„Агротим“: Проектот „Договорно производство“ – надеж за земјоделците. Пласманот е најголемото прашање и најтешкиот проблем за македонските земјоделци. Тие не му се плашат на занаетот, туку на тоа дали ќе ги продадат производите и ако не ги продадат дали ќе биде прекинат нивниот производен циклус со закана за пропаст во бизнисот. Огромни количини, кои се мерат со стотици тони, последниве години завршија или на нивите, или на асфалтираните магистрали, како протест на замјоделците поради неорганизираниот откуп. Тоа е причина поради која земјоделците се дестимулираат и го намалуваат или сосем го прекинуваат производството.
Ленче Николовска, дипломиран агро-инженер, директор на „Агротим“, специјализирана платформа за информации од областа на агро компексот и агро берзата, вели дека реформа на овој начин на пазарните односи во земјоделството може да биде ДОГОВОРНОТО ПРОИЗВОДСТВО! Таа е и носител на таков проект.
„Агротим“: Проектот „Договорно производство“ – надеж за земјоделците
Најголем проблем во земјоделството е пласманот
- Што значи „договорно производство“ и што предвидува вашиот проект?
-Договорното производство е мојот најнов проект со кој сакам да им помогнам на земјоделците во решавање на нивниот најголем проблем – пласманот на земјоделските производи. Пред неколку години, со фабриката „Благој Ѓорев“, на иницијатива на нејзиниот менаџмент, почнавме договорно производство на сончоглед и се покажа дека само за две години, тројно се зголеми површината за производството и производството на сончогледот. Министерството за земјоделство излезе во пресрет со зголемување на субвенциите за сончогледот, што беше мотив плус да влезат повеќе земјоделци во проектот.
Годинава што изминува го почнавме проект „Договорно производство на органска пиперка“ заедно со земјоделци, со преработувачкиот капацитет „Тргопродукт“, со советници за органско производство, со државни институции од агро секторот, а активноста беше поддржана од швајцарскиот проект ИМЕ.
„Агротим“: Проектот „Договорно производство“
- По правило, секој почеток е тежок, како го пребродивте почетниот период?
-Почетокот беше неизвесен, затоа што нашите земјоделци за секоја новина, како по правило имаат отпорност, постои недоверба и во однос на преработувачите и институциите. Но, ете успеавме некако да ги убедиме, најмногу се млади, амбициозни и сега на крајот се покажа дека бевме во право, а тие се задоволни од реколтата. Најавуваат продолжување на проектот и во 2022 година со поголема површина и производство.
- Како се „покажа“ откупувачот, со оглед на тоа што земјоделците многу тешко наоѓаат заеднички јазик/цена со откупувачите?
-И откупувачот „Тргопродукт“ беше на висина на задачата, се почитуваше договорот, цената - 30 денари за килограм. Исплатата беше навреме, а помогна и со регрес за ѓубриво и со друга помош за земјоделците. Исто така и тие се задоволни од соработката со земјоделските производители, го произведоа првиот органски ајвар од овој проект и ја продолжуваме соработката и следната година.
- Дали проектот дава надеж да заживее, односно да се прошири во повеќе земјоделски гранки?
-Охрабрена сум од успешноста на проектот и сега во тек се преговори преку „Агротим“ за реколтата 2022, не само за органска пиперка туку и за органски сончоглед што ќе го преработи фирмата „Агрофила“ од Штип во органско масло. Тоа масло им е потребно на преработувачите во производството на органскиот ајвар. Во проектот очекуваме да се вклучат голем број земјоделци и поголеми агро бизнисмени, а исто така и преработувачи. Бидејќи европски и светски хит е органската храна. Според моите сознанија и во најновиот ИПАРД 3 ќе има мерка наменета особено за органско производство, што значи дека сме на вистинскиот пат.
Пласманот, најдобро се решава преку договорно производство
- Договорно производство не е нов начин на стопанисување, тоа го имаше во поранешната социјалистичка економија, па затоа, во овие пазарни услови, навистина значи интересно и дури експериментално?
-Јас сум дипломиран земјоделски инжинер, долги години сум во агро секторот, работев како агро новинар, бев пратеничка и претседател на собраниската комисија за земјоделство, таму кај што се носат законите, бев дел и од извршната власт како советник во МЗШВ и во Владата и постојано на терен со земјоделците. Јасно ми беше дека нивен најголем проблем е пласманот, а тој најдобро се решава преку договорно производство. Тоа значи дека тие ќе имаат решен пласман, откупувачите сигурна суровина, а државата нема да има проблем со незадоволство на земјоделците. И субвенциите можат на овој начин да се насочат и да имаат развојна компонента, кога ќе се даваат за производство од кое ќе се добива производ со повисок степен на финализација. Ќе се зголеми извозот и девизниот прилив, ќе се намали трговскиот дефицит, површините ќе се бработуваат, придобивките се поголеми.
„Агротим“: Проектот „Договорно производство“ се покажа успешен со сончогледот и пиперката
„Агротим“- медијатор меѓу земјоделците и откупувачите
- Зошто досега не се практикуваше овој начин на соработка, дали никому не му текнуваше?
-Проблем кај нас е што немаше кој сите нив да ги стави во систем. Тоа се обидувам преку „Агротим“, специјализирана платформа за информации од областа на агро компексот и агро берза, да го направам. Да ја искористам меѓусебната доверба што ја имаме со земјоделските производители дека им мислам добро и дека сакам да има развој на македонскиот аграр. Земјоделците гледаат на се со недоверба, бидејќи со години не се разви партнерски однос со откупувачите, напротив, се гледаат како конкуренти. Договорите не се почитуваат, не ретко и од двете страни, а еднаш изгубената доверба тешко се враќа. Затоа сега застанувам меѓу нив како медијатор, а во тоа имам максимална поддршка од институциите, бидејќи ова е добро за вкупната состоја во агрокомплексот.
- Какви се реалните можности за успех на целиот проект?
-Се надевам дека ќе успеам во овој период да започнам проект и за договорно производство на зелка и други земјоделски култури, па напоредно со решавањето на пласманот да ги здружувам земјоделците, по региони или по производство на одредени земјоделски култури. Така организирани, ќе имаат поголеми шанси да се носат со големите откупувачи, да склучуваат сериозни и добри договори и да имаат исплатливо производство.
Проектот „ Договорно производство“ опфаќа одржување трибини, едукација на терен од семе до предавање на производот кај преработувачот, следење на производството од наш тим советници итн.
Ви благодарам и вам што покажувате интерес за поголем развој на договорното производство како модел, којшто може да донесе реформа во аграрот. За светот и ЕУ ова не е ништо ново, но кај нас, со познатиот менталитет на нашиот земјоделец, ова ќе биде навистина успех. Да се надеваме дека 2022 година ќе ги потврди моите и очекувањата на „Агротим“, а преку позитивните искуства ќе регрутираме други млади земјоделци да го зголемиме домашното производство на храна.
„Агротим“: Проектот „Договорно производство“
Бране Стефановски