На 24 јуни о.г. се оддржа концерт на хорот на словенечкото здружение во Скопје „Франце Прешерн“ по повод државноста на Република Словенија, но и во знак на македонско-словенечкото пријателство. Концертот течеше под менторство и диригентство на нашиот диригент Томислав Шопов (кој овој хор го води 20 години) и на неговиот следбеник, младиот диригент во подем Андреј Наунов. Беше одлично чувството да се слуша убава музика со солидна аматерска интерпретација, но и чувството што со такви културни настани се градат и се зацврстуваат мостовите на пријателство меѓу двата братски народа, словенечкиот и македонскиот, кои во својата историја си немаат ништо лошо речено, а имаат и заеднича историја во должина од 50тина години. Колку е убаво кога мешаната публика еднаков се радува и на словенечките и на македонските композиции. Тогаш ти доаѓаат морници и солзи радосници. Излегуваш од концертот наполнет со блажина и нежност, а во вториот момент се прашуваш, зошто сета оваа убава работа е сепак на дното на општествените активности и третман; вестите и аналитиката за културните настани не живеат во македонскиот информативен простор. Штом културата не е присутна на широката информативна сцена, таа атрофира. Бидејќи темава ја почнавме со хорската уметност, ќе продолжиме да зборуваме за хорскиот живот и за таа уметност.

Хорската уметност во Македонија, по ослободувањето (1945), беше во подем. Се формираа хорови не само поради социјалниот момент - дружење, социјализација и занимација, туку и новите композиции на нашите први композитори си бараа некого што ќе ги отпее тие дела, кои, верувајте, некои од нив доживеаја и светска слава, беа и се  исполнувани во многу земји во кои се трага по нови хоризонти во уметноста, за кои не постојат граници. Така комопзициите на Скаловски, Прокопиев, Гајдов, Николовски, Зографски, Лековски, Шуплевски и другите наши композитори можеа да се слушанат на разни хорски големи фестивали во Европа и пошироко, во изведвба на странски хорови. Тоа е голема гордост за македонскиот човек, па макар и лаик, кога ќе чуе дека „Миле Поп Ораданов“ го изведува некој норвешки или италијански хор... Тоа ја  крева гордоста на нашиот македонски идентитет, наспроти вековното негирање од многу страни.

Во поновото време, 70тите – 80тите, беше престиж да се биде член на „Мирче Ацев“, на „Кочо Рацин“ на младинските хорови на Запро Запров , на детските на Александар Џамбазов, а за Радио-хорот и за Хорот на Операта да не зборуваме. Концертите беа доживување, за кои се зборуваше. На мајските оперски вечери се даваа по 12 оперски претстави, плус 1-2 балетски, имаше и вечер на млади оперски надежи. Сега, се даваат 4 претстави на кои само на првата и на последната има по некоја публика, а на тие во „средината“ речиси не доаѓа никој.

„Дека е конфликто?“, што велеше скопската легенда, еден од најдобирте угостители (Клуб „Париз“ – Трговски Центар)  популарниот Васе Урдин.

„Конфликто“ е во алчноста за пари на властите во кутурата и на целата властодржна вертикала, што треба да го оддржат општественото парче култура на барем пристојно ниво, потоа клиентелизмот што го наметнуваат политичките партии, па младите се залетуваат во нивните локални, маалски, штабови, гледајќи во тоа можност за егзистенцијален напредок. Колку ли добри гласови се арчат во јалови и здодевни дискусии во тие општински штабови, наместо на сцената на некој хорски концерт. Никој не помислил на вредностите и на придобивките од побогата и поразновидна културна содржина, а не за финасирање во таа животно важна сфера. Напротив, преку Министерството за култура, пред неколку години, се провлече еден проект со чие финасирање од иднината на младите беа „одземени“ речиси милијадра евра, наместо да ја финасира културата во сите нејзини вистински уметнички облици и појавни форми.

Парите во културата и денеска се расфрлаат без контрола, а резулатите се никави. Една од инситуциите во која се фрлаат пари без покритие е - Македонската опера и балет. На времето, еден диригент работеше за 6 души: хор- мајстор, корепетитор на вокални и на инструментални солисти и диригент на оперски дела... за една единствена палата. Сега на сите тие места има вработено посебен човек што подразбира 6 плати. Освен тоа, во Операта има епизодни солисти кои со години немаат отпеано ни еден тон на сцената. Театарскиот живот подразбира недоаѓање на работа ако немаш проба, па така многумина го имаат заборавено патот до театарот, а многумина можеби мислат дека операта се уште се наоѓа во стариот објект - сегашниот театар „Комедија“. Нивната просечна плата изнесува околу 35 - 40 000 денари и тоа со официјален годишен одмор од 3 месеци. Сите светски оперски куќи за ваквите потреби ангажираат пејачи по потреба, со договор на дело, по направена аудиција. Само кај нас не се смени начинот на работа: Операта остана да работи по социјалистички модел. Значи, за „утки“ има пари, а за хорскиот аматеризам, кој привелкуваше генерации и генерации млади и возрасни граѓани, за еден солиден градски хор, кој сигурно ќе знае да ја испее химната и кому нема да му се случи да ја заборави втората строфа, најважната за нас - пари нема. И не знам зошто дојде мода еден пејач да ја пее химната, без оркестарска придружба и секогаш тоа звучи суво и фалш.

Слична државна куќа во која има многу џаболебари е Македонската радио телевизија, која уште во 2003та го распушти својот надалеку прочуен хор. „Хорот на Радио-телевизија“ (така се викаше) во фонотеката има оставено снимки со дела на најголемите домашни и светски композитори во траење од стотици часови, кои никаде не се емитуваат, со тоа таа музика не се популаризира, полесно е да се слушаат „лесни ноти“. Таа куќа, не само Радио-хорот, туку ги распушти и „биг бендот“, чалгиите, народниот орекстар, камерните состави и така нејзината сопствена продукција беше угасната. Патем да спомнеме дека во оваа куќа отсекогаш имало измислени работни места, како „манипулант“, „продуцент“, „кабломан“, „асистент на асистентот“, „носач на скоп“ ... а за адимистативниот сектор и да не зборуваме... Сега ситуацијата е најлоша, има „новинари“ кои со години не доаѓаат на работа, а земаат големи плати на пример 30-40 000 денари, нивната продукција е 0, а куќата има договори за реализација на таканаречени „проекти“ со надворешни продукции. Со ова прашање мора да се позанимава Државниот ревизор.

За критика на прекубројните вработувања во јавниот сектор, (200 илјади) потрошивме тони мастило, ништо не се менува, таму се фрлаат милијарди во бунар. Никому не му текнува за културата, особено не за хорското пеење. Со дел од тие пари можеа солидно да се финасираат основните потреби на сите аматерски хорови -  сала, реквизити, греење, ладење, да се плати диригентот и режиските трошоци.

По петочниот концерт на „Франце Прешерн“, со маестро Шопов (83 години) седнавме на кафе-муабет и неговиот аманет од длабочината на неговото срце и на неговото уметничко credo, гласеше : „Хорот „Вардар“ мора да заживее и да живее“. Заклучокот на муабетот беше дека еден главен град нема свој хор, не само за церемонијални потреби, туку и за умтенички. Хоровите „Миреч Ацев“, „Кочо Рацин“ одамна дишат на жабри, дај боже сите да се обноват и да се ревитализираат, но името „Вардар“ значи континуитет на привот градки скопски хор, со кого градот се гордеел. Под името „Вардар“ сега постои хор. Неговото постоење е проблематично и недефинирано.   

Но, аманетот на Шопов нема кој да го чуе. Никого „не го боли што таа црква се урива“ (Конески). До кого треба да стигне овој аманет? Логично би било – до градоначалникот, односно до сите македонски градоначалници, одговорни за своите градови. Сигурен сум дека секој градоначалник во денешно време што ќе го прочита овој текст ќе се смее саркастично. Зошто? Па, во хорското пеење нема јавни набавки, нема репроматеријали, нема лиење бронза, стиропор, бетон, асфалт и друго, - има чиста уметност за широки народни маси!

На овој уметнички терен има можност за работа на младите одлични македонски диригенти чии раце исто така ќе малаксаат ако не оддржуваат кондиција.

Стимулирањето на аматерската уметност, која во најголем број случаи раѓа професионална уметност, значи напластување културните слоеви, зголемување на лепезата за избор на ангажманот на младите луѓе и на нивната креативност.

Младината изебега не само во потрга по подобар еконосмки живот, туку и од сувопарноста, од празнотијата на духовниот живот. Нема никава соджина, на шундот му се даде максимална слобода во просторот и тоа најмногу на увезениот шунд. Младите го изгубија чулото за вкус за избор на квалитетна музика. Виситнската музика, таа што се изучува на сите светски музички факултети, се спознава преку допирот со неа токму во тие друштва. Да не зборуваме за можноста за раѓање љубови и, како последица на тоа, зголемување на наталитетот. Еден од најлесните и најевтините начини да се излезе од земјата, да се прошета по европските метрополи, да се дојде во допир со европската култура, е токму членувањето во музичките друштва. Потоа, таа култура да се донесе дома, па во тој багаж да се донесе барем едно зрнце од таа цивилизација во средината во која живееме. Со гасењето на таа можност, се повеќе му се дава простор на примитивизмот, на провинциското однесување и начин на живот. Тешката економка криза што го сроза нашиот животен стандард, драстично им ја намали можноста на младите за туристичко патување и за откривање на европските вредности, па  евроскептицизмот почна да се прима како мантра. Огромниот број млади отидоа само во еден правец.  

Дали е мотивот на животот само трката по пари?  Индивидуално, нека е!, Но, каде е општествената одговорност која се спомнува само како морална обврска на еконските субјекти. 

Држава што не ја негува својата и светската уметност - нема идентитет. Околу нас има соседи што ја имаат сфатено оваа аксиома, па, и покрај тешката економска ситуација, не попуштаат во културата, па после никој не ни е виновен што не’ „освојуваат“ со своите дострели и со отменоста во изразот.