Нема место на светот за кое некој може да рече дека не е убаво. Сите места се убави на свој начин, особено ако се работи за родното место, тогаш сигурно дека тие што потекнуваат од таму ќе речат дека тоа е најубавото место на светот.

Но, има места за кои никој не може да рече дека не се убави. Такво е Берово. Всушност, тоа е едно од нашите најубави места. Берово се наоѓа 161 км од Скопје, 47 км од Струмица и 52 км од Кочани. До него, од Скопје, се стигнува преку Свети Николе, Кочани и Виница, по добри патишта. Берово е сместено под падините на Малешевските Планини, чии општински граници се простираат на површина од 598 км2. Во негова близина се наоѓа и Беровското Езеро. Малешевската котлина се простира на 846 метри надморска височина. Богатство од букови, борови, дабови шуми го имаат одредено и неговото име "малеш - планина".

Поради недопрената природа и чистиот воздух, претставува поволно место за развој на туризмот. Околу езерото изградени се неколку туристички капацитети. Особена популарност ова место стекна со изградбата на модерниот ресорт со неколку стислки градби направени со камен со базени и со други луксузни простори, потоа со градбата на многу приватни вили, капацитети за издавање, исто така градени според соодветниот амбиент.

Најголем адут на овој простор е чистиот воздух, за кого ние сите сме страдни и сакаме да го најдеме, затоа што во големите градови од него страдаме, дури и умираме. Берово е неземенливо и неспоредливо со другите туристички центири, токму поради тоа – можеби е „најконкурентно“ со чистиот воздух.

Но, има неколку детали што ја заматуваат сликата за овој рај, а тоа се остатоците од старите напуштени градби за кои човек се прашува чии се, зошто се оставени така на времето, како -  детското одмаралиште, други објекти што  биле во „општествена сопственост“, дали се приватизирани, или не, кој е стопанот, зошто се оставни така за да ја грдат сликата, да осватаат впечаток на негрижа, да сеќаваат на некои старо време, наместо да се вклопат во новиот тренд и да се понудат на висока странска клиентела, која сигурно го бара овој рај и воздух за своите респираторни маки и проблеми. 

Некако, Берово е настрана од „коридорот“ север- југ, по кого итаат северните туристи или кон Грција или кон Охрид. Слободно можеме да речеме дека Берово уште не е добро испромовирано како „задолжителна“ дестинација во севкупната македонска понуда, која мора да се посети , да се видат шумите, да се дише воздхот, да се види езерото, да се проба беровскиот мед, сирењето и компирот. Зашто, не секогаш туристите бараат море, ниту врева, сигурно дека огроемн број го сакаат беровскиот мир, но не знаат како да го најдат.

Според науката, Берово има умерено-континентална клима, со модификација на климата во високите планински и рамнински делови. Има значително пониска средна годишна температура на воздухот од подрачјата на иста надморска височина во поширокиот дел на оваа котлина. На надморска височина од 800 м, средната годишна температура изнесува 11,1 °C , а во Берово 8,7 °C.

Интересна работа е што, како ретко каде, во Берово и беровско можат да се видат и интересни споменици на културата и на христијанската религија, како манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Берово и манастирот „Успение на Пресвета Богородица“. Берово има четири цркви, две капелни цркви плус една црквичка во месноста Туртела, во која монахињите од манастирот "Свети Архангел Михаил" поседувале манастирски имот, на кој чувале добиток, а во црквичката служеле богослужба. Беровскиот манастир Св.,,Архангел Михаил“, и женската сестринска задница одиграле голема улога во духовноста, просветеноста и слободарските идеи на народот во Малешевијата. Најстара од четирите цркви e манастирската, која се наоѓа во комплексот "Свети Архангел Михаил". Потоа, во крајниот горен дел на градот се наоѓа црквата "Света Богородица", а во центарот постои исто така убава црква која го носи името "Света Богородица". Во сосема крајниот северен дел на градот, кај градските гробишта, се наоѓа црквата "Свети Тодор", а двете капелни црквички се наоѓаат исто така во крајниот југоисточен дел на Берово и тоа "Свети Ѓорѓи" и "Света Богородица". Сите цркви се градени во 18 и почетокот на 19 век. Најуредена во внатрешниот дел е црквата во манастирскиот комплекс "Свети Архангел Михаил". Иконостасите се изработувани од страна на прочуените дрворесци Ацко Арнаутов, Атанас Соколов и Коста Павлов. Иконите се творба на далеку познатиот зограф од Берово Гаврил Атанасов, кој занаетот го изучил во Света Гора. Во 2013 година поставен е камен темелник на црквата „Св. Гаврил Лесновски“.[7]

Манастирот "Св. Архангел" што се наоѓа во Берово е единствениот манастир кај нас во кој непрекинато се одвива монашки живот веќе 153 години, токму онолку колку што се стари и конаците. Манастирот е женски, а монаштвото го започнала сестра Евгенија во 1848 година. За изградбата на црквата "Св. Богородица" и зачетоците на сестринството во манастирот, во Берово се раскажува легенда за која дури и црквата вели дека е вистинска случка.

На ова место имало црква посветена на успението на Пресвета Богородица која била обновена и прилагодена за монашки живот, па со тоа е преобразена во Манастир. Во 2002 година, од Водочкиот манастир со благослов на владиката Наум, се доселило тричлено братство. Така, прв пат во Берово беа ставени почетоците на машкото монаштво. Самото наоѓалиште има посебно значење за беровчани, како место на поклонение и молитвено почитување на Пресвета Богородица.

Ова место има и уште поголем потенцијал за развој, но никако да тргне коридорот во правец исток- запад, за кој со децении се прават обиди да се пробие. Со планот за  изградба на граничен премин кон Бугарија, Берово би се поврзало со Сандански, значително би се подобрило стопанството на целиот регион и можноста за уште поголем туристички интерес за туристите од истокот.