Има ли Алена Незиревиќ, или Анези, како најмногу ја знаат, рецепт за успех како се прави музичка кариера? Кој знае, но нејзе коцкичките едноставно и се склопија. Иако со музиката е уште од мали нозе, на професионалната сцена стапна со 17 години, а значителна помош во кариерата и беше учеството во големото реално-шоу Big Brother Хрватска. Како што самата кажа – тоа и заштеди многу време и пари, што на 30 години е голем благодет.

Нејзиниот исклучителен музички талент го препознаа од дискографската куќа „Менарт“, кои неодамна го објавија нејзиниот албум, првенец – двојното цеде „Има 100 причини“, кој веќе првата недела откако се најде во продажба го зазеде вицешампионското место, веднаш зад големиот Тончи Хуљиќ.

Ова е, со зборовите на Анези, само една од причините за разговор со неа…

Приказната звучи прекрасно: „Мало девојче, од малото историско гратче Врсар, кое пристигна во Загреб со многу големи соништа“, со нејзиниот прв албум беше високо на листата на продажби на албуми во Хрватска. Веднаш зад Тончи Хуqиќ. Дали очекувавте ваков успех?

– Морам да признаам дека не. Иако, се разбира, малку луѓе денес имаат cd плеери, така што продажбата не е голема по бројност, но сепак е убаво признание токму затоа што во последните неколку години изградив нешто од нула. Но, за мене, ова е само првиот чекор што го испланирав…

Како би се претставиле на некој од Македонија, кој не знае многу за вас? Која е всушност Анези?

– Тешко е да се претставам, едноставно затоа што сум комплексна личност, но ќе пробам. Моето вистинско име е Алена Незиревиќ и од него произлезе уметничкото име Анези. Родена сум во Бања Лука, во Босна и Херцеговина, од каде потекнува татко ми, и цел живот пораснав во Хрватска, во Истра, во Врсар, од каде потекнува мајка ми.

Од осумгодишна возраст научив дека можам да пеам и веднаш го засакав пеењето. Тоа ги будеше најубавите чувства кај мене, така што на седумнаесет години започнав професионално да пеам на летните тераси на Истра. Во исто време, бев добра на училиште, па се запишав на Правниот факултет во Риека, но брзо сфатив дека пеењето ќе остане мојата единствена професија и дека дипломата само ќе виси на ѕидот.

Но, беше потребна храброст и поддршка од семејството, кое тогаш го немав, да започнам да ги снимам моите песни. Значи, најинтересна работа е што тој почеток на снимање траеше до моите триесетти. Тогаш е многу невообичаено да се започне јавна кариера, а штотуку следи најчудната работа од мојата биографија.

Сфатив дека немам доволно пари за да го промовирам моето лице пред пошироката јавност, до тој степен кој го посакував. Во 2018 година се појави реклама за пријавување во реалното шоу „Big Brother“. Бидејќи мојата личност е комплексна, како што реков, сметав дека тоа е тешко, но тоа е мојата единствена шанса да се промовирам. Ме прифатија. Истата година, по „Големиот брат“, продукцијата ме покани на ново реално шоу. Од шоубиз причини, решив да го прифатам и тоа. Набргу потоа, го потпишав првиот договор за снимање со „Менарт“. И сега, во 2021 година, излезе првиот албум.

За актуелниот албум „Има 100 причини“, би се рекло „прво, па машко“. Дебитирате со двоен албум, со многу снимки. Дали ова значи дека сте решиле максимално амбициозно да останете на сцената мошне долго?

– Во право сте – „прво, па машко“. Пораката е дека мислам многу сериозно и дека не планирам да се откажам од снимање на моите песни. Идејата за двојниот албум се појави спонтано и, спротивно на оваа ситуација со корона. Ме водеше онаа девиза: „Кога животот ќе ти даде лимон, направи лимонада“. На првото цеде се сите претходни студиски песни, со една нова, по која албумот е насловен „Има 100 причини“, и токму оваа песна отиде на годинешниот мошне ценет фестивал во Шибеник „Вечери на далматинскиот шансона“. А на второто цеде во живо се сите песни од првото. Сите тие се стилски комбинирани со аранжмани во живо, со бендот Gramophonix. Тоа е одличен материјал и многу сум горда на тоа.

Колку учеството во реално шоу ви помогна да одлучите да ги преземете музичките чекори?

– Многу, особено кога зборуваме за препознатливост пред поширока публика. Покрај тоа, осумдесет проценти од моите контакти во шоубизнисот ги имам благодарение дека бев во „Големиот брат.“ Сепак, таа има и своја друга страна од медалот, негативна, а тоа е дека на почетокот немате добра, кристална слика, само затоа што бевте во дел од такво шоу. Денес има премногу од овие реални формати, каде се појавуваат многу карактери кои се без врска.

Но, сметав на тоа и имав самодоверба дека ќе бидам исклучок, што ќе го потврди правилото на краткотрајни и инстант ѕвезди. Успеав во тоа, бидејќи трета година по ред сум континуирано во хрватските медиуми. Ме прифатија и како пејач и како личност со став, иако имаше многу малку шанси за тоа од моја страна. Ризик е да се влезе во реалност во денешно време, но повторувам, немав доволно пари за моите амбиции, а тоа беше начин бесплатно да го промовирам моето лице.

Што може да се научи од учество во Big Brother, на пример? Дали мислите дека тоа е клучно за успех во вашата кариера?

– Тоа беше многу клучно за мене, но јас сум многу специфична личност која има силна ментална сила и познава луѓе, и тоа беше токму она што беше клучно по напуштањето на реалноста, за медиумите да ме прифатат. И уште многу повеќе фактори. Значи, не би му препорачала никому да се впушти во овие авантури, бидејќи тие се многу ризични и човек може да излезе од нив многу психички исцрпен и оштетен.

Пеете од својата 17 година. Дали отсекогаш сте сакале да бидете дел од сцената? За што сонувавте тогаш

– Професионално пеам од мојата 17 година. Уште од мали нозе сонував да започнам да снимам свои песни, но животот одигра такви карти што тоа го започнав релативно доцна. Но, ќе ви кажам дека не ми е ни најмалку жал, бидејќи имам стратешка предност пред моите помлади колеги, и имав 30 години прекрасен живот без никаков стрес, исполнет со вистински пријатели и прекрасни ситуации. И сега е убаво, но е многу постресно и има поголема одговорност кога започнувате големи проекти. Но, едноставно, сакав чекор погоре во тој бизнис и не ми е жал што се впуштив во тоа.

Завршивте Правен факултет и како малку други на сцената, вие сте академски граѓанин. Сепак, никогаш не сте go практикувале право. Зошто?

– Тоа е точно. Не сум. Дури и кога студирав, сфатив дека нема да се занимавам со тоа и дека дипломата само ќе ми виси само на ѕидот. Зошто?! Па, одговорот е многу едноставен. Ова не е моја прва љубов. Пеењето беше и останува мојата најголема љубов, нешто што ги буди моите најубави чувства, и верувајте ми, вреди да се живее за такво нешто.

Што мислите за хрватската и регионалната музичка сцена воопшто? Што Ви се допаѓа?

– Хрватската сцена може да биде многу подобра. Шоу-бизнисот е скоро изгубен. Не ми се допаѓа тоа што забавната поп-музика, која некогаш беше многу добра со Дорис Драговиќ, „Магазин“, „Нови фосили“ и многу други, за малку ќе умреше. Нема забавни емисии од шоу-бизнисот што се мега-гледани. Има малку простор каде што можат да се претстават новите изведувачи. Сè е многу досадно. Шоубиз има на регионалната музичка сцена, особено во Србија. Тоа е за пофалба, но не ми се допаѓа фактот дека скоро сите пејачи изгледаат повеќе како да прават нешто друго освен пеење. Премногу се нагласува вештачкиот физички изглед. Има многу лажен сјај.

Кои се вашите планови за во иднина, во животот и кариерата?

– Како и секогаш – живејте љубов. Значи, продолжете да создавате музика, но исто така префрлете дел од вашиот фокус кон други видови љубов, оние кон вашиот партнер и кон детето. Значи, се надевам дека ќе се појави некој квалитетен маж што ќе го сакам, и сè друго ќе биде природен редослед на настаните. Сепак, морам да нагласам дека сум многу задоволна од самата себе, а кога човекот ќе го достигне ова, тој е тогаш подготвен и за нови предизвици.

Како една приморка, каква што сте Вие, ја преживеа короната и дали може вашиот Врсар да го замени Загреб?

– На лето, никогаш не можев да го заменам Врсар со Загреб. Цел живот сум била таму во текот на летото, покрај прекрасното море. Но, во есен, зима и пролет е полесно во Загреб, заради работа. Врсар е премало место, така што не дава можности за пејачка кариера.

Иван Беќковиќ