Првата збирка поезија „Ментален простор“ веројатно ја имаат само неговите пријатели, но затоа неговата следната книга, романот „Очи со боја на чевли“ доживеа неколку изданија откако влезе во најтесниот избор за „Роман на годината“ во 2014 година. Наградата му се лизна од раце таа година, за неговиот втор роман „Телото во кое треба да се живее“ да му ја освои следната 2015-та. А таа му отвори врата за излез надвор од земјава, па „Очи“ беше преведен на бугарски, а него почнаа да го повикуваат на повеќе писателски резиденции и фестивалски гостувања, кои, како што вели, му даваат кислород за живот.

Токму едно такво гостување во Словенија, на 34. фестивал „Виленица“, кој се одржуваше од 10 до 15 септември, беше повод за ова интервју.

Само што се врати од фестивалот „Виленица“ во Словенија. Како помина, какви ти се впечатоците од фестивалот?

Фестивалот се состоеше претежно од читања на мајчин јазик, но интересно е што се случува низ повеќе градови во Словенија, а не само во Љубљана, ја нема централизацијата на културата што ја има кај нас. Значи, во секој град има читања, а покрај читањата има и дебати. Темата на фестивалот оваа година беше автобиографија, односно „Его и фабула“, како што гласеше. Имаше учесници од дваесетина земји од цел свет.

Фестивалите и гостувањата од овој тип се одлична можност, особено за нас кои доаѓаме од вакви клаустрофобични средини, од мали јазици каде што читателската публика е ограничена, тиражите се мали… тие се одлична можност да се слушне и нашиот глас надвор и можеби така некого да заинтересираме и за некој нов превод и за некое идно гостување. Мене лично овие гостувања ми даваат кислород за живот.

Изминативе две-три години имаше многу гостувања надвор на Македонија, а престојуваше и на неколку писателски резиденции. Кое од нив ти е најзначајно искуство?

Само годинава имав две гостувања, едното во Украина и сега ова во Словенија, а во ноември со уште тројца македонски писатели заминуваме во Истанбул, на книжевна вечер што ја организира Македонскиот културен центар во Турција.

Сум престојувал на четири резиденции и тоа во: Приштина, Виена, Цетиње и Сараево. Најдобро искуство ми е престојот во Цетиње, каде што многу пишував – го напишав речиси половина од романот „Страв од варвари“. На другите немав напишано ништо, а целта на резиденциите е токму тоа, особено за нас кои доаѓаме од земји каде што не може да се живее од пишување. Тоа ти е одлична можност: еден месец да имаш сам со себе и да се посветиш на тоа што сакаш да го пишуваш. На другите резиденции едноставно не ми беше моментот, немав инспирација. Искрено, не верував ни дека во Цетиње ќе се случи тоа. Но тоа не можеш да го планираш.

Што беше поразлично во Цетиње?

Мислам дека беше до морето, затоа што беше во близина.

Па, да, ти на море, на Крит ги пишуваше и претходните романи. Очигледно на море си писателот што пишува, а на копно писателот што размислува. Какви се твоите ставови во врска со статусот на писателите во општеството, која треба да биде нивната улога во него?

Имам кажано дека книжевноста не може да го промени светот, но може да го промени светот на поединецот, така што сметам дека писателот треба постојано да биде критичар на општеството. Меѓу другото, тоа е и улогата на културата. Треба постојано да биде буден, да следи што се случува, не само во земјата каде што живее, туку и во светот. Има писатели кои се активни, кои го прават тоа, но има и писатели кои ја избираат полесната, покомфорната позиција на премолчување.

Како во нашава средина писателот да успее и целосно да се реализира себеси, да ги следи случувањата во општеството, да го критикува тоа што не чини, и да заработува за живот од пишување?

Крајно фрустрирачки е моментот кога, дали ќе издадете книга или не, ви зависи од тоа дали Министерството за култура ќе ви даде пари или не. Со оглед на тоа што кај нас не може да се живее од продажба и дека и на самите издавачи едноставно им е неисплатливо да те финансираат ако не добијат поддршка од министерството… не знам навистина како би се решило тоа во маливе земји… тоа е голем проблем… пак ќе се вратиме на финансирање од државата, нема друга опција…

Каков е односот на квантитетот и квалитетот на културно-книжевните настани кај нас?

Не можеме да кажеме дека немаме културна сцена, но трагично е што сè што се случува се случува во Скопје. Во помалите градови речиси и да не постои култура, освен можеби по некој фестивал, како „Денови на комедијата“ во Куманово, „Војдан Чернодрински“ во Прилеп или некои културни лета во другите градови. Сè е концентрирано во Скопје. Дека постои интерес за културата, постои, онолку колку што постои секаде.

Со оглед на тоа што ние немаме некоја долга културна ниту книжевна традиција, можеме да кажеме дека ете сепак имаме достигнато некое ниво рамо до рамо со нивото од регионот.

Кој културен настан или проект сметаш дека ги заслужува твоите пофалби?

Ми се допаѓа замислата на проектот „Reading Balkans“ на „Традуки“ и тоа вмрежување на културите. „Reading Balkans“ дава одлична можност за претставување на писателите од регионот преку резиденции и книжевни вечери и сметам дека такви проекти ни се повеќе потребни.

Да имаш волшебно стапче (читај моќ!), што би променил во нашето општество?

Да имам моќ, дефинитивно би направил промени поврзани со културата: подобар однос кон културата, посериозно сфаќање на културата. Самиот избор на претходните двајца министри кажува каков однос кон културата имаме. Доаѓаат од други сектори, тоа се луѓе кои не се запознаваат со проблемите на културата. Не може некој што доаѓа од здравство или што е инженер да ги знае проблемите на културата. Постојано се ставаат погрешни луѓе на погрешни места. Ете, тоа е можеби нешто што би го променил.

А ако треба стапчето да го впериш кон издаваштвото?

Со оглед на тоа дека сите издавачки куќи се приватни, секој си ја уредува својата издавачка политика, секој работи онака како што мисли дека тоа е најдобро. Сметам дека имаме супер издавачи, супер изданија. Секогаш го има и она што лично јас како читател не би го одбрал, ама кога ќе видиме дека за жал од тоа живеат голем дел од издавачите, го разбирам и тоа.

Зошто немаме книжевна критика?

Па, затоа што си се знаеме сите меѓу себе и го имаме главниот проблем: ако напишам за тој и тој нешто негативно, утре нема да ми каже здраво на улица. Мислам дека тоа е главниот проблем.

Ти лично го имаш тој проблем?

Како мислиш?

Па, еве, како би реагирал ти ако некој се обиде да аргументира бранејќи го својот став дека твоите дела се безвредни и плитки?

Јас сакам тоа да се случи. Реално, никогаш не ти е убаво кога ќе слушнеш негативна критика, но од друга страна сосема нормално е тоа што го работиш да не им се допаѓа на сите. Доколку на сите би им се допаѓало, би било навистина чудно и тогаш би се запрашал дали воопшто треба да продолжам да работам?

Ја имаш добиено најзначајната награда за проза во Македонија, Роман на годината. Циниците би рекле смешни ви се тие наградички што вие писателите си ги давате, т.е. местите едни на други. Што би рекол ти?

Па не би рекол дека сите награди си ги даваме или си ги местиме едни на друг. Секако, постојат и такви награди. Она што ја издвојува „Роман на годината“ е токму тоа. Јас сум бил и во улога на тој што ја добил наградата и во улога на тој што е во жири. Значи, како претседател на комисија не сум имал никакви притисоци и никогаш никој не ми има кажано ниту јас некому сум му кажувал за кого да гласа. Гласањето било тајно, секој си гласал според сопствени убедувања… а тоа е нешто индивидуално – тоа што мене ми се допаѓа може на друг не му се допаѓа. И ако јас сум пристрасен кон некого, другиот не е. Тоа го има кај секоја награда, и за Нобелова награда, не е само кај нас…

А наградите во суштина се одличен маркетинг, наградите се тие што продаваат книги, што ги зголемуваат тиражите, без наградите исто како да не постоиш.

Ах, тој маркетинг 🙂

Мислам дека и македонските издавачи и македонските писатели допрва треба да сфатат дека и книжевноста веќе одамна е шоу-бизнис и дека веќе без маркетинг ништо не правиме.

Ако е шоу-бизнис, дали е уметност?

Шоу-бизнис под наводници. А дали е уметност ќе се покаже кога ќе помине време. Времето е најдобар критичар.

Ти се пишува ли сега? Пишуваш ли?

Да, по малку, пишувам нов роман со работен наслов „Неверство“

Има некаква врска со „Неверство“ на Пинтер?

Делумно.

Повеќе те инспирираат вистински или измислени ликови?

Единствено се инспирирам од книгите што ги читам. Секогаш себеси сум се доживувал првенствено како читател а потоа како писател. Да не сакав да читам, најверојатно никогаш немаше ни да почнам да пишувам.

Кои ти се тројца автори или дела што ептен, ептен ги обожаваш – од кои се воодушевуваш како читател, се инспирираш како писател и би ги препорачал за читање?

Тоа секогаш ми се менува, освен Кундера кој редовно ми се задржува. Во последно време открив еден куп нови писатели, како на пример Елизабет Страут, Казуо Ишигуро… На многу малку книги им се навраќам и ги препрочитувам од страв дека првичниот впечаток ќе ми исчезне со второ читање.

Најтешкото прашање за на крај 🙂 Кој е најдобриот македонски жив писател?

Оливера Николова.

Фотографии: Наташа Атанасова