Во Агенција за цивилно воздухопловство во тек е нов твининг проект за поддршка во областа на безбедноста и обезбедувањето во воздухопловството, што се реализира во партнерство со хрватските цивилни воздухопловни власти, со поддршка од ЕУ делегацијата.

Проектот ќе трае 10 месеци плус три месеци за известување, а за неговата реализација Европска Унија финансира 250 000 евра. За каков проект станува збор и што претставува неговата реализација, објаснува водачот на проектот од земјата корисничка, Маја Васкова Ќулавковска, која е дел од работниот тим на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Македонија.

*Што е целта на твининг проектот?

Програмата обезбедува рамка за соработка меѓу државните служби во земјите кориснички и нивните партнери од земјите-членки со цел да се олесни транспозицијиата, донесувањето и имплементацијата на законските прописи на ЕУ.

Целта на твининг програмата е да им помогне на земјите кориснички да развијат модерни и ефикасни администрации со структури, човечки ресурси и вештини за управување, кои се потребни за спроведување на „acquis„ на ЕУ. Значи општата цел на твининг проектот во конкретниов случај е да се придонесе за подобрување на безбедноста и обезбедувањето во воздухопловството во Македонија во согласност со европската регулаторна рамка. Додека специфичната цел е да се обезбеди поддршка за Агенцијата за цивилно воздухопловство во изработката и спроведувањето на Националната правна рамка за цивилно воздухопловство преку зајакнување на капацитетот за вршење надзор над безбедноста и обезбедувањето во цивилното воздухопловство. Односно, целта на секој твининг проект е да испорача специфични гарантирани резултати.

*Што ова значи?

-Ние како Агенција за цивилно воздухопловство пред сѐ имаме обврска да ги транспонираме европските регулативи во нашето национално законодавство. И всушност тие стануваат наши домашни, национални прописи, по кои ние го водиме нашето работење.

Основна компонента на овој проект е токму тоа да ни се помогне во транспонирањето на европските регулативи во нашето национално законодавство. Практично да се изработат и ажурираат правилници во областа на воздухопловната навигација и на обезбедувањето во воздухопловството.

Втората компонента од проектот се однесува на зајакнување на оперативните капацитети на АЦВ во овие области, што пак значи изработка или ажурирање на процедури за работа во областа коишто се во согласност со европските регулативи.

*На што конкретно се однесуваат тие процедури- во однос на техника, човечки потенцијал, или ...?

- Станува збор за процедури кои покажуваат на кој начин се врши надзорот во однос на цивилното воздухопловство во специфична стручна област. Имено, една од главните активности на Агенцијата е всушност вршење на надзор на субјектите во индустријата. Тој надзор се одвива според точно определени процедури кои се наменети за имплементирање на овие прописи коишто веќе се донесени и транспонирани во нашето национално законодавство. За да можеме овие прописи да ги имплементираме и да работиме во согласност со нив, ние разработуваме процедури.

*Дали тоа значи дека досегашните процедури отстапуваа од европските?

-Со оглед на тоа што воздухопловството е област која во голема мера се одвива по синхронизирани правила, секако дека воздухопловот лета по исти правила насекаде – небото е едно. Значи во принцип, процедурите се унифицирани, меѓутоа самите европски регулативи многу често воведуваат измени во насока на подобрување на безбедноста. Нашата обврска, како земја корисничка на твининг проектот е всушност ние да го фатиме чекорот во брзо имплементирање на тие измени. Европските земји се во предност бидејќи тие таму се директно апликативни. Кај нас, како земја која не e членка на ЕУ, тие процедурални новини треба да се преработат за да станат дел од нашето национално законодавство и ние тука се обидуваме да го фатиме чекорот. Всушност она што сакаме да го постигнеме со изработката на процедурите е тие да ги опфатат тековните промени за да бидеме во согласност со најновите измени на ЕУ регулативите. Значи се трудиме да бидеме на исто ниво.

*Дали има големи отстапки од ЕУ регулативите кон другите земји?

Во принцип,во основата на цивилното воздухопловство се Меѓународната организација за цивилно воздухопловство и Чикашката конвенција од 1944 година со бројни анекси за воздухопловство. Фактички тие ја даваат општата рамка, општите стандарди за воздухопловството во сите земји во светот, а македонската АЦВ е членка на Меѓународната организација. Ваквата поставеност придонесува за многу голема унифицираност во областа на воздухопловството, со цел да нема големи отстапувања за да може да се гарантира безбедноста на исто ниво во сите земји.

Меѓутоа, воздушниот сообраќај брзо се развива.Сведоци сме и на нови појави, како што се беспилотните летала, па токму една од компонентите во нашиот проект ги опфаќа и беспилотните летала, односно транспонирањето на прописите за работа коишто допрва насекаде се воспоставуваат. Всушност нашата цел е да го фатиме текот со најновите случувања, да бидеме во чекор со сѐ она што значи развој на воздухопловството.

*Кои други сегменти се во доменот на безбедноста на АЦВ?

Стандардите во однос на горивото за промена на неговиот квалитет и за зачувување на еколошките стандарди, е една и од главните цели на воздухопловството, и воопшто на европско ниво од аспект на еколошка одржливост.

*Како би ја сумирале улогата на Агенцијата за цивилно воздухопловство?

-Агенцијата е всушност регулаторно тело кое од една страна е задолжено за изработка на подзаконски прописи, а другата функција е вршење на надзор над индустријата. Односно, Агенцијата врши надзор на тоа како функционира контролата на летање, како функционира аеродромот, како функционираат авиопревозниците.

Твининг проектот ќе трае 10 месеци плус три месеци за известување. На твининг проектот работат: еден водач на проектот, три водачи на компоненти и 20-ина лица кои ги изработуваат документите во рамки на компонентите на проектот.

*Имаме ли доволно кадар за спроведување на сите тие активности?

-Во зависност од областа и профилот. Една од нашите стратешки цели е вложување во кадарот, така што континуирано сме посветени на дообучување на нашиот кадар. Практично и една од компонентите на овој твининг проект се однесува на зајакнување на капацитетите. Имено хрватскиот тим на стручни лица обезбедува експертиза преку кооперативна анализа, работилници, семинари, обуки на работно место и студиски посети за вработените од Агенцијата, каде ќе имаат можност да видат како безбедносниот процес и обезбедувањето го прават хрватските цивилни воздухопловни власти и како нивните колеги ги вршат нивните работни задачи. Едноставно, студиските посети придонесуваат за подигање на свесноста во насока на реализација на процесот на реформи кон саканиот резултат.

*Кои се придобивките од спроведувањето на твининг проектот?

Со реализацијата на твининг проектот може да очекуваме поголема сигурност и безбедност, поподготвена Агенција за цивилно воздухопловство, усогласени прописи со европските, разработени процедури со најновите сознанија од европските партнери и добро обучени професионалци што сето тоа го спроведуваат.

Значи очекуваме подобрување на системот за управување и зајакнување на човечкиот капитал во согласност со Стандардите и препорачаните практики на ИКАО и законодавството на ЕУ.

*Во перспектива?

Перспективата за нас е што поголема усогласеност со европските стандарди и да станеме рамноправен член на европското воздухопловно семејство.