Кризите во последните два века се случуваат на секои пет до шест години. Доаѓањето на нова криза не е нешто што изненадува, смета Глигор Бишев - долгогодишен банкар и претседател на Советот за унапредување на образованието и стратешки истражувања при Стопанската комора. Во вакви услови, сепак, смета дека македонските компании имаат желба за трансформација.
„Македонските компании извезуваат 70% од своето производство. 65% е во Европската унија, а од нив, 50% е во Германија. Македонија нема друг избор освен преструктурирање и тука ќе доминираат четири процеси. Зелената енергија станува дел од макроекономските политики и политиките на компаниите кои што треба да се трансформираат. Првиот процес е зелена енергија, вториот е автоматизација и дигитализација, потоа вештачка интелигенција и зголемување на продуктивноста. Пред отпочнување на зголемување на каматните стапки, имаше изјави дека денеска пристапот до капитал не е ограничувачки фактор за компаниите. Тоа се случува и денеска, но, со четири пати повисоки каматни стапки. Она што ја разликува оваа криза е што долго време и носителите на економските политики живееја во период на ултра ниски каматни стапки. Вие можевте да земете станбен кредит во САД или Европа до 1% каматна стапка. Денеска да земете станбен кредит во САД е 7.25%. Во Македонија е се’ уште 3.5%. Колку ќе изнесуваат нефункционалните кредити ќе знаеме кога каматните стапки ќе го достигнат највисокото ниво, бидејќи најверојатно расположливите доходи на компаниите и граѓаните нема да расте со исто темпо како што растат каматните стапки. Но, тоа ќе бара притисок за побрзо реструктурирање на компаниите и нормално со помал долг. Целта прво е соборување на инфлацијата а тоа е можно ако ја намалите побарувачката“, анализира Бишев.

Неговата генерална оценка е дека 2023 година ќе биде тешка година, но, од неа ќе излеземе појаки, поконкурентни и подинамични. Бишев смета дека светот повторно оди во економски и политички блокови и таа порака не е добра вест. Во однос на патот на Македонија кон ЕУ, неговиот став е дека приближувањето на Македонија кон ЕУ е неопходно, без оглед на формалното приближување со која брзина се случува, но, дека државата мора да го има во предвид и суштинското приближување - од аспект на воведување на соодветни стандарди на работа зголемување на продуктивноста.
Осврнувајќи се на идејата за „Отворен Балкан“, Бишев смета дека учеството на Македонија во оваа регионална иницијатива има доста предности, но и недостатоци. Како најголем недостаток го наведува податокот што 70% од извозот на државата е сконцентриран во автомобилската индустрија.
„Само „Џонсон Мети“ извезува 2 милијарди евра. А во услови на рецесија, автомобилската индустрија е прва погодена. Во однос на 2019 година, продажбата на автомобили во Германија и Европа е намалена за 17%, а продажбата на електрични автомобили добива учествува од 20%. А овие индустриски објекти на извоз во Македонија се претежно за традиционалната автомобилска индустрија. Но, позитивната страна е што Македонија со јавно приватно партнерство почнува да извезува и во други дејности. За две години, извозот на ИТ услуги е зголемен за пет пати. Македонија е една од ретките што извезува и електрично возило во 30 земји во светот“, потенцира Бишев.
Неопходни реформи во образованието
Ставот на Бишев е дека пред 20 години, клучно за компаниите беше да се дојде до капитал, во услови кога имало работна сила. Но, овие процеси во денешни услови во глобални рамки се сосема спротивни – на светско ниво има недостиг на работници, а расположлив капитал. Дополнително, за разлика од порано кога тоа беше неквалификувана работна сила, сега тоа претежно е поинаку. Бишев смета дека носителите на економските политики, бизнисот и Комората мора да работат на клучното прашање – како да се намали и успори одливот на кадар и како да се подобри квалитетот.
„За разлика од пред 10 години кога цената на работната сила се утврдуваше локално, а цената на капиталот беше на меѓународните финансиски пазари, заради дистанцата помеѓу глобалните и локалните пазари сега и цената на работната сила се повеќе се интернационализира. Тука Македонија ќе мора да се соочи со тоа дека географската дистанца нема некое големо влијание во утврдувањето на цената на работната сила. Вие ќе имате една глобална цена која ќе се корегира за географската дистанца, но, ќе преовладува, бидејќи ќе можете дигитално да работите од Македонија во странство“, вели Бишев.
Од тој аспект, тој предлага четири мерки за економијата во Македонија. Се работи за интернационализација на образованието - се повеќе програми за твининг помеѓу средното и високото образование и институциите, потоа странски професори да дојдат да предаваат по применети предмети, обука и работа како паралелен процес.
„Ние во Комората отвораме денови во компаниите не само за студенти, туку и за учениците од средно образование. За наредната година планираме тоа да биде дури и за учениците од основно образование. Тие што завршуваат основно образование, да знаат што можат да добијат со средно и високо, потоа образовните институции да ги прилагодуваат програми на потребите на компаниите. Тоа ќе биде процес и за малите и големите претпријатија“, најавува Бишев.
Како што вели, најголемото преструктурирање ќе треба да се случи на малите и средни претпријатија. Според статистиките кои ги сподели, големите компании се присутни со 0,7% во бизнисот во земјава, односно со вкупно 500 фирми. Средни компании се 1 000 на број и тие учествуваат со 1,5% .98% се микро и мали компании до 10 вработени кои треба да го променат моделот на работа и да воведат технолошки иновации.
„Моделот на раст на Македонија мора да се промени. Пред 15 години кога се воспоставија зоните, моделот на раст беше арбитража на цената на работната сила и арбитража на ниските даноци. Овој модел на раст мора да се промени. На светско ниво заврши. Новиот модел на раст е иновации, технологија и продуктивност. Тука ќе мора да се прилагодува и даночната политика“, дециден е Бишев.