Во Македонија, за разлика од Европа, институциите немаат мапа на црни точки на патиштата, кои треба да го дадат одговорот на прашањето каде и зошто најмногу се случуваат сообраќајни несреќи. Причината за тоа е што Министерството за внатрешни работи го нема имплементирано КАДАС - системот, своевидна дата база која треба да е поврзана со Јавното претпријатие за државни патишта за размена на податоци, со цел да се утврди дали и која локација ќе биде обележана како црна точка. 

Сепак, полицијата ги посочува новите експресни делници Штип - Кочани и Штип - Радовиш како патишта каде во тековната година најмногу се губат човечки животи на патиштата. 

Меѓутоа, податоци за други критични места на патиштата во Македонија нема. 

Според податоците, 60 насто од сите сообраќајни несреќи им се препишува на брзото возење. За една година, полицијата напишала 250.000 казни. 

Во земјава во просек годишно на македонските патишта животот го оставаат 65 жртви на еден милион жители. Тоа е за една четвртина повеќе од земјите во Европската унија. 

Во просек, две до четири деца годишно го губат животот во сообраќајни несреќи.

Како најголем причинител на несреќите е човечкиот фактор, а во мал број случаи спаѓаат состојбата на превозните средства и условите на патот. 

Поголемиот дел Македонци возат половни автомобили 

Само 9.999 граѓани и компании се подновиле со нови автомобили, купени преку дилерски компании во изминатата 2023 година, покажуваат статистичките податоци на Царинската управа. Математички, ова се 1.209 нови автомобили повеќе во споредба со 2022 година. 

Вкупниот увоз на стари автомобили е за дури пет ипол пати пати поголем од увозот на нови. Во последниве пет години, во периодот од 2019 година - 2023 година, увезени се околу 177 илјади половни, наспроти 28 илјади нови. Просечната старост на возилата на македонските патишта е 20 години, а над 170 илјади се од минатиот век, покажува статистиката на Царинската управа. 

Според ЕУ стандардите, пак, македонските патишта имаат просечна оценка од три ѕвезди од вкупно можни пет. Македонија стагнира во изградбата на нови патни делници, а оние кои се започнати пред повеќе години се уште стојат недоизградени. 

„Инфраструктурната мрежа на централно и локално ниво е доста разгранета. Но, состојбата и квалитетот на коловозната мрежа е во лоша состојба. Она што треба да се прави е подобрување на квалитетот на коловозите, квалитетот на сигнализацијата, за да на тој начин се делува за подобрување на безбедноста“, смета Јасмина Буневска - Талевска, редовна професорка на Техничкиот факултет во Битола.

Србија со огромна смртност на патиштата

Преку Коридорот 10, кој ги поврзува Македонија и Србија, во летниот период на дневно ниво го поминуваат и преку 100.000 возила. Сепак, во изминатата година, бројот на сообраќајни незгоди на овој транзитен правец е намален за 37 насто. 

Во 2022 година, во Србија на патиштата загинале дури 502 лица, додека во 2011 година - висока бројка од 731 лице. Бројот на возилата во Србија во 2011 година изнесувал 1,8 милиони и пораснал на 2,7 милиони возила во 2022 година.

Најмалку загинати во сообраќајни несреќи, 22 на еден милион жители годишно има Шведска, околу 30 имаат другите балтички земји и Швајцарија, во Централна Европа просекот е околу 45, а просекот во Западен Балкан е околу 70, додека во Македонија е 65, но најмногу има Романија со 86.

Најбезбедна држава на Балканот е Косово која има 55.