Беовизија V.S. Сковизија (катастровизија)

Беовизијата (изборот на песна на Србија за Евровизија) нема друга оценка, освен 10! Секој што ќе даде пониска оценка, или ќе ја даде од злоба, или нема изграден вкус за сите квалитети што ги понуди ова шоу. Ништо не се разликуваше од светските слични на него, американски, германски, италијански, евровизиски итн.

Вистинските „гурмани“, се насладуваа на се, немаше ниеден пропуст. Првин, траеше три вечери по 3,5 часа. Водителите - умерени во сета своја срдечност и шармантност, со брза и остра мисла, добро осмислено сценарио кое ништо му немаше оставено на случајот. Дури и „квизот“ беше така добро направен (сите одговори беа точни!), што публката не можеше да поверува дека е подготвен.

За квалитетот на песните и за изборот на песната – се изјасни публиката и стручното жири, затоа тоа нема да биде тема на овој текст.

Вистинските пријатиели и музички сладокусци, искрено се радуваат на успехот на уметниците од сите земји, како и од соседните. Уметноста е на сите, таа нема гараници, па затоа можат да ја „конзумираат“ сите, да пијат во нејзино име, да плачат и да се веселат. Дај боже сите да одат напред, човештвото да создава само големи дела, а не деструкции и војни.

Оттука ме изеде јанѕа: каде е во тој намирисан, елегантен и екстравагантен свет Македонија? Слободно можам да речам - никаде и за никаде!

Нашиот избор за песна за Евровизијата, оддржан пред еден месец, траеше 42 минути. Личеше на партизанска приредба, организирана меѓу две битки, во некоја скривница во Горно Врановци, како во воени услови, на аматерски подиум од букови штици, со излитено ќебе како зафеса, без никаков гламур, никаква натпреварувачка атмосфера, никаква радост ниту воодушевување. Водители без фаци, без израз, без марканција, без слободен говор, на кои никој не може да им ги запамети имињата, со тупави гестикулации, чија нескромност е далеку над нивните изразни можности. Костимите – униформи, во духот на моментот. Да се разбереме, сите мораат да сфатат дека телевизијата бара/сака луѓе со специфични дарби и вештини и за пред камерата и зад неа. Тоа е светски закон во овој бизнис што се применува во секоја сериозна телевизија и тука „нема љутиш“! Таа е најголема сцена, поголема и од филмската и од театарската. Пикањето несоодветни кадри во неа – ги прави самите нив карикатурални кукли, смешни, неубедливи и недоверчиви.

Ова што го видовме на Беовизија, не’ акна од земја, ни даде до знаење дека нашите чизми се длабоко заглибени во провинциската кал. По некој, можеби се обидува со тешка мака да ги извади, една по една, но не може. Таа го влече надолу. Провинциската кал не е обична кал, таа е систем, таа е системска, таа се гази и се обновува последниве три  децении, а штом ќе се засуши, ќе се најде некој што ќе дотури вода, за таа пак да стане лигаво-мека и да влече надолу. Занаетот на тој „некој“ се вика -  КАЛЏИЈА. Таа кал е замешана од конкретни личности, од директори, од премиери, од висиоки функционери, партиски лидери, погрешни министри, медиуми без транспарентен уредувачки состав, директори на театри со сомнителни биографии, буквално наглуви приватни продуценти, фондови за уметноста чии пари не одат на вистинското место, неталентирани пејачи, кичерајски естрадни изданија, како наши автентични модели.

МРТВ, системски уништен од македонските калџии


Со МРТВ (по дефиниција организатор на изборот на песната за Евровизијата, како членка на Европската ТВ-асоцијација)  од етаблирањето на повеќепартискиот политички систем, (каков апсурд!), наместо да се демократизира, да се ослободи од идеолошката лушпа, да напредува, се случи обратното: системски и систематски се уништува, тоне ли тоне! Најдолго на чело на оваа куќа, од нејзиното основање до денес, се наоѓа актуелното раководство кое на власт е од  2006 година, па, по аналогија, најголемата „заслуга“ може да му се припише нему. За овие години се сменија купишта влади, собраниски состави, комисии, во кои продефилираа безброј дрпачи на службени патни дневници, корисници на службени возила и на платежни картички за во ресторани, ама никому око не му трепна за МРТВ. Информативниот систем, системски уништен од македонските калџии.

Дали некој во МРТВ, гледајќи ја Беовизијата се праша колку сме далеку од неа и дали можеме во следните 100 години да организираме вакво нешто и да го имаме тоа ниво што го видовме на РТС, со која некогаш бевме во ист РТВ-систем. Ниту се прашал, ниту му е гајле!

На сите раководства им беше гајле само - како да направат шема со партиите, потоа со приватните продукции, формирани со „намигнување“ за правење ујдурми да се платат таканаречени „проекти“ со безврска содржина, да се лапаат измислени додатоци на платата, најмалку двојно повисиоки од самата плата, да се пикне куќата во долгови (според извештаите на Државниот завод за ревизија), да се придобие синдикалната организација и да се замолчи, кадровско уништување со огромна дупка, трошење огромни пари без никави резултати, патување на огромни тимови на „главната“ Евровизија, на чело со директорите и нивните љубимици, поставување шефови на евровизиските тимови - поранешни музички илустратори, без капацитет за водење програмска и евровизиска политика.

Најголема болка, во музичкиот контекст, е „смртта“ на продукцијата на забавна и народна музика. Таа под земја повлече или абортира многу идеи, многу песни останаа во фиоките или ненапишани и така нашата забава и тв-култура закржлаве и остана на ниво на ембрион, уште попочетничка од 1964 година, кога почна да зрачи ТВС, но тогаш имаше потенцијал за многу брз напредок, поради огромниот ентузијазам, одличната селекција на кадрите, луѓето на вистински места и фаќање брз чекор со покултурните народи во заеничката држава.

Беовизија V.S. Сковизија (катастровизија)

РТС во последниве години има гледаност над 90-95 проценти, а МРТВ ни  пет проценти. Никој не бара одговорност од никого за билансот од тоа што се инвестира и - гледаноста како еквивалент, што е основен принцип за контрола на односот меѓу вложеното и добиеното.

Сега, како последица на сето ова, дојде време: „Кој е будала да „тупи мозок“ да компонира или да пишува сценарија? Сето тоа доаѓа од увоз, па што ќе ни е домашна ракотворба! Ние ќе прифатиме се’ и нема да бидеме тоа што сме, зашто така е полесно. Нема потреба на светот да му се претставуваме кои сме и што сме, светот работи за нас!“

Така, сега, ситуацијата е безнадежна. И веднаш да се преземат мерки, а нема, ќе ни требаат 100-тина години да го направиме ова шоу како Беовизија, но тогаш Беовизија ќе се емитува веројатно од некој природен земјин сателит.

Бране Стефановски