Комерцијалните аеродроми од поранешна Југославија опслужија нешто повеќе од 36 милиони патници во изминатата 2024 година, со што се додадени 3,4 милиони патници повеќе во однос на претходната 2023 година.
Девет аеродроми ја забележаа својата најпрометна година досега: Белград, Загреб, Приштина, Сплит, Скопје, Дубровник, Сараево, Подгорица, Тиват и Задар. Од друга страна, единаесет аеродроми останаа под нивото на сообраќај пред предпандемиската 2019 година, како Љубљана, Пула, Ниш, Охрид, Тузла, Риека, Осиек, Порторож, Брач и Марибор.
Во текот на 2024 година, Приштина стана најбрзо растечкиот аеродром во поранешна Југославија, додавајќи 657.598 патници, додека аеродромот во Тузла забележа најголем пад во сообраќајот, губејќи 374.894 патници, што беше последица на првата цела година по затворањето на базата Визер.
Во 2024 година, Дубровник го престигна Скопје и стана петти најфреквентен аеродром во регионот, Сараево ја престигна Подгорица, додека Задар ја надмина традиционално попрометната Љубљана.

Што се однесува до македонските аеродроми, и скопскиот аеродром лани ја забележува својата најдобра година иако бележи само 2,5 проценти зголемување на бројот на патници во споредба со 2023 година. Практично лани вкупно преку скопскиот аеродром се превезени 2.954.568 патници. Односно, на аеродормот во Скопје се превезени за 71.094 патници повеќе од претходната година. Меѓутоа, на охридскиот аеродром бројот на патници е намален за 17,3 проценти, односно лани се превезени 45.884 патници помалку од претходната година.
Хрватска ја задржа својата позиција како најголем воздухопловен пазар во регионот, со над 13 милиони патници на нејзините аеродроми. Покрај тоа, хрватскиот пазар забележа најголем годишен раст, со над 1,8 милиони патници во споредба со 2023 година. Неколку помали аеродроми се соочија со тешкотии, главно поради намалениот капацитет од нискотарифните авиокомпании.
Ер Србија стана најголемата авиокомпанија во поранешна Југославија по капацитет, надминувајќи ја Wizz Air, која беше лидер во 2023 година, но претрпе најголем пад во бројот на понудени седишта. Евтиниот превозник беше погоден од проблеми во производството кои влијаеле на некои Pratt & Whitney мотори, што резултираше со приземјување на дел од неговата флота. Проблемот збриша над 1,2 милиони седишта од поранешниот југословенски пазар.
Од друга страна, Ryanair додаде над 1,5 милиони седишта, станувајќи најбрзо растечки авиопревозник во регионот и речиси престигнувајќи го конкурентот Wizz Air. Во 2023 година, разликата во капацитетот помеѓу Wizz Air и Ryanair беше над два милиони седишта во корист на првиот. Покрај тоа, Pegasus Airlines за прв пат влезе во првите десет, надминувајќи го Eurowings.