Имајќи ги податоците за потенцијалите на нашето земјоделство, секогаш се повторува прашањето - зошто тоа е оставено неразвиено и зошто од земја која може да храни многу побројно население од домашното, е зависна од увоз? 

На овие неколку прашања го замоливме, за Анторис, да зборува професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна, Ордан Чукалиев, чија специјалност е сè што е поврзано со водата, со наводнувањето, со почвата и со животната средина . 

Актуелните кризи и храната
  • Зошто од земја што ги покриваше најголемите свои потреби за храна, сега зависиме од увоз?

- Ако едно време не бевме целосно самодоволни во производството на храна, денес сме многу подалеку од таа самодоволност. И покрај сите мерки во земјоделството изминативе години, ние имаме постојан пад во производството. Можеби имаме делумно покачување во приносите, кое на глобално ниво изнесува 10% на десет години како резултат на технолошкиот развој, меѓутоа поради намалувањето на површините што се обработуваат, вкупната продукција ни опаѓа и тоа прави да бидеме сè позависни од увозот на храна.

Кај нас земјоделството е ситно, а сточарството уште поситно

  • На кој степен е земјоделско производство?

- Производството на житарките е во најголем процент на земјиштето на старите агрокомбинати, додека над 90% од градинарските производи ги произведуваат индивидуалните земјоделци. Во земјоделството, ние сме на дното – имаме меѓу најниските приноси во Европа и тоа во најголема мера се должи на катастрофално лошите природни услови. Кај нас најплодната почва е алувијалната, која е песок, водата ја создаваме со над стотина изградени акумулации, културите претрпуваат температурни шокови и сето тоа го сместува македонското земјоделство во т.н. земјоделски производства ограничени од недостатокот на вода. Едноставно, имаме прениски потенцијали и тоа прави да немаме инвеститори и странски капитал во земјоделскиот сектор.

  • Како се држиме во споредба со соседните земји?

- Не можеме да помислиме да се споредиме со Бугарија или со Романија, каде што се дојдени големи странски инвестиции во земјоделскиот сектор, водени од општопознатиот факт дека иднината на житното производство за Европа е во црноморскиот регион, кој располага со врвна технологија. Кај нас инвестицијата во технологија, опрема и механизација е нерентабилна ако имаш само два хектара. Еве и практично како изгледа тоа: ако имате посеано пченица на двата хектари земја, приносот ќе ви биде шест тони пченица. Цената е 12 денари за килограм, што значи дека годишно ќе заработите 72.000 денари. И сè да ви остане од тие пари, нема да можете да преживеете како земјоделец, а камоли да инвестирате, на пример, во трактор, кој чини 50.000 евра. 

За да инвестира некој кај нас, треба да се ангажира да откупи од 10.000 луѓе по два хектара за да дојде до некоја големина на земјиште како на ЗИК Пелагонија на времето, што изгледа невозможно.

  • Каде е сточарството?

- Сточарството, исто така, околу 90% ни е лоцирано кај индивидуалните земјоделци, што е еден од поголемите проблеми. Тие не можат да обезбедат ни основни критериуми како еколошки стандарди, а да не зборуваме за благосостојбата на домашните животни. Кај нас земјоделството е ситно, а сточарството уште поситно. Еден земјоделец кај нас во просек располага со два хектара земја, а претежна големина на едно сточарство е помалку од три добиточни единици, (една добиточна единица одговара на една млечна крава или околу 10 кози или овци). 

Нашето овчарство, кое беше навистина развиено и во 80-те години проценките беа дека Македонија има од 1,2 до 1,5 милиони овци, денес, според официјалните извори на податоци брои од 550 до 700 илјади овци. Што значи дека е една половина или една третина од тоа што било. Овчарството полека изумира бидејќи не може да се најде овчар. 

Последиците од нашето ситно земјоделство, неорганизираноста на производителите и тоа што сме мали е што ние не увезуваме само храна, ние увезуваме и цена. Ние не можеме да кажеме дека цената на пченицата во Македонија ќе биде 20 денари за килограм ако во Србија е седум денари, бидејќи веднаш некој ќе направи увоз од Србија, што е многу поразително за земјоделците и за целото земјоделство. 

Винариите се зависни од индивидуалните производители

  • Секогаш биле фалени нашите вина на сите меѓународни манифестации. Добитници сме на голем прој награди и признанија за квалитет. Дали оваа гранка може да не „извади“ донекаде?

- Винарството е сектор што постојано се развива, но винариите се зависни од индивидуалните производители кои не можат да ги применат сите мерки што се бараат за производство на квалитетно грозје. А, ако имаш лоша суровина, не можеш да имаш добро вино. Исто така, ние имаме вранец – интензивна, тешка и јака сорта што ретко кому во светот му се допаѓа, со оглед на тоа што во мода се сосема други сорти. 

Поради овие проблеми, „Тиквеш“ веќе почна да инвестира во сопствени површини за да има контролирано производство на грозје и следливост, кои се невозможни кога купуваш од илјада фармери кои имаат по еден декар лозје. Поради климатските промени, ние веројатно ќе мораме да го преместиме лозарството на малку повисоките региони и добро е да има нови инвестиции во нови насади, на нови површини, на поповолни услови, каде што не би се добивало преобоено и пресозреано грозје и од него, на пример, жолто бело вино како сега.

Инаку, според мене, винарството е апсолутно сектор со перспектива, бидејќи тука имаме добри квоти со ЕУ и мислам дека е дефинитивно сектор во кој треба да се инвестира и во кој можеме да имаме успех.

  • Во последно време многу се зборува за одгледувањето марихуана кај нас и многумина сметаат дека тука лежи голем бизнис?

- Јас воопшто не верувам во тоа. Ако Македонија успее да направи меѓународен бизнис со марихуана, набргу земји кои имаат подобри услови ќе се појават како производители и ќе нè уништат на пазарот. Марихуаната, односно лековитиот коноп cannabis indica, едноставно не можеме да го произведеме да ги задоволува фармацевтските стандарди за да може да се користи во фармацевтската индустрија. 

Третото нешто во што се гледа потенцијал е органското производство, но јас не сум негов заговорник, затоа што го гледам на глобално ниво. Иако органското производство е добро за одржувањето на здравјето на почвата, тоа не може да постигне ист принос како конвенционалното. Како што вели ИНРА, Францускиот институт за земјоделство, во еден свој извештај од 2012 година: големи површини под органско производство подразбираат пад во продукцијата, а тој недостиг се надоместува со сечење на дождовните шуми во Бразил.

Продолжува… 

Бране Стефановски