Со дигиталниот асистент АДА, што денеска беше промовирана во Фондот за технолошки развој, заинтересираните инвеститори ќе можат да се информираат за условите за инвестирање и за државната помош во текот на целиот ден, односно 24 часа дневно. Со овој асистент, базиран на вештачката интелигенција, ќе може да се опслужуваат неограничен број заинтересирани и за сега ќе бидат покриени 80 отсто од услугите поврзани со инвестирањето во нашата држава, но според најавите овој обем во иднина ќе се зголемува. Зборува на македонски, албански и англиски јазик. Достапна е на веб сајтот ada.gov.mk.

-Нашата држава станува дел од новите модерни дигитални трендови. Воведувањето на овој прв дигитален асистент е револуционерен чекор во нашето општество. Преку АДА компаниите и граѓаните ќе добиваат информации за инвестиции и финансиска поддршка од државата. АДА ќе влијае на зголемување на транспарентноста на сите институции, елиминирање на корупцијата и сведување на човечкиот фактор на минимум, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

АДА ќе биде тренирана да ја претстави Македонија и како поволна инвестициска дестинација и ќе нуди персонализиран пристап при комуникацијата со потенцијални странски инвеститори.

Како може да се користи

Првиот чекор во користењето на новиот дигатален асистент АДА, е интернет страницата ada.gov.mk  и скенирање на кјуар кодот. Една од најзначајните можности на АДА е директната комуникација со потенцијалните инвеститори кои добиваат целосен извештај.

Од стартап компанијата „Кодвел“ која што го разви дигиталниот асистент АДА, посочуваат дека АДА во моментов може да одговори на 260 прашања и продолжува да учи.

Според Нино Карас, извршен директор и коосновач на CodeWell AI, еден од креаторите на оваа алатка, АДА е дигитален асистент кој што е креиран со помош на Кодвел АИ, технологија со која што се овозможува креирање на дигитални вработени кои што се тренирани како експерти на затворен домен на знаење и кои што се тренирани да автоматизираат масовна комуникација со крајни корисници.

„Ваквите дигитални асистенти на Кодвел АИ технологијата овозможуваат природна комуникација со крајните корисници која наликува на конверзација со реален човек, достапна е во било кое време, и се во можност да ги опслужуваат корисниците на својот мајчин јазик“, вели тој. „Едноставно, дигиталниот асистент е како да имате пристап до најдобриот шалтерски работник, но кој што е достапен 24/7, го имате во контакт во вашата омилена чет апликација и може да ве услужи со се што ве интересира поврзано со дадената институција во рамки на неговото знаење“, додава Карас.

Иако потенцијалот на АДА е огромен, ова е само еден скромен почеток. Првата фаза на АДА која што денес беше презентирана е да ги обезбеди сите информации за граѓаните и заинтересираните потенцијални странски инвеститори за инвестициските механизми и за програмите кои што се реализираат преку четирите институции, вклучувајќи ја Владата, ФИТР, ТИРЗ и Инвест ин Маседониа.

„Во моментов АДА може да направи многу нешта, една од основните работи кои што ги обезбедува е пристап до информации од јавен карактер, односно ќе им овозможи на заинтересираните компании, граѓани и потенцијални инвеститори да ги добијат сите информации поврзани со програмите за државна помош и сите прашања кои што ги имаат, а се поврзани со оваа тематика“, вели Карас.

Дополнително АДА може да обезбеди чекор по чекор асистенција при процесот на аплицирање за даден повик.

„Значи, ако имаме некоја стартап компанија или потенцијален странски инвеститор кој што е заинтересиран за некаква програма или мерка од Владата за инвестиција, АДА е во можност да посочи кои повици се активни кои што се соодветни за него, да го запознае со сите услови на повикот и да му ги даде сите информации од типот до кога се роковите, до кога може да се аплицира, но и целата потребна документација за аплицирање на повикот вклучувајќи и помош за тоа како и каде електронски да ја достави документацијата“, вели Карас.

Асистенција од АДА 

Оди и чекор понатаму – за стартапите и компаниите кои што се заинтересирани да аплицираат на даден повик АДА нуди чекор по чекор асистенција при проверка на подобност на компанијата за тој повик.

„Ова е навистина корисно бидејќи секој повик, секоја мерка има свои услови и понекогаш таа листа е навистина обемна и сложена за просечен корисник да може да ја разбере и да ја поврзе“, вели тој.

Преку конверзација со АДА, корисинците ќе можат многу едноставно да се запознаат кои се условите и преку одговарање на прашањата да им каже дали се или не се подобни за таа програма или за тој повик за да знаат дали да аплицираат.

АДА има и напреден нотификациски систем, па така компаниите кои што некогаш се интересирале за даден повик, АДА е во можност проактивно да ги известува, за нови повици, за нови програми, нови настани кои што се случуваат и кои што можат да им бидат од интерес, преку испраќање пораки на чет апликација.

Една од главните улоги на АДА во моментот е презентација на Македонија како погодна дестинација за инвестирање. Така, АДА ќе може да им одговори на потенцијалните странски инвеститори за еко системот во нашата држава, за условите кои што се нудат за програмите, да ги запознае со бенефитите во ТИРЗ, што би добиле со инвестиција во нашата држава со цел да ги придобие за донесување позитивна одлука за инвестирање, објаснува Карас.

Сепак, како што вели , можеби најгорди се на тоа дека покрај запознавање и одговарање на сите прашања, документи и тн,. што се потребни, АДА е во можност да препорача персонализирана финансиска поддршка за заинтересираните странски инвеститори, базирано на достапните мерки кои во нашата држава.

„За ова изградивме напреден ‘рекомендер енџин’ кој што овозможува сите активни мерки и повици кои што се достапни и сите услови кои што многу често се исклучуваат едни со други, и сите ограничувања кои што ги имаат во дадена ситуација, да се поедностави целиот процес.

Преку конверзација странскиот инвеститор ќе добие конкретни примери, односно конкретен извештај во кој што е наведено за кои мерки е подобна неговата компанија базирано на неговите бизнис потреби, значи кои се бенефитите од ТИРЗ зоните, кои мерки може да ги активира базирано на природата на неговиот бизнис, големината на инвестицијата и тн.“, вели Карас.

Овој извештај се испраќа на неговата имеил адреса и подоцна може да се користи како прв чекор во процесот на преговори и затворање на инвестицијата во нашата држава.

Сепак, како што додава, преговорите се едно, а ако не се затвори инвестицијата е друга работа.

„За да се помогне да се затвори процесот, односно што е можно поблиску да се однесе до позитивно ‘да, ќе инвестираме кај вас’, АДА испраќа подготвен профил за инвеститорот до вработените во Владата кои што работат на привлекување странски директни инвестиции. Во него се вклучени сите информации за инвеститорот, сите информации поврзани за неговиот бизнис и мерките за кои што неговата компанија е подобна, како и неговите контакт информации за конечно да се испроцесира и тој потенцијален инвеститор да вложи во државата“, вели Карас, нагласувајќи дека ова е само скромен почеток, како и дека потенцијалот е навистина голем.