претставува 13,6 отсто од нашите девизните резерви. Во регионот најмногу монетрано злато има Србија – 50,8 тони, што е 16,6 проценти од нејзините девизни резерви

 Вредноста на еден тон злато надминува 112 милиони долари

„За да се разбере обемот на глобалната побарувачка, доволно е да се каже дека по моменталната цена од 3.652 долари за унца, вредноста на еден тон злато надминува 112 милиони долари. Ова значи дека очекуваната побарувачка во 2025 година претставува пазар вреден околу 560 милијарди долари – што јасно покажува зошто златото повторно се смета за стратешка резерва и „пари на иднината“, вели Христов, пренесува Bizlife.

Ако се разгледаат најголемите економски кризи во последните 100 години, јасен е повторувачкиот модел – ненадејно зголемување на цените на активата, потоа остар пад, рецесија и економско забавување. Ситуацијата е дополнително комплицирана од реакциите на владите и централните банки – наместо природно прилагодување, често се прибегнува кон ново задолжување и инфлација. Секоја следна криза станува потешка од претходната, бидејќи долговите се натрупуваат, а вредноста на парите слабее.

Во просек, златото расте за околу 15 проценти во секоја рецесија. Ова беше забележано и за време на кризата со Dot-com во 2001 година кога цената порасна за 16 отсто. Потоа за време на глобалната финансиска криза од 2007–2009 година, рипна за 25 проценти.  Рапидно зголемување од 25 проценти бележи и во периодот на рецесијата предизвикана од COVID-19 во 2020 година. Моделот е јасен: краткорочен пад, среднорочен раст, долгорочна стабилност ако кризата донесе инфлација или девалвација на валутата.