Галичка свадба е настан кој влегува во ризницата на светските културно-музички настани, кој самиот по себе е и културно богатство на македонскиот народ. Тоа е идентитет за восхит и гордост на галичани, кои ја пренесуваат и ја прераскажуваат свадбата од колено на колено. А, таквиот муабет надалеку се  слуша, се шири. Низ целата планета. Заслужено.

 

По повод овој општонароден настан, во просториите на „Пивара Скопје“ се одржа прес- конференција на која, покрај новинарите, луѓето од организацијата, со зурли и тапани во живо, со младенците, присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, инаку силен поддржувач на Галичката свадба. Таа истакна дека Галичката свадба во своето шеесетгодишно манифестациско постоење ја добива и заслужената институционална заштита.

 „Шеесет години традиција, 60 години радост за враќање во родниот крај, 60 години Галичка свадба – историскиот мост меѓу минатото и сегашноста. Галичка свадба е повеќе од обичен настан. Таа е вистинско патување низ времето, магичен момент кога се спојуваат генерациите и се пренесуваат обичаите што ги чуваме со голема почит“, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Се започнува традиционално во сабота навечер, на 15 јули, со китење на бајракот и со симболичниот чин на фрлање три пушки од куќата на зетот. Потоа е пречекот на тапаните, а се играат и „Свекрвино оро“, „Невестинско“ и „Тешкото“.  Веќе в недела, на 16 јули претпладне, го бричат зетот, со што неговите најблиски „липаат“ затоа што тој се „одделува“ од семејството и се приклонува кон невестата. Церемонијата на крај е со испраќање на зурлаџиите и тапанџиите, додека свекорот ги дарува со пари. Венчавањето на младенците завршува во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник.

Зетот е по потекло од Галичник, а неговата избраничка од Охрид. Двајцата се запознале во Битола, но љубовта велат дека се родила во Галичник, и токму тоа бил мотивот да се пријават на повикот на месната заедница за галички младенци. Манифестацијата за нив претставува љубов и почит кон предците.

– Со идната сопруга Елисавета (инаку, по професија психотерапевт) сме во врска повеќе од пет години.  На самиот старт на нашата љубов посакавме еден ден свадбата да си ја правиме во Галичник. Желбата ни се оствари. Тоа сега навистина ни се случува. Како во некој убав сон. И двајцата сме облеани со грст емоции, а некако повеќе од мене Елисавета, можеби затоа што како женско по природа знае и да се расплаче од преголемата радост која постојано ја обзема. Како и да е, двајцата сме бесконечно пресреќни.