Домашното производство на електрична енергија, веќе не е најевтина варијанта за потребите на енергетскиот систем. Околностите во споредба со 2022 година се сменети, сега потребно е да се направи спецификација на трошоците на енергетскиот сектор за производство на електрична енергија и согласно економската логика да се утврди дели е поевтино да се произведува струја или да се набави од увоз, констатираат од Македонската енергетска асоцијација, кои заедно со Комората подготвија предлог мерки и решенија за надминување на енергетската криза.
.jpg)
-Државата направи големи пропусти во однос на големите компании, кои како локомотива на македонската економија претрпеа големи штети, особено извозно ориентираните. Затоа сега навреме нудиме концепт за поддршка со конкретни мерки и решенија за надминување на енергетската криза за да не се доведеме повторно во ситуација како лани чекајќи Владата да преземе мерки, компаниите да плаќаат. Вака претседателот на Стопанска комора на Македонија ја започна специјалната седница на Управниот одбор на Комората заедно со Македонската енергетска асоцијација (МЕА).
Зголемување на трошоците и до 470 проценти
А дека компаниите се најдоа во незавидна ситуација потврдуваат и резултатите од анкетно истражување за согледување на ефектите од енергетската криза што го спроведе Комората во изминатиот месец. Резултатите го покажуваат процентуалното зголемување на трошоците на компаниите од енергетската криза во 2022 во однос на 2021 година.
Анкетата била спроведена во 100 компании од различни сектори кои вработуваат повеќе од 45.171 лице. По секторски обработени податоци, компаниите во земјоделскиот-прехранбениот сектор покажале 100 процентн зголемување на трошоците. Додека 60 посто од компаниите во хемискиот сектор навеле дека тоа зголемување е над 250 проценти, но најголем раст на трошоците за енергија бележи металуршкиот сектор каде зголемувањето се движи и до 470 проценти.... Распонот во секторот угостителство и туризам се движи од 80 до 340 отсто, додека во текстилната и кожарската индустрија тој процент е само 25 проценти што се должи на малото учество на енергијата во финалната цена на производот. Причина за енормното зголемување на трошоците е плаќањето на високата цена од 180 евра за мегават час на електричната енергија...Компаниите покажале и загриженост и поради неконкурентноста на пазарот, што се должи на фактот што компаниите од другите држави работат со субвенционирани цени за енергија.
Или, како што истакна Азески, доколку лани не и верувале на Владата и компаниите сами се здружиле и набавиле електрична енергија таа ќе ги чинела по 118 евра за мегават час просечно. Поради што смета дека Владата треба да преземе одговорност, во спротивно компаниите можат и по судски пат да бараат надомест за штетите што ги претрпеле од неисполнетите владини ветувања.
Одговорност, како што кажа, треба да се побара и од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) заради издавањето на лиценци за трговија со електрична енергија на фирми со само 5.000 евра гаранција и дозволувањето трговците со струја да немаат никаква одговорност ако ги прекинат договорите за снабдување што ги имаат потпишано со компаниите.
Имајќи ги предвид сите овие недостатоци Комората смета дека е неопходно навреме да се искористи периодот за зголемување на обемот на домашно производство на електрична енергија и едукација во смисла на потрошувачката. Навремено да се планира набавката на потребните енергенси за потребите на енергетските компании. И како што вели Азески: „Верувам дека државата ќе ги сослуша овие предлози, а ние остануваме доследни и упорни максимално да ги докажеме тие наши предлог- мерки, решенија, ставови зашто се интерес на сите компании.“
Енергетската транзиција е скапа работа
Претседателот на Македонската енергетска асоцијација –МЕА, Анѓушев смета дека енергетската транзиција е скапа работа која будно треба да се следи, затоа што повеќе нема една цена на електричната енергија, и во текот на само еден ден варира и до 400 отсто. Тоа е нова реалност која бара да работиме во согласност со неа, мудро да се следат состојбите и планирано да се градат обновливи извори на енергија. Тоа е динамичен процес на кој треба да се адаптира и нашата држава, да се следи новиот пристап на економската логика, да не се купуваат скапи енергенси за домашно производство на енергија. Изградбата на фотоволтаици е спас, но само за производните компании, а може да биде и проблем од кој навреме треба да се браниме, вели Анѓушев. Тој образложи дека влогот од 700 милиони евра за изградба на фотоволтаици е голема ставка за нашата држава. Пари кои ќе треба да се враќаат, но ако се намали потрошувачката која директно влијае на цената на електричната енергија, тогаш враќањето на тие средства ќе биде проблем не само за корисниците туку и за целата економија. Во таа насока Асоцијацијата направила конкретни заклучоци, кои Анѓушев ги претстави како девет предлог решенија што и како да правиме во иднина.
„Прво да се следи и донесе одлука дали да се купува мазут и гас за производство на струја или директно да се увезе енергија. Значи енергетските капацитети да се пуштаат и гасат во различен период. Второ, фотоволтаиците кои работат само 20 отсто од времето во годината да се комбинираат со други видови на обновливи извори. Значи дисперзија на тоа портфолио на сите обновливи извори на енергија.
Според Анѓушев, потребно е да имаме реверзибилни електрани, како електраната Чебрен и Галиште и мали централи за баланс на цената на енергијата, да се откупува по ниска и продава по скапа цена. -Овој процес, кој можеби сега не дава резултати, заедно со батериски постројки се еден од комерцијалните начини за производство на енергија. Всушност потребна ни е легислатива и субвенции за изградба на батериски системи, како да се постават компаниите во зависност од технолошкиот процес за да се складира вишокот од електрична енергија, односно да се купува електричната енергија кога е по пониска цена и да ја продаваат кога ќе биде повисока“, вели претседателот на МЕА.
И продолжи:„Потребна е енергетска стратегија за да се утврди колку фотоволтаици може да издржи системот. Потоа Министерството за економија да се сертифицира во меѓународните тела за издавање на зелени сертификати – кои ќе носат пари во буџетот. Многу е важно да профункционира берзата за електрична енергија, а која за да биде ликвидна потребно е да се донесе одлука сите државни компании да купуваат енергија преку неа, а не со билатерални договори. Тогаш ќе нема тендери, сомнителни договори, туку сите на ист начин ќе набавуваат енергија. Исто така треба да се стават во функција и гасоводните магистрали и да започне процесот на дистрибуција низ градовите иако во старт ќе има висока цена.“ Според Анѓушев, иако за нас изгледа далеку, сепак во стратегијата треба да се предвиди поставувањето на постројки за хидроген, како и за изградба на капацитети за производство на хидроген кои ќе работат во периодот кога е евтина електричната енергија. Тој е сигурен дека времето за користењето на хидрогенот е иднина, исто како што не верувавме дека автомобилите ќе возат на електрична енергија.
Ова се предлог мерките за справување со енергетска криза во новата реалност кои стопанствениците побараа Владата да ги разгледа и да ги поддржи компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија, а не да ги остава сами да се снаоѓаат и да си ги решаваат проблемите. Доколку државата до јуни не им даде конкретни гаранции, тогаш компаниите сами ќе се здружат и ќе набават електрична енергија, порачаа од бизнис заедницата од специјалната седница на Управниот одбор на Стопанската комора.
Заклучокот од оваа специјална седница е дека Комората навремено согледува, алармира и очекува конкретни предвидувања и решенија кои ги предлага МЕА навремено да се преземат со цел да се спречи евентуално нова енергетска криза.