Академија за дигитален маркетинг дизајнирана според потребите на реалната индустрија во организација на Сивус Едукативен и Развоен Центар во соработка со партнер компанијата Motion®,  специјализирана во областа на дигиталниот маркетинг и развој на веб и софтверски решенија.

Академија за дигитален маркетинг дизајнирана според потребите на реалната индустрија

Со појавата на социјалните медиуми и создавањето на дигиталниот медиумски простор во изминатите десетина години, несомнено е дека за секогаш се промени и начинот на кој се информираме за сè околу нас. Следствено на тоа, традиционалните канали на комуникација и информирање како весниците, телевизиите и радијата изгубија значителен дел од “колачот”, исклучително во делот на рекламирањето кое преку социјалните медиуми, стана достапно и економски исплатливо за многу бизниси во целиот свет. Бизниси, кои сега за прв пат можеа да дејствуваат и глобално, поради техничката природа на овие платформи  како составен дел на интернетот преку кој оваа можност стана достапна.

Токму поради тоа што глобалниот пазар стана достапен за сите, правопропорционално на зголемувањето на бројот на корисници, се зголемуваше и конкуренцијата, која денес е многу разновидна и богата. Со самото тоа, покрај традиционалниот маркетинг, природно се развиваше и сферата на дигиталниот маркетинг кој сè повеќе го зацврстува своето место и во академските кругови, поради огромната потреба од создавање на кадар дигитални маркетери што ќе ги задоволи потребите на оваа индустрија преку оваа дејност  која полека но сигурно станува една од најпосакуваните професии на 21-от век.

Како лидер во сферата на образованието кај нас, Сивус Едукативен и Развоен Центар со големо внимание и прецизност ги следи сите овие трендови, што беше главна причина за менаџментот да одлучи своето широко портфолио на едукативни програми и академии, да го прошири со уште една, а тоа секако е Академијата за дигитален маркетинг. Таа за прв пат стартуваше изминатата 2020-2021 академска година, како еден нов пилот проект на СЕДЦ кој се покажа како исклучително успешен. Поради тоа годинава, академијата продолжува да биде достапна за сите заинтересирани студенти, но овој пат во “ново руво” со значително збогатена наставна програма и уште многу можности за самите студенти.

Од оваа година Академијата за дигитален маркетинг ќе се реализира во соработка со компанијата Motion®, партнер од дигиталната индустрија со кој СЕДЦ неодамна склучи договор во насока на заедничка реализација и унапредување на истата.

Motion® е компанија специјализирана во областа на дигиталниот маркетинг и развој на веб и софтверски решенија. Широкото портфолио на сервиси кои ги нуди, компанијата ја прават своевиден one-stop-shop за своите клиенти од Европа и светот, што беше пресудно за склучување на партнерството. Исто како и визијата на СЕДЦ да вклучи партнер од областа на дигиталниот маркетинг кој директно ќе помогне Академијата да биде дизајнирана согласно потребите на реалната индустрија. Со цел студените своето знаење по завршувањето да можат веднаш да го применат во корпоративниот сектор што ќе ги направи и значително конкурентни на пазарот на трудот.

Академијата оваа година стартува со многу новитети. Еден од нив е збогатената наставна програма која сега ќе се реализира во дури 11 модули кои покрај тематики од областа на дигитален маркетинг, ќе вклучуваат и наставни содржини од областа на продажбата која директно е поврзана со маркетингот како алатка за иницијација и унапредување на истата.

Целта е студентите да се стекнат со целокупното знаење потребно за да иницираат цели процеси и маркетинг активности во кои секако мултидисциплинарниот пристап има голема улога.

Друг новитет е тоа дека Академијата од оваа година, покрај студентите во Македонија станува достапна и за студентите од Србија и Косово и истата ќе се реализира и на македонски и англиски јазик.

По завршувањето на Академијата, студентите се стекнуваат со двојна диплома. Покрај дипломата издадена од  СЕДЦ, студентите се стекнуваат и со диплома од страна на CPD Standards Office во Лондон, Обединетото Кралство, која ја акредитира Академијата за Дигитален Маркетинг и нејзиниот курикулим, со што студентите се стекнуваат со меѓународно призната диплома која може да им послужи во градењето на кариера и надвор од нашата земја. Постојат уште многу интересни факти за Академијата која со реализација ќе започне во октомври, но секако нив ќе ги објавуваме во рамките кампањата #clicktoupgrade која следи.