
Изреката „иде Дунав“ е всушност реакција на обичниот човек со која тој изразува предупредување дека во далечината нешто големо се тркала и надоаѓа и носи голема неволја од која треба да се заштитиме на време, ако не, таа може да не однесе. Овој пат, оваа метафора има обратен призвук, односно предупредувањето е поради тоа што реката Дунав летово го достигна својот воден минимум, од што последодици ќе има и производството на храна во Србија и производството на струја во хидроелектраната „Ѓердап“ и во нуклеарните централи во Романија, Унгарија и Бугарија. Поради близината во која се ноѓаме, и ние ќе имаме проблеми во снабдувањето со храна од српскиот увоз и со можноста за увоз на струја од овие производители. Значи, сепак, „иде Дунав“!
Нивото на водата во Дунав е толку ниско што пловидбата е сериозно отежната, па товарните бродови можат да превезуваат само 30–40% од вообичаениот товар на одредени делници низ Србија, Унгарија и Романија.
Во Будимпешта водостојот е толку низок што се појавија делови од речното корито кои обично се под вода, а на некои мерни места се регистрирани најниски вредности досега.
Кај Прахово (Србија) повторно се појавија потонати германски воени бродови од Втората светска војна, што се случува само при екстремно ниски водостои.
Важно е да се напомене дека Дунав е долг речиси 2.900 km, па не постои едно единствено „ниво“. Водостојот се мери на стотици хидролошки станици и значително варира од место до место. Нивото на водата се мери во Белград, Нови Сад, Будимпешта, Виена, Братислава, Ѓердап и на други места.
Состојбата на оваа, една од најголемите реки во Европа, е многу значајна, односно последиците ги чувствува целиот континент. Производството на електрична енергија на нашиов континент е во период на најголеми промени во последните неколку децении. По енергетската криза од 2022–2023 година, предизвикана од намалувањето на испораките на рускиот гас, европските земји значително ги забрзаа инвестициите во обновливи извори, а воедно повторно се отвори дебатата за улогата на нуклеарната енергија.
Податоците за производство на струја во 2025 година велат дека во Европската Унија ветерната и сончевата енергија, заедно, произведуваат повеќе електрична енергија отколку сите фосилни горива (јаглен, гас и нафта) – прв пат во историјата на ЕУ. Нуклеарните централи остануваат еден од најголемите поединечни извори на електрична енергија.
Производството на струја од јаглен продолжува да опаѓа.
Производството од гас исто така се намалува, иако останува важно како резерва кога нема доволно ветер или сонце.
Приближната структура на производството на електрична енергија во ЕУ во 2025–2026 изгледа вака:
Извор Приближно учество
Ветер 18–20%
Сонце 11–13%
Хидроцентрали 13–15%
Нуклеарна енергија 22–24%
Природен гас 16–18%
Јаглен 8–10%
Други 3–5%
Ова значи дека повеќе од две третини од електричната енергија во ЕУ веќе доаѓа од нискојаглеродни извори (обновливи извори и нуклеарна енергија).
Најголеми производители се Германија, Франција, Италија, Шпанија и Полска, но нивните извори се различни. Франција се потпира главно на нуклеарни централи. Германија, по затворањето на последните нуклеарни централи, најмногу инвестира во ветер и сонце. Норвешка речиси целото производство го добива од хидроцентрали. Шведска комбинира - хидроцентрали, нуклеарни централи и ветерници. Полска сè уште е меѓу најзависните од јаглен, но и таму се градат голем број ветерни и соларни капацитети.
Од ова се гледа дека земјите што ја имаат сфатено опасноста од недостиг на електрична енергија поради загадувањето на воздухот, почвата и водата предизвикани од климатските промени, веќе се во напредна фаза во заманета на класичните избвори на енергија, како што е јагленот. Сончевите електрани се најбрзо растечкиот сектор. Шпанија, Германија, Италија, Холандија и Грција бележат рекордни инсталации.
Ветерната енергија продолжува да расте. Особено брзо се развиваат „офшор“ ветерните паркови во Северното и во Балтичкото Море.
Многу земји ги затвораат термоелектраните на јаглен поради високите емисии на CO₂ и трошоците за емисиони дозволи.
Неколку европски држави планираат нови реактори или продолжување на работниот век на нуклеарните централи, со цел да обезбедат стабилно производство и енергетска независност.
Но, и покрај напредокот, Европа се соочува со неколку проблеми во производството, тоа се нестабилноста во интензитетот на ветерот и емитувањето на светлината и топлината што доаѓаат од сонцето, потреба од големи системи за складирање на електрична енергија, недоволно развиени преносни мрежи, високи цени на струјата во периоди на екстремна топлина или студ и долг процес за изградба на нови нуклеарни централи.
Поради ова, Европската Унија има цел од обновливите извори да обезбедува најмалку 42,5% од вкупната потрошувачка на енергија до 2030 година, што подразбира уште побрз раст на производството на електрична енергија од ветер и сонце, како и големи инвестиции во електричните мрежи и складирањето на енергијата.
До 2030 година има уште малку повеќе од 4 години. Ако се оствари планот и проекциите на европските земји за што зборуваме во текстов, стравот и зависноста од нивото на водата во големите реки значително се намалува. Останува проблемот со наводнувањето и производството на храна.
Македонија во приказната „иде Дунав“
Македонија произведува значителен дел од потребната електрична енергија, но сè уште не е целосно енергетски независна. Во зависност од хидролошката година, од ремонтите на термоелектраните и потрошувачката, домашното производство покрива околу 70–90% од годишните потреби, а остатокот се обезбедува преку увоз.
Во 2025 година, вкупното домашно производство изнесувало околу 6,1 TWh (6.100 GWh) електрична енергија.
Приближната структура на домашното производство изгледа вака:
Извор Учество
Термоелектрани на јаглен (лигнит) 50–55%
Хидроелектрани 25–30%
Соларни електрани 8–10%
Ветерни електрани 4–6%
Гасни когенеративни постројки 3–5%
Биогас и други околу 1%
Главни производствени капацитети се:
- РЕК Битола – најголем производител во државата.
- РЕК Осломеј – значително помал капацитет.
Заедно тие произведуваат повеќе од половина од домашната електрична енергија во повеќето години.
2. Хидроелектрани
Најважни се:
- Мавровскиот хидросистем,
- Црн Дрим (Шпиље и Глобочица),
- Тиквеш,
- Козјак,
- Света Петка.
Производството многу зависи од количината на врнежи кои се главниот извор на полнењето на акумулациите. Во влажните години хидроцентралите можат да обезбедат и над една третина од домашното производство.
3. Соларни електрани
Ова е најбрзо растечкиот сектор. Во последните неколку години се изградени стотици мегавати нови фотоволтаични централи, а производството е повеќекратно зголемено.
4. Ветерни електрани
Моментално главен производител е ветерниот парк Богданци. Во тек се подготовки за изградба на нови големи ветерни паркови, меѓу кои и проектот кај Штип со моќност од околу 400 MW.
5. Природен гас
Неколку когенеративни постројки (кои истовремено произведуваат електрична и топлинска енергија) имаат помало, но важно учество, особено во зимскиот период. Владата најавува поголеми инвестиции во гасни когенеративни капацитети.
Во споредба со периодот пред десетина години, уделот на соларната енергија расте брзо, ветерната енергија постепено добива поголемо значење, но јагленот сè уште е главен извор, иако неговото учество постепено се намалува. Од ова може да се види дека Македонија заостанува во начинот и во количината на производство на струја, па затоа е многу заинтересирана за состојбата во европските земји, бидејќи најголемит увоз, најчесто во зимските месеци кога потрошувачката е најголема и кога хидроелектраните произведуваат помалку, увезуваме струја од регионот но и од подалечните земји. Македонија не увезува електрична енергија од само една земја, туку од регионалниот европски пазар на електрична енергија. Поради поврзаноста на преносната мрежа, струјата се купува преку берзи и трговци, а физички влегува во земјата преку соседните интерконекции.
Во последните години, најголем дел од увозот доаѓа од: Бугарија – убедливо најголем извор на увоз, од Србија, од Грција и од Унгарија – најчесто преку трговија на регионалниот пазар. Во помали количини од: Швајцарија, Словенија, Албанија, а повремено и од други европски земји преку меѓународните трговски механизми.
Според податоците за 2024 година, увозот бил распределен приближно вака:
Земја Удел во увозот
Бугарија околу 46%
Србија околу 26%
Грција околу 11%
Унгарија околу 9%
Други земји околу 8%
Земјата од која Македонија ја купува струјата не мора да биде земјата во која е таа произведена.
На пример, струјата може да биде произведена во Романија, а да биде купена преку трговец во Унгарија и физички да стигне преку Србија или Бугарија. Во европскиот електроенергетски систем е тешко прецизно да се утврди потеклото на секој киловат-час, бидејќи електричната енергија се движи низ заедничка синхронизирана мрежа. Од сите овие фактори, Македојнија треба да биде заинтересирана и претпазлива кога ќе ја чуе изреката „иде Дунав“, односно да работи на цлеосно осамостојување во енергетска смисла.
Можеби утешително звучи фактот што укажува на тоа дека државата планира значително да го промени производствениот микс: изградба на повеќе од 3.000 MW нови соларни електрани; околу 900 MW нови ветерни паркови; изградба на 495 MW нова гасна когенеративна централа; големи батериски системи за складирање на електрична енергија; постепено намалување и затворање на производството од јаглен.
Но, кај нас многу полесно е идеите да се стават на хартија, да се потрошат големи пари за проекти и за реклама, а за нивната изведба да се чека и „со векови“, каков што е примерот со системот „Чебрен – Галиште“. Во меѓувреме, секој ден стравуваме од информациите што доаѓаат од Републичката комисија за енергетија во однос на цената на стујата, а сега веќе не само пред зимкиот период, туку и во летниот, поради огромного зголемување на потрошувачката на струја со разладните уреди.