„Алкалоид“ в година очекува раст и на продажбите и на добивката. Најголемата домашна компанија во фармацевтската индустрија „Алкалоид“  го објави Бизнис планот за 2022 година, според кој се очекува зголемување на приходите за осум отсто во 2022 година во однос на годинава. Односно очекуваат реализација од консолидирана  продажба од околу 244 милиони евра во однос на очекуваните за 2021 година. Проектираат раст од седум отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноци и пред амортизација (EBITDA), како и пораст на консолидиранaтa нето-добивка од најмалку седум отсто во однос на очекуваната за 2021 година.

Во документот што е објавен на Македонската берза, стои дека 87 отсто од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ „Фармација“, а 13 отсто ПЦ „Хемија“, козметика, билкарство. Според проекциите 35 отсто од консолидираните продажби би  требало да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 отсто од извоз.

Алкалоид најавува продолжување на инвестициската активност и во наредната година. Така Бизнис-планот за 2022 година предвидува инвестирање на околу 14 отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства.

Следната година е година која ќе ја одбележи реализацијата на исклучително значајни нвестициски проекти за компанијата, е нагласено во бизнис планот.

Алкалоид започна со еден од најголемите инвестициски зафати во последниве десет години. Тоа е оформувањето нов производствен погон во Фармација – Производство на цврсти форми. Предвидена е изведба на 2.000 метри квадратни чисти простории, целосно во согласност со највисоките стандарди за фармацевтско производство, со законските регулативи во ЕУ и со GMP-прописите. Планираната вредност на инвестицијата е четири милиони евра.

Во функција на проширување на капацитетите, планирано е и снабдување со нова производствена опрема во вредност од околу шест милиони евра. Со ова повеќекратно ќе се зголемат прозводствените капацитети и ќе се создаде потенцијал за долгорочен, континуиран раст на продажбите, како и за нови вработувања.

 

Во тек е и изградба на нов објект со вкупна површина од 4.000 метри квадратни којшто ќе ги обезбеди неопходните придружни содржини за исполнување на комплетноста на GMP – прописите во растечките производствени капацитети. Централните гардероби ја претставуваат првата алка во синџирот на производствените услови на GMP. Планираната вредност на овој проект е четири милиони евра.

Производство на електрична енергија за сопствени потреби


Компанијата континуирано ги следи трендовите во енергетиката, а паралелно и заштитата на животната средина е еден од најголемите приоритети во деловната стратегија на Алкалоид, се посочува во Бизнис планот.

За таа цел, компанијата ќе продолжи со инвестирање во производство на електрична енергија од обновливи извори за сопствени потреби. „Алкалоид“ веќе има добиено лиценца од Регулаторната комисија за енергетика за производство на електрична енергија за сопствени потреби. За  наредната година планирана е изградба на неколку фотоволтаични централи со вкупна вредност од 200.000 евра.

Истражување и развој


Инаку, од Алкалоид нагласуваат дека посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении компанијата се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи преку 200 милиони евра.

Во 2021 година во употреба е пуштен погон за сопствено производство на влажни марамчиња, во вредност од близу четири милиони евра. Влажните марамчиња, кои се дел од брендот Becutan, изработени според оригиналната рецептура на фармацевтските експерти од „Алкалоид“, за првпат се воведени на пазарот во 2006 година. По 15 години нивно производство надвор од земјава, со отворањето на овој капацитет целосниот процес започна да се спроведува во погоните на компанијата на локалитетот „Лафома“ во Ѓорче Петров.

Исто така, во 2021 година започнаа изградбата и опремувањето на погон за производство на концентрати за раствори за хемодијализа. Вкупната вредност на овој проект изнесува 1,4 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција е планирано во првата половина на 2022 година.

Бизнис планот во 2022 година предвидува и раст од најмалку шест отсто на издатоците за истражување и развој.

 

Истражување и развој во „Алкалоид“ повеќе децении има реномирана репутација како истакнат сегмент за истражување и за воведување нови производи, технологии, аналитички методи и услуги, кои обезбедуваат раст на богатото портфолио на Алкалоид, со грижа за заштита на животната средина, како и на здравјето и на безбедноста при работа. Трошоците  за истражување и развој што низ годините наназад континуирано растеа резултираа со повисоки стандарди за квалитет кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата кај потрошувачите, се посочува во документот.

 И во наредната година -60  нови вработувања

Во однос на вработувањата, од компанијата посочуваат дека следејќи ги плановите за раст и развој, во 2022 година се очекуваат околу 60 нови вработувања во „Алкалоид“, како и 10-ина вработувања во друштвата во странство.

Продолжуваме со вложувањата во човечки капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, воедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата од вработен, се вели во Бизнис-планот.

Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во 2021 година се движеше од 13.300 до 18.350 денари или просечно 15.830 денари за една акција. Цената на акцијата на последната трансакција на 27.12.2021 година изнесуваше 18.200 денари. Пазарната капитализација на компанијата надмина 26 милијарди денари.

Според Бизнис планот за 2022 година, менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции.

„Алкалоид“ повеќе од осум децении работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи. Во рамки на акционерското друштво работат два профитни центри: Фармација и Хемија, козметика и билкарство. Има две подружници во земјава, како и 18 подружници и две претставништва во странство (во Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, во Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, во Турција, Украина, Руската Федерација, САД и во Велика Британија).

Компанијата брои 1.930 вработени во земјава и 580 вработени во подружниците и во претставништвата надвор од Северна Македонија.

Во Бизнис планот на „Алкалоид“ АД Скопје се посочува дека при извршувањето на своите деловни операции, компанијата се потпира на највисоките етички норми и стандарди.

-Уверени сме дека етичкото водење бизнис е предуслов за постојан личен и деловен успех. Нашата цел е обезбедување постојаност и подобрување на бизнис-перформансите преку одржување, односно преку зајакнување на позициите на актуелните пазари и преку разумно проширување на нови пазари“, се нагласува во Бизнис планот.