Македонија минатата година се најде на петто место на туристичката светска  мапа со најголем раст на странски туристи. Според податоците на Светската туристичка организација (UNWTO) во 2021 година меѓународните туристички пристигнувања во Македонија пораснале за 139 проценти во однос на претходната година. „Никој не веруваше дека 2021 година ќе поминеме над два милиони ноќевања, а ние стигнавме до 2,4 што мора да кажам дека е заеднички успех на Агенцијата со туристичкиот сектор кој веруваше и вредно работеше. Практично вложениот труд во 2020 се рефлектира лани, а континуиран раст бележиме и во првиот квартал годинава. Планските активности што ги спроведуваме годинава очекуваме да дојдат до израз во 2023 /24 година“, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот во интервју за Анторис магазин.

Алтернативните форми на туризам - нов потенцијал за локалниот економски развој 

 Одржливост на дестинацијата клучна за одржлива локална економија

  • Неочекувано, но импозантни резултати за туристичкиот сектор во земјава среде криза. Ќе успееме ли да го задржиме вниманието на посакувана дестинација и годинава?

-Годинава очекуваме да го надминеме бројот над 2,5 милиони ноќевања и зголемување на девизниот прилив.

Многу е неблагодарно да се прогнозира, но ако успеавме да прогнозираме и истото тоа, доволно да го имплементираме во 2020 /21 и да даде добар ефект, не ни преостанува ништо друго освен да продолжиме заеднички да работиме и да докажеме, како што веќе докажуваме дека можеме многу повеќе - туризмот да биде еден од петте столбови на Македонија.

Засега уделот на туризмот во БДП е околу три проценти за разлика од регионот каде се движи околу 10-11 отсто, кон што и ние се стремиме. И тоа е идеално за одржливост на дестинацијата.

Во основа одржливоста на дестинацијата овозможува и одржливост на локалната економија. Досега во нашата држава немавме истражување коешто го покажуваше ефектот од туристичкиот сектор во државната економија. Или имаме истражувања за влијанието на туризмот во локалниот економски развој во одредени дестинации кои се стари и до 30 години. Поради тоа, не можеме да го мериме и прикажеме реалното учество на туризмот во економијата. Всушност, еден од поголемите предизвици во мојот мандат е да воспоставуваме стратегии кои ќе бидат одржливи како и оперативни планови кои ќе се базираат на факти и на бројки. Тоа и го создадовме и го потврдивме. Направивме резултати. Кога светот застана, туризмот продолжи да работи.

  • Какви се состојбите во моментот, сознанија, најави за аранжмани за претстојната сезона?

-За жал од целиот број на туроператори и туристички агенции само три до пет работат дојдовен туризам и покрај големиот број на субвенции кои државата ги одвојува.

Практично тие  сè уште продолжуваат да сервисираат странски туроператори. Затоа и се случи падот на туристичките места во 2020 година. Бидејќи пакетите од големите туроператори беа главно плажа и лежалка со многу малку вонпансионски трошења во дестинацијата. На таков начин, ако споредиме само два основни аспекти: 2019 каде 64 проценти биле странски, а 35 биле домашни туристи, компаративно со остварените ноќевања, домашните туристи иако биле само 35 отсто генерирале 52 проценти од ноќевањата.

Токму поради ваквата состојба потребно е субвенциите да се насочат во развојни елементи. Бидејќи кумулативноста во дестинацијата понекогаш не значи и квалитет во вонпансионската потрошувачка. Тоа го покажа и 2021 година - со 2,3 милиони ноќевања, ние ги достигнавме бројките во потрошувачката во 2019 година. Што би се случило ако таа бројка била поголема, 3,2 или 4,5 милиони ноќевања, што се реална можност со уредување на туристичкиот сектор.

Атракции за развој на локалниот туризам

  • Какви се потенцијалите за развој на алтернативните дестинации?

Ако ја земеме 2019 г. како последна релевантна година во туристичкиот сектор во една мината реалност, ќе видиме дека 67 проценти од вкупниот број на туристи  биле концентрирани во два региони: Скопскиот и Охридскиот (Југозападниот регион). Останатите 33 отсто туристи ги посетувале останатите шест региони.

Но, ако ја погледнеме 2020 г. ќе видиме дека најголемите падови во туристичката индустрија беа токму во овие два туристички центри, коишто сервисираа кружни патувања. Факт е дека поради корона кризата, патувањата беа многу отежнати и долги. Традиционалните тури се променија. Туристите започнаа да патуваат во помали групи кои имаат поразлични фокуси со акцент на националните паркови и руралните средини. Дестинации кои изобилуваат со авантуристички форми на туризам, активни форми на туризам и мали сместувачки капацитети. Токму ваквите дестинации доживеаја ренесанса, како Берово, Крушево, Вевчани ... Овие општини забележаа скок од 10 до 20 отсто додека секаде имаше пад со над 70 отсто. Не можевме да ги измериме туристите на дневно ниво во Маврово, Попова Шапка, Пелистер,Битола, Прилеп. Но, тие не се задржуваа во дестинациите бидејќи во тие делови на државата имаме скромни сместувачки капацитети.

  • Каква е соработката со локалната самоуправа во насока на развој на руралниот туризам?

Стратегијата којашто треба да ја развие државата е всушност фокусирање на мали сместувачки капацитети во руралните средини до 20 легла, во селските домаќинства кои практикуваат рурален, еко, еногастро концепт туризам, вински патишта. Така ќе се овозможи и поголем престој во тие места и вонпансионска потрошувачка во локалната економија. Тоа е многу значајно за наредните неколку години за да имаме поголем број на туристи.

Всушност, целта на Агенцијата, како и еден од најголемите предизвици за мене како директор во овие неколку години е заеднички со општините да создаваме атракции, но и заеднички да аплицираме на меѓународни фондови за да го развиваме туризмот на локално ниво. За жал Агенцијата нема мандат, но ова го работиме доброволно и заедно со локалната самоуправа. Всушност АППТ во овие четири години со новата реалност во туристичкиот сектор треба да прерасне во Национално тело кое ќе креира политики заедно со Министерството за економија. На тој начин ќе овозможи имплементирање, грантови, заедничка работа со општините, туроператорите, туристичките работници и руралните и селски семејства со кои што ќе преточи регионални и европски практики.

  • Кои се следните чекори што ќе ја зацврстат позицијата- попривлечна дестинација за туристите?

Државата треба да ја поделиме директно или индиректно на четири дестинации- destination management organizations. Во нивниот борд да влезат сите стихолдери од локално ниво, кое на почеток ќе биде управувано од АППТ заради нивната одржливост, а потоа би се генерирале од туристичката такса. Заеднички би креирале нови политики на државно ниво, адаптирајќи се на практиката од регионот и од Европа. Така многу брзо ќе создадеме процеси кои миграцијата на младото население кон градот и надвор од државата ќе ја свртат во обратен правец. Развивањето на нови пазари, со нови туристички форми како што е руралниот, екотуризмот и нови алтернативни форми ќе овозможат зголемување на локалниот економски развој, создавање на нови работни зелени места, но и отворање на услужни микро и мали семејни бизниси кои ќе овозможат намалување на миграцијата.

Конкретен пример за тоа се швајцарските Алпи. Тие до пред 30-ина години ја имале најголемата миграција во Европа, сега имаат обратен процес, затоа што негуваат рурален и етнотуризам. Швајцарија е земја каде 60 отсто од вкупниот број на ноќевањата се во рурални средини. Кај нас, засега тоа се 15-20  проценти според мои истражувања. Ние на пример може да имаме и 100 000 туристи на дневно ниво во Преспа, но, да не потрошат ништо, бидејќи нема никаков капацитет со кој што тие луѓе ќе се задржат повеќе од неколку часа. Затоа оптоварувањето на дневно ниво на дестинацијата не значи секогаш профит туку поминување низ дестинацијата. Но и покрај оваа состојба, Македонија има потенцијал за развој на туризмот.

Македонија е дестинација за четири сезони

  • На што треба да се стави акцент за поголем исчекор во руралниот туризм?

Сега треба да работиме на поставување на инфраструктура во туристичката индустрија. Темели на кои што понатаму ќе градиме одржлив туристички сектор, каде професионализмот ќе биде на највисоко можно ниво. Каде индивидуалниот пристап ќе биде заменет со колективниот и каде вистински туристичката индустрија и дестинација ќе ја гледаме како дестинација без граници. Тогаш ќе имаме многу поголем број на успеси и многу помал број на изговори.

Туристичкиот сектор треба да биде првиот кој со нивниот мултипликативен ефект во руралните средини, што во Македонија е 3,4 отсто ќе овозможи доволно финансиски средства за континуиран развој на самите нив и со многу приближување на услови кон градските средини пред сè во инфраструктурата.

Потоа, ни требаат човечки ресурси, млади кадри, кои ќе имаат континуирана обука. Меки мерки, искористување на наменски програми. Бидејќи 2022  ИПАРД 7 е наменет токму за туризм, каде Европската унија ќе врати 65 отсто. Со овие директни вложувања во оваа индустрија, можеби повеќе ќе треба да се размисли за модел за субвенционирање и насочување на туроператорите кон алтернативни форми на туризам. Зошто го велам ова- затоа што нас не ни треба квантитет туку квалитетна туристичка понуда која ќе овозможи поголемо задржување на туристите во дестинациите. Јас би сакал до 2025 година да оствариме пет милиони ноќевања, ама тоа да бидат 1,2 милиони туристи. Да ја достигнеме бројката од 1,2 милиона туристи од 2019 година и да ја надминеме со уште два милиони луѓе што би претставувало успех во туристичката индустрија кај нас. Затоа што индиректно туристичката индустрија во економијата на секоја земја влијае врз 20- 23 економски гранки и тоа мултипликативно.

 Во втората половина од годината ќе се фокусираме на брендирање на дестинација за што очекуваме и сериозна соработка со Владата. Поголем буџет, со цел да ја спроведеме Националната кампања на Македонија како туристичка дестинација во светот преку пребарувачите YouTube и CUBE

 

  • Можат ли малите туристички центри да привлекуваат повеќе туристи вон сезона?

-Мојата визија е дека Македонија е дестинација за четири сезони. Што би значело дека руралниот, еко и алтернативните форми на туризам немаат пик.  Таа е многу развлечена и трае по седум, осум, па  дури и 10 месеци.

Ланската година покажа нешто друго. Прво се букираа капацитетите кои имаат до 20- 30 соби во рурални средини, приватни сместувачки капацитети, бидејќи луѓето се чувствуваат посигурни во помали групи.

Мислам дека оваа практика нема да заврши толку брзо од гледна точка што туристичката индустрија се приспособува на нови потреби на туристите. Всушност, квалитетот и сигурноста на дестинацијата од повеќе аспекти ќе биде многу позначајна во наредниот период од три пет или 10 години.

„Отворен Балкан“

  • Што значи Отворен Балкан за туризмот во Македонија?

-Туризмот не признава државни граници. Тоа е токму и улогата на отворениот Балкан. Ние познаваме дестинации, а туристот патува до таму каде што има интерес да посети некоја туристичка атракција.

„Отворен Балкан“ ќе биде многу голем предизвик за туристичката индустрија од повеќе аспекти. Прво ќе добиеме 10-12 милиони домашни туристи, затоа што ќе имаме три држави како една дестинација. Понатаму поголема конкурентност во дестинацијата, но и поголема конкурентност и влијание врз регионот и во Европа. Започна еден процес во којшто туризмот е на високо ниво и во агендата на нашите влади. Се надевам дека за многу брзо време ќе успееме со нашата идеја за промоција на  Агенцијата. Ако до 90 –те години имавме два лета дневно Белград- Охрид, зошто сега да немаме два пати неделно и тоа со брендиран авион „Опен Балкан“.

  • Што е во фокус оваа година?

Фокусот на регионот и традиционалните пазари се многу значајни за 2022. Ние можеме да помогнеме, да создадеме услови, но не можеме да ја сработиме работата на туроператорите. Ме радува фактот дека многу силно се вративме на саемот во Турција-резултираше авио-линијата Измир-Скопје за прв пат. Дополнително очекуваме нова чартер-линија која се трудиме да ја приземјиме во Охрид, односно Измир –Охрид, а потоа да се воспостави кружна тура меѓу Македонија и Албанија. Има најава и за воспоставување на авиоконекција со неколку дестинации од Јадранскиот регион и авиолинијата Марибор –Скопје.

Исто така би кажал дека ТУИ „Обединетото Кралство“ за првпат ќе ја сервисира Македонија. Тој закупи 80-85 седишта во ротација од летовите на „Виз ер“ од средината на јули до октомври.

За првпат започнува да работи со Македонија и ТУИ Полска. Верувам дека до година ќе ги имаме првите чартери од Варшава за Охрид и воспоставување на редовна линија Варшава – Скопје што ќе овозможи и поголем број на слободни туристи. Секако и линијата Софија –Охрид ќе влијае на враќање на поголем број на бугарски туристи, кои и досега биле меѓу првите пет. Пораст на грчките туристи, а, со воспоставување на линијата со Тел Авив и повеќе израелски туристи.

Значи очекуваме подобра сезона и од прилика меѓу 30 и 40  проценти зголемување на странските туристи во државата, а ист број на домашните. И се надевам дека ќе ја достигнеме бројката 3,2 милиони ноќевања  во 2023 година.