Акцијата на Комерцијална банка Скопје седми месец по ред е најтргувана на македонскиот пазар на капитал, тоа го покажува и полугодишниот и јулскиот билтен на Берзата. Имено во текот на јули се истргувани 7.155 акции преку 313 трансакции на Официјалниот пазар. Преку ова тргување Банката остварила промет од 1.389.067 евра, а нејзиното учество во вкупниот берзански промет било 46,65 отсто.

Втора најтргувана акција на официјалниот пазар на Берзата во јули била акцијата на македонскиот фармацевтски гигант Алкалоид АД Скопје. Преку 187 трансакции биле истргувани 2.646 акции  со кои се остварил промет од 729.545 евра. Со тоа Алкалоид учествува 24,50 отсто во вкупниот промет на Берзата.

Третата позиција во најтргуваните акции во месец јули, идентично како и минатиот месец му припадна на најголемиот нафтен дистрибутер „Макпетрол“ Скопје. Вкупниот промет кој бил постигнат со оваа акција изнесува 269.313 евра, што е учество од 9,04 отсто во вкупниот промет.

Во групата на најтргувани на следните две позиции, четврто и пето место се најдоа акциите на големите банки, Стопанска банка Скопје и НЛБ Банка, чие учество во вкупниот промет на Берзата е 5,54 и 2,62 проценти сукцесивно. Меѓу најтргуваните се вбројуваат и акциите на Пекабеско, Макстил, Реплек, РЖ Економика и Телеком. Инаку во оваа десетка на најтргувани акции, количински, најголем број, 42.788 се истргувани акции на РЖ Економика Скопје, додека второто место му  припадна на Макстил Скопје со 29.486 истргувани акции.

 Акциите на Макошпед со најголем раст

 Најголем пораст минатиот месец бележат акциите на Макошпед  Скопје кои забележаа месечна промена од 83,68 проценти. Односно од 190 денари за акција се искачија на 349 денари. За 10,13 отсто се зголемија и приоритетните  акции на Стопанска банка Скопје. Во петорката на акции со најголем пораст се и акциите на Макстил со раст од 7,54 отсто, обичните акции на Стопанска банка Скопје за 5,29 и на Комерцијална банка за 4,66 отсто.   

 Минатиот месец  акциите на Цементарница УСЈЕ Скопје забележаа најголем пад од 17,14 отсто. Веднаш по нив се акциите на РЖ Техничка контрола Скопје со пад од 13,44 проценти. Во петорката чии акции бележат најголемо опаѓање на месечно ниво се и акцијата на УНИ Банка со пад од 9, 68 и Стопанска банка Битола со 9,31 и акцијата на Либерти со пад од 8,33 отсто.

Минимален раст на вкупниот промет 

Инаку, вкупниот промет што Македонска берза го оствари минатиот месец, според податоците во билтенот изнесувал 430.542.437 денари и е зголемен за 0,97 проценти во однос на претходниот месец.

Класичното тргување изнесувало 205.067.875 денари и е намалено во однос на јуни за 39,60 отсто. Во класичното тргување истргувани се акции во вредност од 185.549.414 денари и обврзници во вредност од 19.518.461 денари.

Блок трансакциите во јули достигнале вредност од 225.474.562 денари и се зголемени за 174,21 отсто во однос на јуни.

Додека бројот на трансакции минатиот месец е намален за 29,84 отсто во однос на јуни кога изнесувал 1.297.